Свет
Есапот на Славко Петров и на државата се разликуваат за 7,7 милиони евра
Меѓу расходите што во 2003 година ги евидентирало Министерството за земјоделство и тие што се регистрирани во државниот буџет постои разлика од 480,5 милиони денари (7,7 милиони евра), утврдил Државниот завод за ревизија.
РЕВИЗИЈАТА ВО МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛСТВО УТВРДИ
Меѓу расходите што во 2003 година ги евидентирало Министерството за земјоделство и тие што се регистрирани во државниот буџет постои разлика од 480,5 милиони денари (7,7 милиони евра), утврдил Државниот завод за ревизија. Ревизорите констатираат низа незаконитости во трошењето на парите и неправилности во работењето на овој ресор во 2003 година, кога негов прв човек беше Славко Петров.
“Министерството нема изработено план за јавни набавки за 2003 година, што е спротивно на Законот, а презентираше податоци само за четири спроведени јавни набавки. Според наше мислење, не е остварено законско и наменско користење на средствата”, пишува во извештајот. Ако се соберат износите што ревизорите ги наведуваат во спорните ставки, произлегува дека повеќе од 10 милиони евра се незаконски потрошени.
Ревизијата утврдила дека Министерството за земјоделство во 2003 година воопшто не ги фактурирало трансакциите со деловните партнери или финансиските документи ги доставувало со задоцнување од неколку месеци.
“Министерството на ревизијата не и даде податоци за побарувањата за издадено земјоделско земјиште со концесија и под закуп. Според исказите на претставник на Министерството, процентот на наплата изнесува 1-2 отсто”, пишува во ревизорскиот извештај.
Државниот ревизор утврди дека Министерството го довело во заблуда ресорот финансии со тоа што обезбедило 5,6 милиони денари ( 90.000 евра) повеќе за исплата на плати, “оправдувајќи” го зголемениот број вработени со часовите за дополнително ангажирање на државните советници. Ревизијата констатира дека во Министерството не се води евиденција за прекувремено ангажирање на вработените. Дури 1,1 милион денари се потрошени за образовни услуги од лица ангажирани со договор за дело, што е спротивно на законите за буџетот, за облигациски и за работни односи.
Министерството за земјоделство немало ни сметководител, што е спротивно со Законот за сметководство, а во ресорот не функционирала ниту внатрешна ревизија, предвидена со Законот за буџетите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Украина ги повлекува тенковите Абрамс од борба: Пет од нив веќе се уништени во руските напади
Украина ги повлече од борбата тенковите Абрамс М1А1 испратени до неа од САД, делумно затоа што нападите со руски беспилотни летала ја попречија работата на тие тенкови и затоа што тие се цел на напади, изјавија за АП двајца американски воени претставници.
Засега, тенковите се преместени од првите линии на фронтот, а САД ќе соработуваат со Украинците за да најдат нова тактика за користење на тие тенкови, изјавија заменик-претседателот на Здружениот генералштаб, адмирал Кристофер Грејди и неименуван претставник на одбраната.
САД одобрија испраќање 31 тенк Абрамс во Украина во јануари 2023 година, откако украинските власти побараа нивна испорака, тврдејќи дека тенковите, кои чинат по околу 10 милиони долари, се од витално значење за пробивање на руските борбени линии.
Оттогаш фронтот значително се промени, особено поради употребата на руски извидувачки беспилотни летала, што им отежна на украинските сили да ги заштитат тенковите Абрамс од руски напади, бидејќи беспилотните летала брзо ги откриваат, наведува АП.
Агенцијата додава дека пет од 31 тенк Абрамс веќе се уништени во руските напади.
Свет
Јенс Столтенберг: Украина се уште може да ја добие војната против Русија
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека Украина се уште може да победи во војната против Русија, но дека сојузниците ќе мора повеќе да се ангажираат за Киев да ја добие поддршката што ја вети Алијансата.
Во четвртокот, на состанокот на непрофитната организација „Атлантски мост“ во Берлин, Столтенберг рече дека членките на НАТО сега треба да го претворат она што и го ветија и обврзаа на Украина во итна испорака на оружје и муниција, објави Киев Индипендент.
„Во последните месеци, членките на НАТО не ја дадоа поддршката што ја ветија“, рече Столтенберг.
Свет
Во Аргентина откриен нов вид диносаурус
Аргентинските палеонтолози објавија дека откриле нов вид диносаурус, наречен Chakisaurus nekul, кој живеел пред околу 90 милиони години во областа на денешна Патагонија.
Chakisaurus nekula е тревојаден диносаурус со средна големина, а фосилот е пронајден во природниот резерват Пуебло Бланко, во јужната провинција Рио Негро, каде што претходно биле пронајдени бројни остатоци од други диносауруси, цицачи и риби.
Се смета дека најголемиот чакисаурус достигнал големина од три метри во должина и 70 сантиметри во висина, а новите студии покажуваат дека овој тип на диносаурус трчал брзо и имал невообичаено закривена опашка, наведува Ројтерс.