Свет
МВР нема затвори, туку 20 тајни стана
Во Македонија не постојат тајни затвори, туку тајни полициски куќи, во кои се уште се носат лица врз кои се врши тортура.
КОНСПИРАТИВНА "ДЕМОКРАТИЈА"
Игор Шегавиќ
Во Македонија не постојат тајни затвори, туку тајни полициски куќи, во кои се уште се носат лица врз кои се врши тортура.
Ова во интервју за Макфакс го изјави Мирјана Најчевска, прв човек на Хелсиншкиот комитет на Македонија, запрашана за коментар за случајот "Калед ел Масри".
– Она што претставуваше начин на работење на Службата за државна безбедност (ДБК) во поранешниот систем, не беше она што го кажуваат во Советот на Европа – скриени затвори. Кај нас постојат многу малку такви скриени затвори. Кај нас се работеше на принципот тајни куќи – тврди Најчевска.
Таа вели дека тој систем се уште функционира.
– Низ цела Македонија полицијата се уште има такви тајни куќи во кои се носат луѓето и се изложуваат на тортура и од таму излегуваат или не излегуваат – вели Најчевска.
Ваквите тврдења полицијата ги демантира.
– МВР негира дека поседува или дека користи станови во кои врши какви било полициски активности – изјави вчера Горан Павловски, шеф на кабинетот на министерот за внатрешни работи.
Но, поранешниот министер за внатрешни работи Павле Трајанов го тврди спротивното.
– МВР отсекогаш користело таканаречени конспиративни станови за разговори со свои соработници и со граѓани што сакале да соопштат одредени податоци, но инсистирале на дискреција. Ако не сакаат да се сретнат со лице од МВР во службени простории, во кафеана или на друго јавно место, им се нуди да дојдат на "дискретно место". Тоа место беа конспиративните станови на МВР – објаснува Трајанов.
Во тие станови најголемиот дел од разговорите се воделе за добивање одредени важни информации потребни за полицијата, но по потреба биле користени и за компромитација на јавни личности.
Трајанов веќе неколку години не работи во МВР, но е уверен дека полицијата се уште ги користи конспиративните станови.
– Веројатно се уште ги има. Такви станови имаат сите служби во светот, и ги користат како метод и начин за добивање информации.
МВР ИМА ПОВЕЌЕ ОД 20 СТАНА
Иако МВР не признава дека постојат вакви станови, поранешни полициски началници тврдат дека во Македонија константно има повеќе од 20 такви стана.
Најголемиот број и припаѓале на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање во МВР, а помал дел на криминалистичката полиција.
Повеќето од становите, од 6 до 10 се наоѓале во Скопје, а по еден до два стана имали и во сите поголеми градови – Битола, Гевгелија, Штип, Делчево, Струмица, Кавадарци, Велес, Гостивар, Тетово, Прилеп, Охрид, Дебар. Во оваа бројка на спаѓаат тајните станови со кои располага военото разузнавање и Агенцијата за разузнавање. Ако во пресметката се вклучат и тие, во Македонија има околу 40 конспиративни стана.
Бројот на становите бил променлив и зависел од тоа колку брзо ќе биде откриен "газдата" на станот.
Становите биле користени се до оној момент кога меѓу станарите во зградата ќе се јавел сомнеж по прашањето "Кој живее во овој стан?"
Со оглед дека во конспиративните станови секогаш доаѓале различни инспектори и соговорници, честопати совесни соседи пријавувале во полицијата дека нешто се случува во "соседниот стан". Тоа било сигнал дека станот е веќе сомнителен за околината, по што следувала негова "деконспирација", односно продажба или замена за друг и на друга локација. Како сопственици на тие станови официјално биле пријавени лица вработени во полиција или нивни најблиски роднини, но не и МВР како институција, за да не се открие "газдата" на станот преку сметките за струја, вода и за телефон. Лажните сопственици ги добивале сметките, но ги плаќало Министерството од "касата за специјална намена".
НЕ СМЕЕ ДА ЛИЧИ НА ПОЛИЦИСКИ
Како изгледа еден конспиративен стан?
Нашиот соговорник, пензиониран службеник од МВР, вели дека конспиративните станови со ништо не се разликуваат од приватните станови на кој било граѓанин.
– Имаат вообичаен мебел, дневна соба, кујна, спална… Кога лицата од МВР бараат средба со соговорникот од кого очекуваат доверливи информации, му гарантираат дискреција со тоа што му нудат "спокоен разговор во станот на близок пријател, брат или сестра…" Токму затоа ентериерот во конспиративниот стан мора да остава впечаток дека некој постојано живее таму. Важен детаљ е фрижидерот редовно да биде наполнет со прехранбени продукти и со пијалаци, особено со виски.
Најважна улога во станот има ТВ-приемникот, бидејќи во него се поставени полициската камера и дел од микрофоните. Аудио и видеометеријалите од разговорот со соговорникот не се снимаат локално, туку по воспоставен систем директно се испраќаат во Центарот за прислушување во МВР. Со тоа, службеници од МВР можат и "во живо" да го следат разговорот што нивниот колега го води со својот соговорник во конспиративниот стан -објаснува тој.
Во тие станови најчести "гости" биле полициски соработници, шпиони, но имало и новинари, странски дипломати и службеници на странски разузнавачки служби.
– За потребите на компромитација или уцена на јавни личности, најчесто се ангажираа атрактивни девојки-соработнички на МВР, кои по налог на полицијата "во својот стан" носеа политичари, универзитетски професори, дисиденти и директори, кои во тој момент се сметаа за неподобни или од други причини требало да бидат тргнати од функциите. Состанокот секогаш беше последната алка во операцијата. Многу подолго време се чекаше тие дами да им "се приближат" на лицата што беа означени како субјекти за политички отстрел – објаснува нашиот соговорник.
Тој вели дека тајните станови се уште активно функционираат. Дел од оние што биле откриени од околината им биле продадени на вработени од МВР, но веднаш биле купени и нови. Бројот на тајните станови не се зголемувал, но не се ни намалувал. Останал речиси ист како и во времето на претходниот систем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Фински политичар предупредува на опасна стратегија на НАТО пактот
Масовното вооружување на Украина од страна на земјите-членки на пактот на НАТО нема да доведе до крај на конфликтот со Руската Федерација, изјави финскиот политичар Армандо Мема во објава на социјалната мрежа Икс.
Мема изјави дека планот за претворање на Украина во „највооружена земја“ продолжува, со проценка дека во такви околности мир нема да се постигне во догледна иднина. Според него, Северноатлантската алијанса ја продолжува иницијативата за ограничување на Русија, додека, како што тврди, ја трансформира поранешната советска република во силна воена сила.
Тој заклучи дека за да се промени таквиот курс, притисокот на Соединетите Американски Држави врз европските сојузници е неопходен, со цел, како што верува, да се преиспита стратегијата за понатамошно воено зајакнување на Киев.
Во меѓувреме, британскиот министер за одбрана Џон Хили изјави во четвртокот дека земјите од контакт групата за Украина, во рамките на таканаречениот формат Рамштајн, постигнале договор за дополнителна финансиска поддршка на Киев.
Според него, сојузниците се согласиле да издвојат уште 35 милијарди долари за Украина, со што ќе продолжат со политиката на снабдување и финансирање на украинските одбранбени капацитети во услови на продолжен конфликт.
Свет
„Политико“: Западните земји сè повеќе веруваат дека светот се движи кон глобална војна
Западните земји сè повеќе веруваат дека светот се движи кон глобална војна, според анкетата на „Политико“, во која се детално опишани растечката загриженост на јавноста за ризиците и трошоците од новата ера на конфликти.
Во сите пет анкетирани земји – САД, Канада, Велика Британија, Франција и Германија – огромното мнозинство испитаници веруваат дека светот станува сè поопасен. Американските, канадските, француските и британските испитаници веруваат дека избувнувањето на Третата светска војна во следните пет години е се поверојатно.
Уделот на гласачите кои предвидуваат нов глобален конфликт нагло се зголеми откако независните анкетари „Паблик Фирст“ го поставија прашањето во март 2025 година. „Променливите ставови на западната јавност за помалку од една година одразуваат драматичен пресврт кон понесигурен свет, каде што војната се смета за веројатна, а сојузите нестабилни“, рече Себ Рајд, раководител на анкетите во „Паблик Фирст“.
Но, анкетата на „Политико“, исто така, откри ограничена подготвеност кај западната јавност да направи жртви за да плати за повисоки воени трошоци. Иако во принцип постои широка поддршка за зголемување на буџетите за одбрана во Велика Британија, Франција, Германија и Канада, таа поддршка нагло опадна кога луѓето дознаа дека тоа може да значи преземање поголем национален долг, намалување на други услуги или зголемување на даноците.
„Нашите анкети покажуваат дека растечката загриженост за војната не им дава дозвола на лидерите да трошат многу за одбрана“, рече Рајд. „Ако ништо друго, гласачите сега се помалку подготвени да направат компромиси потребни за подобрување на воената безбедност. Така, европските лидери се оставени во нестабилна ситуација – не можат да се потпрат на САД, не можат да го користат тоа како причина за инвестирање во земјата и се под поголем притисок итно да го решат ова за свет каде што конфликтот изгледа поблизок отколку порано.“
Наодите, врз основа на анкети на повеќе од 2.000 гласачи во секоја земја помеѓу 6 и 9 февруари, го откриваат предизвикот со кој се соочуваат лидерите на НАТО додека се обидуваат да ја зајакнат безбедноста во време кога јавните финансии се затегнати, пишува „Политико“.
Таа борба ќе ги обликува дискусиите меѓу политичарите од целиот свет додека патуваат во Германија за годишната Минхенска безбедносна конференција, која започнува во петок.
Без знаци за непосреден крај на четиригодишната тотална војна на Русија против Украина и без воена акција на САД во Иран, Сирија, Венецуела и Африка под водство на претседателот Доналд Трамп, многу гласачи гледаат растечки ризик од глобален конфликт.
Овој модел е особено очигледен во Обединетото Кралство, каде што 43 проценти веруваат дека нова светска војна е „веројатна“ или „многу веројатна“ да избувне до 2031 година – во споредба со 30 проценти во март 2025 година. Речиси половина од Американците – 46 проценти – веруваат дека нова светска војна е „веројатна“ или „многу веројатна“ до 2031 година – во споредба со 38 проценти минатата година. Меѓу петте земји, само луѓето во Германија мислат дека трета глобална војна е малку веројатна во следните пет години.
Русија се смета за најголема закана за мирот во Европа, додека Канаѓаните ја гледаат Америка на Трамп како најголема безбедносна закана. Во Франција, Германија и Велика Британија, како втора најголема закана се сметаат САД, кои испитаниците ги наведуваат многу почесто отколку Кина.
Мнозинството гласачи во Франција, Германија, Велика Британија и Канада рекоа дека нивната земја треба да троши повеќе за одбрана, а овој став е најсилен во Велика Британија и Канада.
Свет
Ново пукање на американските кампуси: Две лица убиени во Јужна Каролина
Две лица беа убиени, а едно беше рането во пукање во студентскиот дом на Државниот универзитет во Јужна Каролина доцна вчера, што доведе до итно блокирање на кампусот. Инцидентот, според соопштението објавено на Фејсбук страницата на универзитетот, се случил околу 21:15 часот по локално време во студентскиот дом „Хуџин Свитс“, објави Ројтерс.
Достапни се малку официјални информации за околностите на нападот и не е познато дали напаѓачот е сè уште на слобода.
„Универзитетските претставници сè уште не го потврдија идентитетот на жртвите или состојбата на повреденото лице“, се вели во соопштението.
Лице кое се јавило на телефон во канцеларијата за јавна безбедност на универзитетот во четврток вечерта изјавило дека немало овластување да дава никакви информации за инцидентот.

