Свет
Приватизацијата на „Фершпед“ мора да се поништи

Приватизацијата на „Фершпед“ е целосно незаконска, а Управата за јавни приходи и јавното правобранителство ја кочат постапката за нејзино поништување, заклучи вчера Државната комисија за спречување корупција.
Емил Зафировски
Приватизацијата на „Фершпед“ е целосно незаконска, а Управата за јавни приходи и јавното правобранителство ја кочат постапката за нејзино поништување, заклучи вчера Државната комисија за спречување корупција.
Според Михајло Маневски, претседател на комисијата, со приватизацијата на „Фершпед“ грубо се прекршени законите и противзаконски бил присвоен државен капитал.
– Договорот за продажба на „Фершпед“ од 1995 е ништовен. Претпријатието е основано во 1989 година со 51 отсто државен капитал на ЖТП „Скопје“. Тој капитал не можел да биде предмет на приватизација. Ова е утврдено во два извештаи на Управата за јавни приходи од 1994 и од 2002 година. Утврдено е и дека спротивно на Законот за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и на Законот за облигациски односи, затоа што лицата што го презеле претпријатието немале откупено најмалку 10 отсто од акциите, туку само 3,66 отсто – истакна Маневски на вчерашната прес-конференција.
Тој ги обвини УЈП и Јавното правобранителство дека непотребно ја кочат постапката за поништување на приватизацијата.
– Станува збор за факти и за аргументи што јасно покажуваат дека се прекршени законите. Но, во третиот извештај на УЈП од 2005 година тие факти не се земени предвид. Во јануари 2005 година јавниот правобранител не извести дека нема основано сомневање оти при приватизацијата имало битни законски повреди. УЈП и правобранителството го повредија начелото на совесно, одговорно, непристрасно вршење должност. Извештајот на УЈП е селективен и едностран, а правобранителството постапува спротивно од законските обврски да ги штити државниот имот и капитал – рече Маневски.
Комисијата и понатаму ќе бара од Владата и од нејзините институции да ја поништат приватизацијата на „Фершпед“, зашто станува збор за дело што не застарува.
Комисијата на последната седница расправала и за изборните закони и заклучила дека мора да се вгради механизам за контрола во финансирањето на партиите и на политичките кампањи.
– Обврска ни е да утврдуваме како и колку пари се трошат при кампањите и да бараме тоа да го прават и државните органи. Политичката корупција е генератор на целата корупција, и тоа преку финансирање од нелегитимни и непознати извори. Со сегашниот закон за финансирање на партиите проблемот не е решен. Затоа ние баравме да бидеме вклучени во расправата за предлогот за новиот изборен законик, но Владата ниту не повика ниту не запозна со предлогот – рече Слаѓана Тасева, членка на антикорупциската комисија.
Маневски: Сакаат да не инструментализираат за политички цели
Антикорупциската комисија вчера предупреди дека врз неа се врши силен притисок за да ја инструментализираат и да ја искористат за политички цели.
– Додека ние вчера заседаваме, пред вратата ни држеа прес-конференции. Тоа е обид комисијата да биде искористена во политички цели. Но, комисијата, како и досега, ќе остане отпорна на ваквите обиди и притисоци – рече Маневски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Рубио: И Русија и Украина ќе мора да попуштат

Додека украинскиот претседател Володимир Зеленски зборуваше во Брисел, американскиот државен секретар Марко Рубио даде интервју во Соединетите Американски Држави, коментирајќи ги резултатите од неодамнешниот самит меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин.
Рубио, кој учествуваше на самитот заедно со Трамп, рече дека и Русија и Украина ќе мора да направат отстапки ако сакаат да постигнат мировен договор.
„Двете страни сакаат работи што нема да можат да ги добијат“, рече Рубио. „Можеби дури и не е можно Соединетите Американски Држави да создадат сценарио што би ја завршило војната во Украина“.
Сепак, тој нагласи дека мора да се разговара за безбедносните гаранции за Украина, што го смета за клучен елемент на секој можен договор.
Додаде и дека американската администрација забележала доволен напредок за да го оправда продолжувањето на разговорите со Зеленски.
Свет
Фон дер Лајен: Украина мора да има неограничена воена поддршка и безбедносни гаранции

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, изјави дека не смее да има ограничувања за украинската армија или странската воена помош.
„Не смее да има ограничувања за украинските вооружени сили, без разлика дали станува збор за соработка со трети земји или за помош од трети земји“, рече фон дер Лајен пред состанокот на европските лидери и самитот во Вашингтон во понеделник, на кој ќе се разговара за евентуален мировен договор меѓу Украина и Русија.
„Како што често велам, Украина мора да стане железна брана, непробојна за евентуални напаѓачи“, рече шефицата на Комисијата на прес-конференција во Брисел, заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Фон дер Лајен го пофали предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ѝ понуди на Украина безбедносни гаранции инспирирани од НАТО.
„Ја поздравуваме волјата на претседателот Трамп да обезбеди безбедносни гаранции на Украина, слични на Член 5“, рече таа, додавајќи дека Украина мора да има можност да го зачува својот територијален интегритет.
Фон дер Лајен рече дека терминот „прекин на огнот“ е помалку важен од потребата да се запре убивањето.
„Важен е перформансот. А перформансот мора да биде да се запре убивањето“, рече таа. „Затоа, не е важен изразот, туку содржината. Важно е трилатералниот состанок на претседателите на Украина, САД и Русија да се одржи што е можно поскоро“, истакна шефицата на Европската комисија, во изјава пред најавената видеоконференција на коалицијата на добронамерните.
Свет
Америка ѝ нуди на Украина заштита слична на НАТО, Путин, наводно, се согласил

Американскиот претставник Стив Виткоф изјави во интервју за „Си-ен-ен“ дека рускиот претседател Владимир Путин за прв пат се согласил да вклучи клаузула за колективна одбрана во потенцијален мировен договор за Украина.
Зборувајќи во емисијата „Состојбата на Унијата“, Виткоф појасни дека договорот е замислен како заобиколување на црвената линија на Русија – членството на Украина во НАТО. Наместо формално да се приклучат на Алијансата, САД и европските земји ќе понудат безбедносни гаранции со формулацијата „слична на Член 5“, која ги обврзува сите членки на меѓусебна одбрана.
„Се согласивме дека Соединетите Американски Држави и другите европски земји би можеле да понудат формулација слична на Член 5 како дел од безбедносната гаранција“, рече Виткоф. Тој додаде дека Путин јасно ставил до знаење дека членството на Украина во НАТО е неприфатливо, но дека тие ги започнале преговорите од претпоставката дека Украинците можат да се согласат на алтернатива.
„Сè зависи од тоа со што можат да живеат Украинците. Но, почнувајќи од тоа, успеавме да ја добиеме оваа отстапка – дека САД можат да понудат заштита слична на Член 5“, рече тој.
Виткоф нагласи дека ова е „прв пат да слушнеме дека Русите се согласиле“ на таква клаузула во кој било мировен договор.
Досега, ниту рускиот претседател ниту други функционери јавно не коментирале за толкувањето на преговорите од страна на администрацијата на Трамп.