Свет
Селмани проневерил милиони на сметка на болните
За бубрежно болен пациент од Тетово државата годишно плаќа пет илјади денари, а пациент со истата дијагноза во Кочани државата ја чини 64 илјади денари.
Мери Јордановска
За бубрежно болен пациент од Тетово државата годишно плаќа пет илјади денари, а пациент со истата дијагноза во Кочани државата ја чини 64 илјади денари.
На вакви нелогичности наишле државните ревизори при финансиската контрола во Министерството за здравство за 2004 година, чиј извештај беше објавен вчера. Во тој период прв човек на Министерството бил Реџеп Селмани, а неколку дена пред крајот на годината на оваа функција дојде сегашниот министер Владо Димов. Ревизорите утврдиле дека со владината програма за дијализа, Селмани паушално си префрлал пари во медицинските центри. Така, во Здравствената станица во Железара за 138 пациенти Министерството префрлало 2,3 милиони денари, колку што биле префрлани и во прилепскиот медицински центар, но за двојно помалку пациенти.
Според Државниот завод за ревизија, министерот Селмани незаконски потрошил повеќе од пет милиони денари од парите предвидени со владините програми за лекување болести. Од програмата за задолжителна имунизација на населението биле исплатени околу пет милиони денари за вакцини, шприцеви, гази, алкохол, и покрај тоа што вакцините веќе биле набавени од Министерството, а помошните материјали не биле предвидени со програмата.
И двајцата министри за здравство, поранешниот Селмани и сегашниот Димов, давале пари за специјализација на вработените во Министерството без да се утврди критериумот за тоа кој се може да специјализира. Во 2004 година за оваа намена биле потрошени 708 илјади денари.
„Овој нетранспарентен начин на избор на вработените чии специјализации ги финансира Министерството без пишан критериум ја доведува во прашање објективноста на постапката и ги доведува во нерамноправна положба другите вработени“, утврдиле ревизорите.
Според нив, Селмани проневерил повеќе од три милиони денари со тоа што парите за земање и за испраќање мостри за лабораториски испитувања при увоз на храна легнувале директно на сметката на Министерството, наместо во буџетот. Дел од уплатите, во согласност со правилникот, увозникот требало да ги плаќа на сметка на буџетот, но тие по грешка оделе на сметката на Министерството. Трите милиони денари никогаш не биле вратени во државниот буџет.
Кон крајот на 2004 година Министерството склучило незаконски договор за набавка на автомобили за 3,5 милиони денари. Договорот предвидувал авансирање на парите во вкупна вредност, спротивно на Законот за јавни набавки. Освен тоа, за сервисирање на возилата Министерството потрошило 283 илјади денари, без да спроведе постапка за јавна набавка.
Ревизорите укажуваат дека министерот за здравство мора да го почитува Законот за јавни набавки, пописната комисија да врши попис на парите, а Министерството да донесе акти за да се регулираат расходите.
Бучковски за џабе издавал земјиште до Воената болница
Александра К. Мишовска
Министерството за одбрана во времето на министерувањето на актуелниот премиер Владо Бучковски за 0,2 евра месечно издало 2.000 квадратни метри државно земјиште. Закупецот, скопската фирма „Мирадор“ две години не плаќал кирија, а данокот на додадена вредност го плаќало Министерството, утврдил Државниот завод за ревизија. За возврат „Мирадор“ бил обврзан секој месец за сума што е 20 отсто од закупнината да носи саксии и цвеќиња за Министерството и за Воената болница.
Покрај ова, последниот ревизорски извештај направен за работата на Воената болница покажува дека со дозвола на Бучковски за две години додека беше министер, Јован Манасиевски откако дојде на функцијата и Петре Утковски како управник, во Воена се набавувало во четири очи, се реновирале кабинети, се градело без постапки за тендер.
Надлежните во болницата трошеле буџетски пари за скапи инфузиски раствори и покрај тоа што имале опрема вредна околу еден милион евра. За тоа колку пари се потрошени по оваа основа ревизорите не успеале да утврдат бидејќи надлежните не ги чувале сите фактури. Имено, поради тој проблем целиот ревизорски извештај не содржи точни суми на злоупотребени пари. Управникот на болницата во 2004 година без законска можност наредил дел финансиски документи да се уништат.
Ревизијата констатирала дека Воената болница без тендер и дала на градежната фирма „Адинг“ повеќе од два милиони денари за реновирање на еден кабинет. Министерството и болницата секој месец и префрлале по 37.000 денари на фирмата БПЦ, која требало да го одржува компјутерскиот систем, кој, пак, како што констатирала ревизијата, се уште бил застарен и неефикасен.
Во извештајот на државната ревизија пишува дека Министерството за одбрана и Воената болница не плаќале и данок на додадена вредност, со што го оштетиле државниот буџет.
Хипербарната комора неотпакувана од 2002 година
Министерството за здравство се уште не ја активирало хипербарната комора, која чини околу 25 милиони денари, а била набавена во 2002 година, утврдиле ревизорите.
Тие сметаат дека со нефункционирањето на апаратот, од Фондот постојано се одлеваат пари за надомест на оние што користат такви услуги во странство.
„Освен еден допис упатен од министерот до директорот на Клиничкиот центар со кој бара да преземе мерки да се активира комората, на ревизијата не и беше достапен друг документ од кој може да се види дека се преземаат активности за апаратот да се стави во употреба“, се вели во извештајот на ревизијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Макрон: Русија е значително ослабена од конфликтот
Францускиот претседател, Емануел Макрон, тврди дека Русија всушност е значително ослабена од конфликтот.
Според него, Русија влегла во рецесија, станала целосно зависна од Кина, има демографски проблем и се соочува со воен неуспех.
Макрон нагласи дека Европејците сега станаа „единствениот извор на воено финансирање“ за Киев, алудирајќи на Соединетите Американски Држави, кои побараа од Европа да ги засили своите напори.
Тој верува дека не може да се постигне мировен договор меѓу Украина и Русија без учество на Европејците.
„Ние ќе бидеме дел од решението и треба да бидеме дел од решението“, рече Макрон. Тој додаде дека токму тоа е причината зошто неговата канцеларија неодамна воспостави контакт со Москва.
foto/Depositphotos
Свет
Тројца скијачи загинаа во лавина на француските Алпи
Тројца скијачи загинаа откако беа однесени од лавина во луксузниот француски алпски скијачки центар Вал д’Изер, изјави за новинарите Седрик Боневие, задолжен за патеките на одморалиштето.
Боневие рече дека една жртва е француски државјанин, додека другите се странци.
Тој додаде дека инцидентот се истражува.
Медиумските извештаи велат дека инцидентот се случил надвор од пистата.
Се чини дека една од жртвите била зафатена од лавина високо на планинската падина, додека другите двајца биле во група од пет скијачи, вклучувајќи и професионален водич, пониско од планината каде што не можеле да ја видат катастрофата што се приближува.
Не е познато што ја предизвикало лавината, рече Боневие.
Метео Франс, националната метеоролошка служба, во четвртокот го стави подрачјето под црвена тревога поради ризик од лавини.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп: Орбан никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија
Претседателот на САД, Доналд Трамп, попладнево ја повтори својата поддршка за унгарскиот премиер Виктор Орбан пред парламентарните избори во Унгарија, само неколку часа откако германскиот канцелар Фридрих Мерц остро го критикуваше унгарскиот лидер за неговите критики за неговата поддршка за Украина.
Во објава на неговата социјална мрежа Truth Social, Трамп го нарече Орбан „вистински силен и моќен лидер кој има докажана евиденција за постигнување феноменални резултати“.
„Тој неуморно се бори за својата голема земја и народ и ги сака, исто како што јас ги сакам Соединетите Американски Држави“, рече Трамп.
Тој, исто така, истакна дека Орбан вредно работи за да ја заштити Унгарија, да ја развие економијата, да создаде работни места, да ја промовира трговијата, да ја запре нелегалната имиграција и да обезбеди закон и ред. Трамп, исто така, се осврна на односите меѓу двете земји за време на неговото претседателствување.
„Односите меѓу Унгарија и Соединетите Американски Држави достигнаа нови височини на соработка и спектакуларни достигнувања под мојата администрација, во голема мера благодарение на премиерот Орбан“, напиша тој.
Трамп, исто така, ја изрази својата желба да продолжи соработката „за да можат двете наши земји да продолжат да напредуваат по овој извонреден пат кон успех“.
Тој потсети дека го поддржал Орбан на изборите во 2022 година. „Бев горд што го поддржав Виктор за реизбор во 2022 година и ми е чест што го правам тоа повторно“.
„Виктор Орбан е вистински пријател, борец и победник и ја има мојата целосна и комплетна поддршка за реизбор како премиер на Унгарија. Тој никогаш нема да ги разочара големите луѓе на Унгарија“, заклучи Трамп.
фото/епа

