Свет
Пилотот на урнатиот авион во Индија – Србин?
Главниот пилот на авионот на авиокомпанијата Ер Индија кој се урна изутрината во Мангалор, наводно е од српска националност а неговиот копилот бил Индиец, пренесува тв станицата НДТВ.
Главниот пилот на авионот на авиокомпанијата Ер Индија кој се урна изутрината во Мангалор, наводно е од српска националност а неговиот копилот бил Индиец, пренесува тв станицата НДТВ.
Во авионската несреќа загинале 158 лица, а осуммина преживеале.
Аеродромот во Мангалор се наоѓа на височина, меѓу ридови и неопходна е апсолутна прецизност при слетувањето, а според првичните сознанија пилотот при слетувањето не пријавил никаков дефект до контролата на летањето.
Според извештајот на тв станицата НДТВ, српскиот пилот бил искусен и повеќе пати слетувал на аеродромот во Мангалор.
Од контролата на летање тврдат дека не се забележани никакви проблеми со авионот, во кој имало 166 патници и членови на екипажот, додека бил во воздух и дека пожарот е забележан дури по слетувањето на пистата.
Според првичните информации, авионот веднаш по слетувањето удрил во антената на системот за слетување која се наоѓа покрај пистата при што се запалила гумата на тркалата на авионот.
Мангалор се наоѓа на околу 400 километри западно од главниот град на Карнатака, Бангалор./крај/бе/ми
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бајден помилува 37 од 40 затвореници осудени на смрт
Американскиот претседател, Џо Бајден, им ги преиначи казните на 37 од 40 федерални осуденици на смрт во доживотен затвор без можност за условно ослободување, во последните чекори пред да му ја предаде власта на новоизбраниот претседател Доналд Трамп на 20 јануари.
Потегот на Бајден ќе го загрози планот на Трамп за забрзување на егзекуциите. За разлика од извршните наредби, наследникот на претседателот не може да ги поништи одлуките за помилување.
Трамп иницираше федерални егзекуции, по речиси 20-годишна пауза, за време на неговиот прв мандат од 2017 до 2021 година. Бајден, кој водеше кампања како противник на смртната казна, ги суспендираше федералните егзекуции кога ја презеде функцијата во јануари 2021 година.
Во последниве недели, тој се соочи со притисок од демократите, противниците на смртната казна и верските водачи како папата Франциско да ги ублажи смртните казни на федералните осуденици пред да замине.
„Нека нема сомнеж: ги осудувам овие убијци, жалам за жртвите на нивните одвратни дела и тагувам за сите семејства кои претрпеа незамислива и непоправлива загуба“, рече Бајден.
„Но, водејќи се од мојата совест и моето искуство, јас сум повеќе убеден од кога било дека мораме да ја прекинеме употребата на смртната казна на федерално ниво. Постапувајќи со добра волја, не можам да отстапам и да и дозволам на новата администрација да продолжи со егзекуциите што застанав“, додаде Бајден.
На почетокот на овој месец, Бајден им ги ублажи казните на речиси 1.500 луѓе и помилува 39 други осудени за ненасилни злосторства. Тој, исто така, издаде целосно и безусловно помилување за неговиот син Хантер, откако велеше дека нема да го стори тоа. Хантер Бајден се изјасни за виновен за даночни прекршувања и беше осуден за обвиненија поврзани со огнено оружје.
Денешната одлука не се однесува на случаи на тероризам или масовни убиства мотивирани од омраза. Не ги вклучува ни тројцата најпознати мажи на смртна казна. Тоа се Џохар Царнаев, осуден за учество во бомбашкиот напад на маратонот во Бостон во 2013 година, Дилан Роф, осуден за пукањето во 2015 година во Африканската методистичка епископска црква Емануел во Чарлстон, Јужна Каролина и Роберт Бауерс, осуден за масовното пукање во Синагога во Питсбург во 2018 година.
Сите тројца поднесоа жалби на нивните казни, кои мора да бидат решени пред да се одреди датумот на извршување, во процеси кои би можеле да траат со години.
Одлуката на Бајден, исто така, не влијае на речиси 2.200 затвореници осудени на смрт во државните судови, бидејќи тој нема овластување за такви егзекуции. Претседателите обично носат одлуки за помилување кон крајот на нивниот мандат.
Канцеларијата на јавниот обвинител за помилување, во рамките на Министерството за правда, примила речиси 12.000 барања за помилување за време на мандатот на Бајден, според списокот на адвокати за помилување. Претседателот до 9 декември донесе 161 одлука. Тие се однесуваат на 26 помилувања и 135 ублажувања на казната.
Свет
Не е вистина дека сопругата на Асад побарала развод, велат од Кремљ
Кремљ денеска ги демантира информациите во турските медиуми дека Асма ал-Асад, сопругата на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад, која има британско потекло, сака да се разведе и да ја напушти Русија.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, исто така ги отфрли извештаите на турските медиуми, кои сугерираат дека Асад е задржан во Москва и дека неговиот имот е замрзнат.
„Не, тие не соодветствуваат на реалноста“, одговори тој на прашањето за време на конференциска врска дали наводите се вистинити.
Турските и арапските медиуми вчера објавија дека Асма ал-Асад поднела барање за развод во Русија, каде што семејството Асад доби азил овој месец откога бунтовниците ја презедоа контролата врз Дамаск.
Свет
Руската разузнавачка служба предупредува дека претседателката на Молдавија се подготвува за војна
Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) предупреди дека молдавската претседателка Маја Санду подготвува план за воена операција во Приднестровје наведувајќи дека никој не може да гарантира дека таа нема да се обиде да почне вооружен конфликт.
Во пораката испратена од СВР до агенцијата ТАСС се наведува дека претседателката на Молдавија неодамна одржала состанок со молдавската влада за прашања од енергетската безбедност, но средбата завршила со тоа што Санду укажала на потребата од развој на план за воена операција, која има цел воспоставување контрола над Приднестровје и елиминирање на руското присуство во регионот.
„Никој не може да гарантира дека претседателката на Молдавија нема навистина да се обиде да почне вистинска војна во регионот“, нагласува СВР во пораката до агенцијата ТАСС.