Свет
Искористените деца трпат повеќе од осудениците
Четиринаесетгодишна штипјанка си го одзеде животот откако нејзиниот макро и љубовник бил обвинет за посредување при проституција, а 17-годишен велешанец, за кого судот утврдил дека силувал петгодишно девојче, е на слобода.
ДАЛИ ПРАВНАТА ДРЖАВА ГИ ШТИТИ НАЈМЛАДИТЕ?
Четиринаесетгодишна штипјанка си го одзеде животот откако нејзиниот макро и љубовник бил обвинет за посредување при проституција, а 17-годишен велешанец, за кого судот утврдил дека силувал петгодишно девојче, е на слобода. Ова е само дел од судските пресуди донесени според законот, но познавачите на проблематиката сметаат дека казните се преблаги.
Сашко Митев – Прчот, обвинет за посредување во вршење проституција, е осуден на казна затвор од три години и шест месеци. Тој во декември минатата година и во јануари годинава принудувал две четиринаесетгодишни девојчиња да им даваат сексуални услуги на клиенти во Штип, за што тој наплаќал по 100 евра, а девојчињата добивале по 500 денари или картички за мобилен телефон.
Пред две недели едно од девојчињата, жртва и сведок во случајот, си го одзеде животот испивајќи поголемо количество лекови. На изрекувањето на пресудата во Основниот суд во Штип родителите на почината Росана Цветковиќ реагираа револтирано.
– Што се три години, јас дете во сандак сум ставил. Тоа дете беше заведено од Сашо. Ако постои закон, тој треба доживотно да лежи во затвор – изјави по завршувањето на процесот Милорад Цветковиќ, татко на починатото девојче.
Во случајов Митев не е гонет за педофилија бидејќи ја завел Росана во декември лани неколку дена откако на 26 истиот месец таа наполнила 14 години. Според Законот тоа значи дека со навршени 14 години, таа се смета за помлад малолетник, а не за дете.
Адвокатот на родителите како и останатите вклучени во процесот не можат да зборуваат бидејќи судењето беше затворено за јавност. Но, реагираат заштитниците на правата на децата.
– Не е постапено како што треба. Што по три години? Тој Митев ќе излезе од затвор и најверојатно ќе продолжи со истите дела. А што со девојчето? Еве ние имаме случај од пред Нова година во Велес, кога 17-годишник силувал петгодишно девојче. Осуден беше на условна казна од една година затвор.
Сега е на слобода и нема да ја издржи казната ако не стори кривично дело, а народниот правобранител не може да преземе ништо бидејќи пресудата е правосилна. Ете како се грижат државата и центрите за социјална работа за децата – вели Гордана Змијанац, основач и програмска директорка на првата детска амбасада „Меѓаши“.
Сличен е ставот и на Јулијана Стојановска од невладината организација „Новинари за права на децата и животната средина“.
– Не е праведно. Јас не сум психијатар, но знам дека таа сигурно не прераснала од дете во малолетничка за неколку дена. Децата имаат различен ментален развој, што судот требало да го земе предвид. Нашето правосудство, односно судиите, треба да ја гледаат работата пошироко, а не толку строго, само според словото на законот, за да ги заштитат ваквите жртви – смета Стојановска.
Родителите на Росана најавија жалба на пресудата до Апелацискиот суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД: Ќе го блокираме полноправното членство на Палестина во ОН, тие треба да преговараат со Израел
САД ќе гласаат против палестинската кандидатура за полноправно членство во Обединетите нации и ќе ја блокираат светската организација да признае палестинска држава.
„САД продолжуваат да тврдат дека најбрзиот пат до државност за палестинскиот народ е преку директни преговори со Израел и палестинската управа со поддршка на САД и други партнери“, рече американскиот претставник.
Планирано е 15-члениот совет да гласа за нацрт-резолуцијата со која се препорачува на Генералното собрание на ОН од 193 држави „Државата Палестина да биде примена во членство во ОН“.
За да усвои резолуцијата, потребни се најмалку девет гласа и никакво вето од САД, Велика Британија, Франција, Русија или Кина. Дипломатите проценуваат дека резолуцијата би можела да собере 13 гласа, што би ги принудило САД да стават вето.
„Одамна јасно ставивме до знаење дека предвремените акции во Њујорк, дури и ако се во најдобар интерес, нема да резултираат со државност за палестинскиот народ“, рече американскиот функционер. Палестинците во моментов имаат статус на набљудувач не-членка, што е де факто признавање на државноста доделена од Генералното собрание на ОН во 2012 година.
Меѓутоа, барањето за полноправно членство мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа од најмалку две третини од членовите на Генералното собрание. Засилените напори на Палестина за полноправно членство дојдоа шест месеци по масакрот на Хамас во јужен Израел и војната во Појасот Газа по започнувањето на израелската офанзива и проширувањето на еврејските населби на Западниот Брег.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, смета дека „повеќе од кога било, неопходно е да се поддржат напорите со добра волја за воспоставување траен мир меѓу Израел и независна, одржлива и суверена палестинска држава“.
Регион
Земјотрес во Србија
Земјотрес со јачина од 2,7 степени според Рихтеровата скала го погоди Чачак.
Според ЕМСЦ, епицентарот бил два километри северно од Чачак и 47 километри западно-северозападно од Крагуевац.
Земјотресот се случил на длабочина од осум километри.
Европа
Уапсен Полјак: „Планирал убиство на Зеленски“
Маж од Полска е уапсен под обвинение дека бил подготвен да шпионира за руското воено разузнавање и да и помогне да го испланира убиството на украинскиот претседател Володимир Зеленски, соопштија полските обвинители, а пренесе Асошиетед прес.
Полското национално обвинителство соопшти дека мажот, идентификуван само како Павел К., бил обвинет дека сакал да ги пренесе безбедносните информации на аеродромот на руски агенти и бил уапсен вчера во Полска.
Човекот побарал контакт со Руси директно вклучени во војната во Украина и се очекувало да пренесе детални информации за аеродромот Жешов-Јасионка во југоисточна Полска, во близина на границата со Украина, кој е портата за меѓународни воени и хуманитарни снабдувања за Украина. Аеродромот е под контрола на американски војници.
Доколку биде прогласен за виновен, тој може да добие и до осум години затвор, се вели во соопштението за печатот.
Обвинителите рекоа дека апсењето е резултат на блиска соработка со обвинителите и безбедносните служби на Украина, кои обезбедија клучни докази. Членката на ЕУ, Полска е цврст поддржувач на соседна Украина и Зеленски во одбрана од руската агресија повеќе од две години.