Свет
Насев честел станови и деловен простор
Скопски градежни фирми на Градот му отстапувале деловни простори и станови во ексклузивни делови на Скопје за да бидат ослободени од плаќање комунални такси.
УЈДУРМИ СО КОМУНАЛНИТЕ ТАКСИ во Скопје во времето на РИСТО ПЕНОВ
Скопски градежни фирми на Градот му отстапувале деловни простори и станови во ексклузивни делови на Скопје за да бидат ослободени од плаќање комунални такси. Тоа се случувало во вториот мандат на поранешниот градоначалник на Скопје, Ристо Пенов, а било откриено од Државниот завод за ревизија пред еден месец. Освен на еден стан, даден на кредит на Ленче Нелковска, сопруга на тогашниот претседател на Советот на Град Скопје, Страшо Нелковски, а сега советник на СДСМ во Општина Аеродром, на останатите административно-деловни простори и станови не им се знае сопственикот. Ујдурмата била направена со склучување цесија меѓу градежни фирми, Градот и Јавното претпријатие "Паркови и зеленило". Цесијата е потпишана на 21 декември 2000 година, при што Градот Скопје ги отстапува побарувањата во износ од 6,8 милиони денари од "Зимекс" и 7,5 милиони денари од "Конартис" во корист на ЈП "Паркови и зеленило". Врз основа на склучената цесија, на 4 мај 2001 година ЈП "Паркови и зеленило" со "Зимекс" склучува три договори за изградба на три административно-деловни простори со вкупно 89,8 квадратни метри по цена од 65 илјади денари за еден квадратен метар плус ДДВ.
На 25 април 2002 година е заведен и Анекс кон договорот, за изградба на уште 125 квадратни метри административно-деловен простор по истата цена.
Откако ревизорите извршиле увид на самото место, утврдиле дека во деловно-административните простории се вселиле други правни лица, а претпријатието не презело активности за да се стекне со сопственост.
"Директорот Сашко Насев ги пречекорил овластувањата оти го оневозможил претпријатието да располага со просториите и дозволил ?Зимекс’, спротивно на законите за сопственост и облигациони односи, да се стекне со имотна корист во висина од над 16 милиони денари", пишува во ревизорскиот извештај.
На 22 декември 2000 година ЈП "Паркови и зеленило" склучува два договора со "Зимекс" за изградба на два стана, од кои еден со вкупна површина од 69,6 квадрати, а вториот со 46,5 квадрати, по цена од 1.690 тогашни германски марки. Ревизорите на самото место утврдиле дека за помалиот стан на 15 февруари 2002 година бил склучен купопродажен договор меѓу претпријатието и Ленче Нелковска. Според договорот, половината од парите Нелковска ги платила веднаш, а преостанатиот дел на 48 еднакви рати. Ревизорите утврдиле дека Нелковска должи 25 рати, односно 10.464 евра плус ДДВ, а не и била пресметана затезна камата за доцнењето на исплатата. Според ревизорите, со договорот за продажбата на станот на Нелковска, директорот Насев, кој сега е амбасадор во Канада, му нанел материјална штета на претпријатието оти не спровел јавно наддавање, со што ги ставил граѓаните во нерамноправна положба во корист на поединци.
Судбината на поголемиот стан не се знае, освен тоа дека не е во сопственост на претпријатието, со што на "Зимекс", Насев му овозможил стекнување противправна корист во износ 16,3 милиони денари.
Државниот завод за ревизија препорачал "Паркови и зеленило" итно да ги расчисти имотно-правните односи за претпријатието да се стекне со сопственост врз деловните и станбените простори и да се обесштети за неможноста да ги користи до денес, потоа да се испита одговорноста на надлежните органи за потпишувањето на договорите за отуѓување на станбените објекти. Ревизорите бараат претпријатието да го наплати долгот од Нелковска со пресметана затезна камата за доцнење на отплатата на ратите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

