Свет
Одземена лиценцата на доскорешната руска банка на Кариќ поради криминал
Централната банка на Русија ја одзеде лиценцата за работа на московската “Ака банка“, која до лани беше во сопственост на српската компанија “Браќа Кариќ“.
Централната банка на Русија ја одзеде лиценцата за работа на московската “Ака банка“, која до лани беше во сопственост на српската компанија “Браќа Кариќ“. Причина за одземање на лиценцата, според објаснувањето, е поради тоа што “Ака банка“, „во текот на една година, повеќе пати ги кршела барањата на федералниот закон за борба против легализацијата односно “перење“ пари добиени по криминален пат и против финансирање на тероризмот“. Одлуката за одземање на лиценцата на “Ака банка“ е донесена на 9.февруари, годинава. Информативната служба на Групата БК по објавувањето на веста од Москва, соопшти дека од април, 2004 година, повеќе не е акционер на оваа Банка. “Последниот влог од 10 насто акции, што ги поседуваше Групата БК, се продадени на руските компании кои сега се нови акционери на “Ака банка“, се наведува во соопштението. „Ака банка“ во средината на деведесетите отвори филијала и во Скопје, наследувајќи ги билансите и долговите на претходно отворената филијала на БК банката. Пред околу три години, скопската филијала на АКА банка беше затворена поради стечај, а обврските ги презеде Централната банка./Крај/ме/ис/б
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Нема да дозволиме уцени“ – се нижат реакции по најавата на Трамп за воведување царини за некои европски земји
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта изјави дека ќе излезат со заеднички одговор како реакција на новата закана на Доналд Трамп за воведување царини кон некои европски земји поради Гренланд.
Говорејќи на прес-конференција одржана непосредно по објавата на Трамп, Кошта порача: „Европската унија секогаш ќе биде многу цврста во одбраната на меѓународното право… кое, секако, започнува внатре во територијата на земјите членки на Европската унија“.
Нема да дозволиме уцени
Во меѓувреме, шведскиот премиер Улф Кристерсон реагираше на новите закани со царини што ги изнесе Доналд Трамп, а со кои е засегната и Шведска, пренесе „Дагенс Нихетер“.
„Нема да дозволиме уцени. Само Данска и Гренланд одлучуваат за прашањата што се однесуваат на Данска и Гренланд“, порача Кристерсон. „Секогаш ќе се залагам за мојата земја и за нашите сојузнички соседи“, додаде тој.
Премиерот наведе и дека по ова прашање започнал дијалог со другите земји членки на Европската унија.
Норвешка: Царините не се поврзани со безбедноста на Арктикот
Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Еиде, пак, изјави дека не разбира зошто американскиот претседател Доналд Трамп ги поврзува зголемените царини со безбедносната состојба на Арктикот.
„Постои широк консензус во НАТО за потребата од зајакнување на безбедноста на Арктикот, вклучително и на Гренланд. Не сметаме дека прашањето за царините припаѓа во овој контекст“, напиша Еиде во коментар за НТБ.
Британија: Царините целосно погрешни, Гренланд е дел од Данска
Британскиот премиер Кир Стармер рече дека царините се „целосно погрешни“. Тој нагласи дека Гренланд е дел од Данска и дека „неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците“.
Во изјавата го појасни ставот на Обединетото Кралство: „Нашиот став за Гренланд е многу јасен – тој е дел од Кралството Данска и неговата иднина е прашање на Гренланѓаните и Данците. Исто така, јасно ставивме до знаење дека арктичката безбедност е важна за целиот НАТО и дека сојузниците треба да направат повеќе заедно за да се соочат со заканата од Русија во различни делови на Арктикот. Примената на царини врз сојузниците поради стремежот кон колективната безбедност на сојузниците на НАТО е целосно погрешна. Секако, директно ќе се позанимаваме со ова прашање со американската администрација.“
Макрон: Неприфатливо
Францускиот премиер, Емануел Макрон најавата за царините ја нарече неприфатлива. Порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
Данска: Изненадени сме
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
Во објава онлајн на „Тру соушал“, Трамп рече дека царините од 10 отсто ќе стапат во сила на 1 февруари за Данска, Норвешка, Шведска, Франција, Германија, Велика Британија, Холандија и Финска. Овие царини ќе се зголемат на 25 проценти на 1 јуни и ќе продолжат да важат додека не се постигне договор за купување на Гренланд од страна на САД, рече Трамп.
Трамп обвини неколку европски земји дека играат „многу опасна игра“ во Гренланд, велејќи дека „светскиот мир е во прашање“.
Свет
Макрон: Царинските закани се неприфатливи, Европа ќе одговори обединето
Францускиот претседател Емануел Макрон реагираше на царинските закани на Доналд Трамп, порачувајќи дека тие се неприфатливи. Макрон нагласи дека европските лидери ќе одговорат „обединето и координирано“ доколку тие се потврдат, објави тој на социјалните мрежи.
„Франција е посветена на суверенитетот и независноста на нациите, во Европа, како и на други места. Тоа ги води нашите избори. Тоа ја поддржува нашата приврзаност кон Обединетите нации и кон нивната Повелба“, наведе Макрон. Тој додаде дека „врз таа основа ја поддржуваме и ќе продолжиме да ја поддржуваме Украина“.
Во истиот контекст го спомена и учеството во вежба на Гренланд. „Исто така, врз таа основа одлучивме да се приклучиме на вежбата што Данска одлучи да ја спроведе на Гренланд. Стоиме зад таа одлука. Особено затоа што се однесува на безбедноста на Арктикот и на границите на нашата Европа“, напиша тој.
Макрон порача дека европските лидери нема да бидат под влијание на заплашување или закани.
„Царинските закани се неприфатливи и немаат место во овој контекст“, додаде тој.
„Ќе знаеме како да го одбраниме европскиот суверенитет. Во тој дух ќе разговарам со нашите европски партнери.“
Свет
Данскиот министер: Изненадени сме од најавата на Трамп за царини
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, ја нарече изненадување најавата на Доналд Трамп за воведување царини и нагласи дека Данска е во тесна комуникација со Европската унија по ова прашање.
„Најавата на претседателот доаѓа како изненадување“, наведе Расмусен во писмена изјава. Тој во средата се сретнал со американскиот државен секретар, со кого, меѓу другото, разговарале и за несогласувањата меѓу Данска и САД во врска со Гренланд.
Трамп како оправдување за заканата со царини ја наведе испратената воена помош на неколку европски земји на Гренланд. Меѓутоа, Расмусен го отфрли тоа објаснување.
„Целта на зголеменото воено присуство на Гренланд, на кое се повикува претседателот, е токму зголемување на безбедноста на Арктикот. Во постојан контакт сме со Европската комисија и со нашите други партнери по тоа прашање“, се наведува во изјавата на данскиот министер.

