Свет
Мора пак да се пријавува веќе пријавен имот!
Општинските власти ги изненадија граѓаните со новите евиденциски листови за недвижен имот
Општинските власти ги изненадија граѓаните со новите евиденциски листови за недвижен имот
За општинарите не се валидни старите решенија на УЈП
НИНА НИНЕСКА-ФИДАНОСКА САЊА НАУМОВСКА
Граѓаните се збунети од најновиот шок што им го приредија општинските власти, испраќајќи на нивните адреси анкетни листови за недвижниот имот што го поседуваат. Овие податоци на локалната самоуправа Ј биле потребни за да го утврди данокот на имот, чија наплата од средината на минатата година е под капата на општините. За општинарите не се валидни старите решенија со кои граѓаните досега и ја плаќале оваа давачка на Управата за јавни приходи, со образложение дека нивната важност е престаната.
"Веќе 20 години уредно го плаќам данокот на имот за мојата семејна куќа. Зошто сега, иако сите податоци одамна се доставени до надлежните институции, повторно морам да се малтретирам пополнувајќи ги обрасците со исти и познати информации?", прашува Димче Стојановски од Скопје.
Овој човек деновиве, како и огромен број други граѓани, беше изненаден со "честитка" од општинските власти во форма на евиденциски лист за недвижен имот. "Локалците" бараат сопствениците на имот во овој документ да ги наведат сите податоци за поседот, како што се катастарската област, број на катастарска парцела, број на поседовен лист, големина и вредност на поседот, како и сите информации за газдата на имотот. "Единствено не ми е јасно зошто на мојата општина Ј е потребен и бројот на мојот пасош и датумот и земјата на издавање, како што е потенцирано во анкетниот лист. Што доколку јас воопшто и немам пасош?", прашува Стојановски. Тој уште е изнервиран и од фактот што на општинарите воопшто не им текнало оти имотот може да има двајца или повеќе сопственици, па бараат показатели само за еден газда. "Нашата куќа гласи на мое и на име на мојата сопруга и сега чии податоци да ги наведеме", револтирано нагласува овој граѓанин. И, конечно, на листот никаде не пишува која институција ги бара овие податоци, ниту, пак, има печат од општината.
Она што, сепак, најмногу ги иритира луѓето, е што паралелно со евиденцискиот лист, тие во пакет добија и известување дека доколку не го пополнат и предадат во својата општина до крајот на овој месец, ќе заработеле дури и парична казна од 5.000 до 10.000 денари. Фирмите, пак, ризикуваат да бидат санкционирани со многу повисока сума – од 15.000 до 300.000 денари.
И додека граѓанските поплаки не стивнуваат, локалните власти се бранат дека со испраќањето на анкетните листови тие, всушност, го почитуваат Законот за данок на имот. Имено, во член 29 од овој законски текст се вели дека даночна пријава се поднесува до администрацијата во општината во која се наоѓа имотот.
"Анкетниот лист пополнет треба да се однесе во општинскиот сектор за финансии, каде што на граѓаните ќе им се издаде образец за даночна пријава. Граѓаните се должни на самото место да го пополнат образецот и да го достават заедно со анкетниот лист. Сето тоа треба да заврши до 31 јануари", вели Љупчо Пандиловски, од Одделението за односи со јавност во Градот Скопје. Тој објаснува дека општините овие податоци ќе ги достават до Градот, кој има обврска, според новиот закон, да ги изготви решенијата за данок на имот и да им ги достави на граѓаните.
Инаку, евиденцискиот лист треба да го пополнат сите лица кои поседуваат имот, без разлика дали го купиле пред почетокот на процесот на децентрализација и добиле решение од УЈП, или, пак, го купиле по 1 јули 2005 година.
"Решенијата за данок на имот донесени од Министерството за финансии пред стапување во сила на овој закон не се соодветни за остварување на законската обврска за пријавување на овој данок, бидејќи на овие управни акти им е престаната важноста и пријавите по тие решенија се поднесени до ресорот за финансии, а не до градската, односно општинската администрација", потенцира Пандиловски.
Тој објаснува дека на овој начин локалната власт ќе ја направи новата база на податоци. Според него, УЈП и покрај обврската, досега не ја доставила документацијата.
Наспроти ваквата изјава на Пандиловски, пак, во УЈП категорично тврдат дека оваа институција, уште во јули лани на локалните власти им ја предала комплетно целата база на податоци потребна за наплата на данокот на имот. "Управата за јавни приходи им ја пренесе целата состојба на општините, со сите податоци за имотот на евидентираните даночни обврзници со кои располагавме", вели Магдалена Чижбановска, шеф на кабинетот на дирекрторката на УЈП, Петра Митева. Од УЈП упатуваат дека одговорот зошто општините повторно ги бараат истите податоци од граѓаните треба да се бараат од самите локални власти, а не од Управата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Маж нападна полицаец со нож во Париз
Маж вооружен со нож, кој се обиде да нападне полицаец кај Триумфалната капија во Париз, беше ранет од неколку куршуми испукани кон него од друг припадник на безбедносните сили, објави агенцијата Франс прес, повикувајќи се на полициски извор.
Напаѓачот е однесен во болница. Полицијата е присутна кај Триумфалната капија, споменик во центарот на Париз во близина на Шанзелизе, за церемонија на палење факел на Гробот на непознатиот војник.
Националното обвинителство за борба против тероризмот објави дека го презема случајот.
фото/Depositphotos
Свет
Зеленски: Путин не е млад човек, нема многу време
Украинскиот претседател Володимир Зеленски верува дека само САД имаат моќ да ја принудат Русија да склучи мир.
„Да бидеме искрени, денес само Европа ѝ дава пари на Украина и ѝ помага. Само САД можат да го сопрат Путин“, изјави тој за POLITICO.
Сепак, Зеленски изрази загриженост дека Белата куќа можеби не ја разбира суштината на проблемот.
„Од она што го гледам, тие испраќаат повеќе сигнали дека Украина треба да направи компромис, а не Русија“, рече тој.
„Не мислам дека тоа е правилниот став. Секако, така е поедноставно“, додаде тој.
Осврнувајќи се на возраста на Владимир Путин, Зеленски забележа дека рускиот претседател, кој сега има 73 години, повеќе не е млад човек. „Тој нема многу време“, додаде украинскиот претседател. „Дај Боже да нема многу“, заклучи тој.
Свет
Украински министер: Не е реално војната да се заврши без Трамп
Украинскиот министер за надворешни работи, Андриј Сибиха, извести за напредокот на преговорите со Русија за прекин на инвазијата, истакнувајќи дека три од 20-те точки од мировниот план остануваат контроверзни. Тој потврди дека претходните две рунди разговори се одржаа во Абу Даби, а следната ќе се одржи следната недела во Женева.
Сибиха оцени дека преговорите „напредуваат“, пофалувајќи го лидерството на американскиот претседател Доналд Трамп. Тој експлицитно изјави дека „нереално е да се заврши оваа војна без Трамп“. И покрај ова, тој предупреди дека Русија не покажува „никакви знаци на подготвеност за сериозни преговори“.
„Паралелно, мора да продолжиме да вршиме притисок врз Русија и, мора да признаеме, сè уште имаме инструменти на влијание“, рече Сибиха.
Украинскиот министер откри дека сè уште има несогласување за три точки во мировниот план, кој содржи 20 точки. „Имаме изводливи предлози, па затоа во следната рунда навистина се надеваме дека нема да слушаме дополнителни историски предавања. Сега е време за акција, за дела и за конкретни, решителни чекори“, нагласи тој.
На неговите зборови се надоврза и францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, кој рече дека војната мора да заврши.
„Јасно е дека треба да ја запреме оваа војна, а со нашите сојузници и пријатели сè уште имаме механизми за да го постигнеме тоа“, рече тој.
Тој откри дека Франција и Обединетото Кралство „отишле многу далеку“ за да ги блокираат бродовите на руската „флота во сенка“, додека „користеле воени средства“.
Баро, исто така, ја нагласи важноста на претстојниот, 20-ти пакет санкции на Европската Унија, кој се очекува да биде усвоен на 24 февруари, на четвртата годишнина од почетокот на тоталната агресија. Тој, исто така, ја спомена улогата на таканаречената Коалиција на волјата во обезбедувањето идни безбедносни гаранции за Украина.
фото/Depositphotos

