Свет
Шефот на НАТО: Ова е критичен момент, Украина треба да биде снабдена со оружје и муниција
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска повторно повика Украина што побргу да биде снабдена со оружје и муниција бидејќи секој ден одложување има реални последици на бојното поле. „Сите сојузници треба да загребат длабоко и бргу да испорачаат. Секој ден одложување има реални последици на бојното поле во Украина“, рече Столтенберг.
„Ова е критичен момент и би било тешка, историска грешка да се дозволи Путин да надвладее. Не можеме да дозволиме авторитарните лидери да се пробијат преку употреба на сила, тоа би било опасно за сите нас“, додаде тој додека го презентира годишниот извештај за 2023 година.
Нагласувајќи дека членките на НАТО заедно имаат капацитет да ја снабдат Украина со неопходното оружје и муниција, Столтенберг вели дека сега е неопходно да се покаже политичка волја за тоа.
НАТО обезбеди 99 отсто од целата воена помош за Украина минатата година и продолжува да дава невидени нивоа на помош, вклучувајќи артилерија, муниција, тенкови и оклопни возила, патролни чамци, противвоздушна одбрана, хеликоптери, беспилотни летала и првпат радари. Беа испорачани и ракетни системи со долг дострел, а сојузниците се согласија да испратат авиони „Ф16“.
„Невидената помош од сојузниците во НАТО ѝ помогна на Украина да опстане како суверена независна држава, но тоа не е доволно. На Украина сега ѝ е потребна поголема помош. На Украинците не им недостига храброст, им снемува муниција“, рече Столтенберг. Тој додаде дека поддршката за НАТО е исклучително силна од двете страни на Атлантикот.
„Доколку се гласаше денеска, огромното мнозинство од сојузничките земји би гласале за НАТО, на пример, во САД само 13 отсто би гласале против. Повеќе од 80 отсто од граѓаните во земјите членки на НАТО веруваат дека Северна Америка и Европа мора да продолжат да работат заедно за нашата заедничка безбедност“, рече Столтенберг и посочи дека две третини од граѓаните сакаат континуирана помош за Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Би-Би-Си: Русија можеби регрутира кубански државјани да се борат во Украина
Русија веројатно регрутирала кубански граѓани да се борат во Украина, ги пренесува Би-Би-Си резултатите од својата истрага.
Според извештаите, Кубанците биле намамени во руската армија со високи плати и пасоши, а во септември и октомври 2023 година на Интернет на проукраинската платформа „ИнформНапалм“ протекоа податоците за пасошот на околу 200 Кубанци кои наводно се приклучиле на руската армија“, пренесува медиумот.
Според написите, документите протекоа на интернет и извештаите во медиумите сугерираат дека на Кубанците им се нудат месечни исплати од околу 2.000 долари, што е огромна сума за Куба, каде просечната месечна плата е помала од 25 долари, според Би-Би-Си. Рускиот пасош овозможува безвизно патување до 117 дестинации, додека на сопствениците на кубански пасоши се ограничени на 61.
Свет
Путин: Подготвени сме за разговор со Западот, но без ароганција и сила
Рускиот претседател Владимир Путин денеска изјави дека Русија ќе продолжи да работи со партнерите за формирање мултиполарен светски поредок, како и дека се можни дискусии за безбедносни прашања со западните земји, но под еднакви услови.
„Заедно со партнерите во евроазиската интеграција, со другите центри за суверен развој, ќе продолжиме да работиме на формирање мултиполарен светски поредок, еднаков и неделив безбедносен систем“, рече Путин на церемонијата на инаугурација во палатата во Кремљ.
Тој рече дека Русија била и ќе биде отворена за зајакнување на добрите односи со сите земји што гледаат сигурен и чесен партнер.
Русија не го отфрла дијалогот со западните земји, туку дека изборот е нивен, посочи Путин.
„Дали сè уште планираат обиди да го запрат развојот на Русија, да ја продолжат политиката на агресија, притисокот врз нашата земја, кој не запира со години или бара начин за соработка и мир“, рече рускиот лидер на церемонијата за инаугурација.
Според него, разговор меѓу Русија и западните земји за безбедносни прашања е можен само под еднакви услови, а не од позиција на моќ.
„Повторувам, можен е разговор, вклучително и за прашања за безбедност и стратешка стабилност, но не од позиција на сила, туку разговор без никаква ароганција, вообразеност и лична ексклузивност, само под еднакви услови, со почитување на заедничките интереси“, нагласи Путин.
Тој истакна дека народот на Русија е единствен и голем и дека заедно Русите ќе ги надминат пречките, ќе ги реализираат своите планови и ќе победат. Тој додаде дека единствено со народот може да се постигнат вистински големи цели.
„Денес, суштински сме одговорни за нашата илјадагодишна историја, нашите предци што освојувале навидум недостижни височини, бидејќи нивната татковина секогаш била на прво место. Тие знаеле дека можд да постигнат големи цели само заедно со државата и народот. И изградиле свет на моќ – нашата татковина“, рече Путин, пренесува „РИА новости“.
Претседателот на Русија смета дека е неопходно да се обезбеди сигурен континуитет во развојот на земјата во наредните децении, да се подигнат и образоваат помладите генерации, кои ќе ја зајакнат моќта на Русија, ќе ја развиваат нејзината државност, заснована на меѓуетничка хармонија, зачувување на традициите на сите народи што живеат во Русија.
Тој рече дека интересите и безбедноста на рускиот народ ќе бидат пред сѐ и изрази надеж дека Русите достоинствено ќе го поминат „овој тежок критичен период и ќе станат уште посилни“.
Тој вети дека ќе стори сѐ и ќе ги искористи сите законски и уставни овластувања за да ја оправда довербата на Русите истакнувајќи дека руските граѓани ја потврдиле исправноста на курсот на земјата, што, како што рече, е важно во контекст на сериозни судења.
„Вие, граѓаните на Русија, ја потврдивте исправноста на курсот на земјата, сега кога сме соочени со сериозни искушенија, во ова гледам длабоко разбирање на нашите заеднички историски цели. Консолидираната волја на милиони луѓе е огромна сила, доказ за нашата заедничка цврста верба дека ние ќе ја одредиме судбината на Русија и заради сегашните и идните генерации. Служењето на Русија е голема чест, одговорност и света должност на шефот на државата“, заклучи Путин во својот говор.
На претседателските избори во Русија, одржани од 15 до 17 март, Путин освои 87,28 отсто од гласовите. Путин ќе ја извршува највисоката избрана функција во следните шест години, до 2030 година.
Европа
(Видео) Украинците објавија снимка: „Ова се руски агенти, сакаа да го убијат Зеленски“
Украинските разузнавачи соопштија дека спречиле руски заговор за атентат на претседателот Володимир Зеленски. Украинската служба за државна безбедност СБУ објави дека фатила руски агенти, кои биле вработени во украинската државна гарда. Разузнавачките претставници велат дека руски агенти планирале да ги убијат претседателот и други високи владини функционери.
Шефот на СБУ, Васил Маљук, изјави дека неуспешниот атентат требало да биде подарок за Владимир Путин пред неговата денешна инаугурација.
СБУ на својот канал на „Телеграм“ објави тврдење дека руски таен агент ги пренел координатите на безбедната куќа пред планираниот воздушен напад. Претставници на разузнавањето додадоа дека Русија планирала да ги уништи сите траги од дронот што би се користел за гаѓање на претседателот со друг проектил.
„Непријателот активно развиваше планови за да го тргне претседателот Володимир Зеленски. Една од задачите на руската разузнавачка мрежа ФСБ беше да бара џелати меѓу војниците блиски до службата што го штити претседателот, кои би можеле да го убијат шефот на државата“, соопштија од СБУ.
„Покрај Володимир Зеленски, непријателот планира да ги елиминира и шефот на Службата за безбедност на Украина, Васил Маљук, шефот на Воената разузнавачка служба на Украина, Кирил Буданов, и други високи функционери“, се вели во соопштението.
„Ограничен број луѓе знаеја за нашата специјална операција и јас лично го следев нејзиниот напредок. Терористичкиот напад, кој требаше да биде подарок за Путин пред инаугурацијата, всушност беше неуспех на руските специјални служби“, рече Маљук.
„Но, не смееме да заборавиме – непријателот е силен и искусен, не може да се потцени. Ќе продолжиме да планираме однапред и да си ја работиме работата секој предавник да ги добие заслужените судски казни“, заклучи тој.
СБУ наведува дека при претресот на просториите на уапсените руски агенти биле пронајдени „релевантни средства за уништување“ и други докази за криминални активности.