Свет
Човекот кој предупреди за напади во Европа поврзан со нападите во САД
Исламскиот милитант чии изјави во текот на испрашувањето од службите на САД во Авганистан ја покренаа узбуната од терористички напади во Европа е стар пријател на човек кој е осуден за нападите од 11 септември 2001 година , јавува Асошиејтед прес
Исламскиот милитант чии изјави во текот на испрашувањето од службите на САД во Авганистан ја покренаа узбуната од терористички напади во Европа е стар пријател на човек кој е осуден за нападите од 11 септември 2001 година и во периодот на планирање на нападите ја посетувал истата џамија како и хамбуршката група осудена за овие напади, јавува Асошиејтед прес
Ахмад Вали Сидики, 36-годишниот Германец со авганистанско потекло, кој беше уапсен од американската војска во јули во Авганистан е последната алка која ја поврзува Германија со глобалната терористичка кампања на Ал Каеда. Се верува дека Сидики е дел од истата хамбуршка милитантна група во која беа и клучните извршители на нападите од 11 септември.
Разузнавачки функционери сега тврдат дека тој е пријател со Мунир ел Мотасадек, кој во 20906 година беше осуден во Германија поради соучество во убиството на 246-те патници и екипаж на четирите патнички авиони кои беа употребени во нападите. Тој исто така бил чест посетител на џамијата „Таиба“, која во тоа време била наречена „Ал Кад“. Оваа џамија беше затворена од германските власти, поради нивните стравувања дека се претвора во легло на домашните исламски екстремисти кои, за разлика од странските, не смеат да бидат протерани од Германија. Сидики и Мотасадек биле пријатели уште од 1997 година.
Американските разузнавачи тврдат дека Сидики им дал детаљи за наводниот заговор на Ал Каеда за терористички напади во европските престолнини, што предизвика паника на стариот континент.
Наводниот заговор предвидувал координирани напади во стилот на оној во Мумбаи во 2008 година. Овие информации ги присилија властите во европските земји да ја зајакнат безбедноста на историските места, како што е Бакингемската палата во Лондон и Ајфеловата кула во Париз.
Сепак, германските функционери, меѓу кои и министерот за внатрешни работи Томас де Маизиер, предупредија дека не треба функционерите да бидат „паничари“ и потенцираше дека во моментов нема конкретни индикации за можни напади.Германските власти се уште немаат пристап до Сидики и немаат независен механизам преку кој би го процениле она што Сидики им го кажал на американските разузнавачи. /крај/ап/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Британските разузнавачи: Русите се’ побрзо напредуваат во Украина
По заземањето на источноукраинскиот град Авдијевка, руските трупи напредуваат побрзо во областа, објави денеска британското Министерство за одбрана во своето секојдневно известување.
„Руските копнени сили навлегоа и создадоа тесен коридор на украинска територија со цел да влезат во градот Очеретин, приближно 15 километри северно од центарот на Авдијивка“, пишува на профилот на Министерството за одбрана.
Оцеретин во областа Доњецк имал околу 3.500 жители пред почетокот на војната.
И по заземањето на Авдијивка во средината на февруари, Русите се уште сметаат дека освојувањето на таа област е една од клучните операции, оценува британското Министерство за одбрана.
„Иако претрпуваат големи загуби, многу е веројатно дека руските копнени сили се во позиција континуирано да ги гаѓаат украинските позиции во областа и дека презеле контрола врз неколку помали населби“, додаваат тие.
Украина се брани од руската инвазија повеќе од две години. Британското Министерство за одбрана редовно објавува информации за напредокот на војната. Москва го обвинува Лондон за ширење дезинформации.
Европа
16-годишно момче избодено во училиште во Германија
16-годишно момче е тешко повредено кога утрово околу 8 часот било избодено од тинејџер (17) во училиште во Нојкирхен-Влуин.
На нападот наводно му претходела вербална расправија.
Постариот ученик наеднаш извадил нож и го ранил 16-годишникот во горниот дел од телото.
Момчето итно било пренесено во болница, а лекарите велат дека неговата состојба е стабилна.
По прободувањето напаѓачот побегнал од училиштето, но полицијата брзо го лоцирала и го уапсила.
Според инспекторот, немало опасност по безбедноста на другите деца во училиштето.
Европа
Во Англија извикал „Алах Акбар“ и убил случаен минувач: „Го направив тоа за луѓето од Газа“
45-годишниот Ахмед Алид вчера беше прогласен за виновен за убиство и обид за убиство. На 15 октомври минатата година, барател на азил од Мароко со нож го уби 70-годишниот Теренс Карни во центарот на англискиот град Хартлпул. Тој претходно го избодел со нож својот заспан цимер Џавед Нури додека викал „Алах Акбар“.
Алид и рекол на полицијата дека сето тоа го направил „за луѓето од Газа“. Само осум дена пред да убие случаен минувач и да го рани својот цимер, милитантите на Хамас го нападнаа Израел. Алид се заколнал дека ќе убиел повеќе луѓе доколку имал митралез и друго оружје, изјави обвинителот Џонатан Сендифорд во Судот во Тесајд.
Алид делел куќа со други баратели на азил во североисточна Англија. Тој бил вознемирен што Нури го прифатил христијанството. Цимерите рекле дека Алид почнал да носи нож откако на телевизија видел прилог за настаните во Газа.