Свет
Филмски грабеж на автопат во Романија, ограбувале камиони полни со стока
Романска банда, која ограбувала камиони додека со огромна брзина возеле по автопатиштата, е фатена за време на операција, без преседан. Во акцијата учествувале полициите на пет земји, соопштиja Европол и романското Oбвинителство.
„За такви грабежи потребен е висок степен на уиграност“, се наведува во соопштението на Европол и се додава дека во рамките на полициската операција уапсени се 68 Романци.
Крадците ги бркале камионите со четири возила. Првото возило ќе се залепело за задниот дел на камионот и еден од крадците се извлекувал преку отвор на покривот на возилото и ги кршел бравите на задните врати од товарниот дел на камионот. Потоа ги отворал вратите, ја вадел стоката од камионот и им ја додавал на своите соработници.
Припадниците на бандата во другите три возила го забавувале камионот.
„Често возачите на ограбени камиони и други возачи не биле ни свесни што се случило“, соопшти Европол и оцени дека кражбите потсетуваат на американските акциони филмови „фаст енд фјуриос“.
На тој начин бандата украла стока од над 10 милиони евра во речиси 150 напади, особено ноќе, и тоа во Франција, Белгија, Финска и во Холандија.
Во акцијата претресени се 73 адреси во Букурешт и во уште пет места во Романија, каде што се најдени: стотина телефони и лаптопи, луксузна козметика, облека и обувки, како и три луксузни автомобили.
Триесетина други припадници на бандата изминативе месеци се уапсени во Франција, Шпанија, Холандија и Шведска, додаде Европол.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Александар Вулин: Пријателството меѓу Србија и Кина е челик затоа што го ковавме во оган
Вицепремиерот на Србија, Александар Вулин, на промоцијата на културната размена меѓу Кина и Србија на тема „Што ги делат планините и реките, пријателството обединува“, изјави дека пријателството меѓу двете земји е челик бидејќи е ковано во оган и дека Србија и Кина се разделени за многу работи, но најважното ги обединува, а тоа е одлуката на две држави да бидат слободни.
„Пријателството на нашите лидери, претседателот Вучиќ и претседателот Си Џинпинг, не обврзува да сториме сè, исто како нив, за нашите народи да бидат поблиски отколку што нè прави блиски географијата или историјата. Србите и Кинезите ги дели сè, ние сме различни во сè, но нас нè обединува она најважното – нашата одлука да бидеме слободни, нашата посветеност на најважната карактеристика на народите и луѓето – слободата“, рече Вулин на настан организиран од China Media Group.
Свет
Професорите на Универзитетот во Амстердам протестираа во знак на солидарност со студентите
Наставниот кадар на Универзитетот во Амстердам одржа протест во знак на солидарност со студентите, чии демонстрации против војната во Газа претходно беа насилно расчистени од полициските сили.
Полицијата со булдожер ги урна барикадите и уапси околу 140 демонстранти, а постојано има судири меѓу безбедносните сили и студенти, пренесува Ројтерс.
„Учениците и вработените пријавиле употреба на полициски палки и кучиња, како и булдожери во обид на полицијата насилно да ги отстрани. Поради прекумерната употреба на насилство, луѓето се повредени“, велат од групата Холандски научници за Палестина.
Европа
Венеција заработи огромна сума на пари со наплата на влезници во градот за само 11 дена
Новововедениот билет за туристите на еднодневно патување во Венеција на градот му донесе приход од 975 илјади евра во првите 11 дена од пробниот период.
Билетот, кој првпат беше воведен на 25 април, се наплаќа по стандардна цена од пет евра.
Градот објави дека продал вкупно повеќе од 195.000 билети, што е малку над очекувањата, пренесува Независне новине.
Влезот ќе се наплаќа во повеќето саботи и недели до средината на јули, кога градот ќе ја разгледа цената.
Како општо правило, целодневните посетители помеѓу 8:30 и 16:00 часот се обврзани да платат влезница и да добијат QR код, кој служи како доказ за плаќање. Ако не го сторат, може да платат казна од 300 евра.
Домашните жители, гостите кои преноќуваат, студентите и децата под 14 години се ослободени од плаќање.
Со околу 15 милиони посетители годишно, Венеција е една од најпосетуваните туристички дестинации во светот.
Масовниот туризам му носи многу приходи на градот, но и гужвите создаваат големи проблеми. Не е познато дали Венеција ќе ја задржи таксата по пробниот период.