Свет
За малите хидроцентрали ќе се распише јавен тендер
Владата, конечно, реши да ги започне активностите за реализација на петнаесетгодишната идеја за која се изработени многу студии и документи – изградба на мали хидроцентрали во земјава.
Владата даде зелено светло за изградба на 400 централи
МАЈА ТОМИЌ
Владата, конечно, реши да ги започне активностите за реализација на петнаесетгодишната идеја за која се изработени многу студии и документи – изградба на мали хидроцентрали во земјава. Основната причина лежи во фактот што државата ги донесе потребните законски измени, меѓу кои и Законот за води, но и во тоа што во последните месеци има големо интересирање кај домашни и странски компании и поединци за нивна изградба и концесионирање.
Откако Владата кон крајот на минатата година реши да не склучува спогодба во четири очи со словенечката фирма “Турбоинститут", која сака да гради 35 мали хидроцентрали во Македонија, се донесе одлука за тој проект годинава да се распише меѓународен тендер. На последната седница владините министри ја усвоија информацијата за активностите за изградба на мали и на средни хидроцентрали, подготвена од Министерството за економија. Оваа институција е задолжена наредната недела да го предложи составот на специјалниот управен комитет кој ќе раководи со тој процес. Односно, тоа тело треба да ги почне активностите за подготвување јавен повик за изградба на мали и на средни хидроцентрали кои ќе се даваат под концесија за подолг период. Процедурата треба да заврши кон средината на годинава. Замислата е по десет хидроцентрали да одат во еден тендерски пакет.
Инаку, станува збор за 400 локации на реки на кои треба да се градат хидроцентралите, од кои триесетина се веќе разгледани од Министерството за животна средина и планирање и се оценети како погодни за изградба на хидрообјектите. Локации ги утврдува Владата, а не компаниите. Моќноста на една мала хидроцентрала се проценува на околу два мегавата, а таа има повеќе предности во однос на термоцентрала на јаглен, како што е еколошкиот аспект и користењето на обновлив извор на енергија – водата. Но, не се големи енергетските ефекти. Пресметано е дека, доколку се изградат сите 400 хидроцентрали, покрај тоа што ќе се подобри еластичноста на системот, домашното производство на струја ќе се зголеми за околу 15 проценти. Изградбата на една мала централа на вода трае околу 20 месеци, а инвестицијата изнесува околу шест милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Можеби имам лоши луѓе за односи со јавноста
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска, една година по враќањето на власт, на долга прес-конференција ги пофали своите постигнувања, ги критикуваше илегалните имигранти и изрази разочараност што неговата економска порака „не стигнува до Американците“.
Говорот го започна во преполна сала за новинари во Белата куќа, покажувајќи фотографии од, како што ги нарече, „пореметени убијци“ кои, според него, биле уапсени и депортирани од страна на Имиграциската и царинска служба (ICE), особено од Минесота — каде што се одржуваат протести против имграциската политика на владата.
Говорејќи за економијата, рече дека го „исчистил“ федералниот апарат и ги намалил бројките што, според него, биле високи под администрацијата на Џо Бајден. „Ги намаливме значително. Не разбирам… можеби имам лоши луѓе за ПР. Не успеваме да ја пренесеме пораката“, изјави Трамп.
Трамп ја спомена и венецуелската опозициска лидерка и добитничка на Нобелова награда за мир, Марија Корина Мачадо, за која рече дека е „неверојатно љубезна жена“. Иако претходно беше исклучена од неговата стратегија, рече дека повторно се водат разговори со неа: „Многу би сакал да можеме некако да ја вклучиме.“
Трамп се обрати од Белата куќа непосредно пред заминување за Давос, каде што ќе учествува на Светскиот економски форум, каде што се очекува фокусот да биде ставен на неговите пораки и закани поврзани со Гренланд.
Свет
Каја Калас: Додека некои сојузници ѝ вртат грб на Европа, Европа бара нови партнери
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, денес во Европскиот парламент го бранеше неодамна потпишаниот трговски договор со Меркосур, нарекувајќи го „геостратешка одлука“.
Во расправата посветена на потребата од мирна демократска транзиција во Венецуела, Калас се осврна на потпишувањето на договорот со Бразил, Аргентина, Парагвај и Уругвај, земји членки на Меркосур. Членството на Венецуела во овој трговски блок е суспендирано од 2016 година.
„Во момент кога некои сојузници ѝ свртуваат грб на Европа, Европа бара нови сојузници“, рече Калас во Стразбур, пред зградата на Европскиот парламент, каде што денес се одржа голем протест против договорот.
Во саботата, Европската унија и земјите од Меркосур го потпишаа историскиот договор за слободна трговија, кој опфаќа 700 милиони граѓани. Следниот чекор е да се обезбеди поддршка од Европскиот парламент.
Утре пратениците ќе гласаат дали да побараат мислење од Судот на ЕУ за тоа дали договорот е усогласен со европските договори. Доколку предлогот помине, гласањето за потврдување на договорот ќе се одложи сè додека Судот не се изјасни – што може да потрае и до две години. Ако предлогот не помине, Европскиот парламент би можел да гласа уште во февруари.
Свет
САД веќе купиле острови од Данска – меѓу нив и озлогласениот остров на Епстин
Откако Доналд Трамп повторно ја актуелизираше идејата за купување на Гренланд, во јавноста се појави информација за последната голема територија што САД ја купиле од Данска во 1917 година. Станува збор за Данските Западни Индии, денес познати како Американски Девствени Острови, пишува „Њузвик“.
На социјалните мрежи се посочува дека во рамки на таа територија се наоѓа и островот Литл Сент Џејмс, познат како озлогласениот „остров на Епстин“.
САД ѝ платиле на Данска 25 милиони долари во злато за овие територии, стекнувајќи контрола врз островите Сент Томас, Сент Џон и Сент Кроа. Островот Литл Сент Џејмс бил дел од оваа аквизиција. Подоцна, во 1998 година, го купил починатиот финансиер и педофил Џефри Епстин.
Островот стекна лоша репутација како приватен имот на кој Епстин наводно извршувал сексуални злосторства. Тој стана централна точка во истрагите и граѓанските постапки што следеа по неговото апсење и смрт.
И денес островот е предмет на јавни расправи, а многумина повикуваат на објавување на детални информации за тоа кој и кога го посетувал. Тоа е особено нагласено по неодамнешното објавување на делови од „досиејата на Епстин“, кои фрлија ново светло врз неговата мрежа на контакти и тековните судски постапки.

