Свет
Изборите во Ирак во знак на напнатост
Ирачаните во недела ќе излезат на вторите парламентарни избори по падот на режимот на Садам Хусеин пред седум години
Ирачаните во недела ќе излезат на вторите парламентарни избори по падот на режимот на Садам Хусеин пред седум години.
Изборите ќе се одвиваат во напната атмосфера, бидејќи државата се уште ја потресуваат етнички и верски раскол и насилства. Затоа исходот на изборите и иднината на Ирак се неизвесни.
На изборите за 325 седишта во Парламентот се кандидирани 6200 луѓе од широк спектар на групи поделени по верска, етничка или политичка линија.
Секташкото насилство меѓу мнозинските шиити и малцинските сунити во Ирак по кулминацијата во 2006 и 2007 година се смири, но се уште трае, судејќи по низата напади спроти изборите. Разијдувањата меѓу сунитите и шиитите, кои сите се Арапи не се единствени во Ирак. На друга страна постои голем раскол и меѓу арапите и Курдите.
Ирак има околу 30 милиони жители, од кои 58 отсто се шиити, 25 проценти сунити, 14 отсто Курди, а останатите се припадници на различни етнички и верски малцинства.
Според испитувањата се очекува на гласање да излезат околу 64 отсто од избирачите, додека на изборите во декември 2005 година излезеноста беше 80 проценти.
Новиот премиер речиси сигурно ќе биде шиит. Предизборните анкети, кои според западните гласила не се многу сигурно, велат дека победник ќе биде сегашниот премиер Нури ал Малики, а владата би ја формирала неговата коалиција Правна држава заедно со партија од сунитскиот или курдскиот блок.
Главен противник на Правна држава е шиитската коалиција Ирачки народен сојуз, во која членуваат и приврзениците на екстремниот клерик Моктада ал Садр и главната исламистичка шиитска група Ирачки врховен исламски совет.
Право на глас имаат 19 милиони Ирачани, од кои 1,4 милиони се во странство. Околу 10 илјади гласачки места ќе бидат отворени во недела во шест часот по средноевропско време, а ќе се затворат десет часови подоцна.
Меѓу кандидатите има и 1800 жени, а осум пратенички места се резервирани за малцинствата./крај/ста/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.