Свет
Чешка пред парламентарни избори
Кризата ескалира. Надежите дека Мирек Тополанек ќе остане на власт до крајот на чешкото претседателство со ЕУ пропаднаа. Претседателот Вацлав Клаус постави невозможни услови за формирање нова владина коалиција.
За прв пат по паѓањето на неговата влада, премиерот Мирек Тополанек отворено го нападна претседателот на државата и негов политички ривал, Вацлав Клаус. За соборувањето на неговата влада е одговорен Клаус и двајца пратеници од редовите на владејачката граѓанска партија на Тополанек. Соодветно на ваквите јавни обвинувања студена беше и атмосферата на прес-конференцијата, што двајцата државници ја одржаа во Прага. Претседателот Клаус ја прифати оставката на Тополанек и притоа нагласи дека се залага за што е можно поскорешно создавање нова влада. Клаус не и’ го даде мандатот за создавање нова владина коалиција на ниедна партија, туку само постави услови што задачата ја прават речиси невозможна.
„Прво, мора да најдеме брзо решение“, рече Клаус. „Второ, нема да прифатам никакво провизорно решение до крајот на чешкото претседателство со ЕУ или пак до предвремени избори. Трето, новата влада мора да има јасно мнозинство во парламентот. Ако премиерот Тополанек или некој друг е во состојба да собере потписи од 101 пратеник, тогаш нему ќе му го доделам мандатот за формирање нова влада“, нагласи претседателот на државата Вацлав Клаус.
Тополанек: „Не гледам друго решение“
Толку гласови во сегашниот состав на чешкиот парламент не може да собере никој. На сите партии би им била неопходна поддршката на комунистите, со кои меѓутоа никој не сака да коалицира. Затоа премиерот Тополанек, кој за сега останува да ја врши должноста премиер до наоѓањето ново решение, не гледа никаков друг излез, освен свикување предвремени избори: „Додека да дојде до смена на власта секако дека ќе сториме се’ што е во наша моќ за да ја зачуваме стабилноста и ќе ги извршиме сите должности како на внатрешен, така и на надворешен политички план. И јас се залагам за брзо решение, но морам да нагласам дека не гледам друг излез од сегашната мат позиција, освен свикување нови избори.“
Клаус намерно го минира чешкото претседателство со ЕУ?
Со овие изјави на двајцата клучни играчи на чешката политичка сцена дефинитивно се урнати надежите дека досегашниот премиер Тополанек би можел да остане на власт до крајот на јуни, кога истекува чешкото претседателство со ЕУ. За Унијата тоа значи дека ќе мора наскоро да се снаоѓа со потполно нов чешки премиер, кој нема искуство со водењето на европските активности. Таквото сценарио е најлошо, сметаат повеќето чешки ескперти. Тие исто така оценуваат дека претседателот Вацлав Клаус намерно го предизвикал целиот политички земјотрес во земјата за да го минира чешкото претседателство со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп повторно го тужи Харвард
Администрацијата на Трамп денес поднесе нова тужба против Универзитетот Харвард, обвинувајќи го дека не се придржувал до федералната истрага и барајќи документи поврзани со неговите практики за прием на студенти.
Во тужбата поднесена во федералниот суд во Бостон, адвокатите на Министерството за правда на САД изјавија дека бараните документи ќе помогнат да се процени дали Харвард се придржува до пресудата на Врховниот суд на САД од 2023 година, со која програмите за прием на колеџи базирани на раса се прогласени за неуставни.
Министерството за правда соопшти дека ја поднело тужбата „единствено за да го принуди Харвард да достави документи поврзани со какво било разгледување на расата при приемот“ и „не го обвинува Харвард за какво било дискриминаторско однесување, ниту бара парична отштета или укинување на федералното финансирање“.
Трамп, претходно овој месец изјави дека неговата администрација бара 1 милијарда долари од Харвард за решавање на истрагите за политиките на универзитетот, откако новинските извештаи објавија дека Трамп се откажал од барањето за исплата од престижниот универзитет.
Харвард е во фокусот на широката кампања на администрацијата за користење на федерално финансирање за да се поттикнат промени на американските универзитети, за кои Трамп вели дека се погодени од антисемитски и „радикално левичарски“ идеологии.
Администрацијата откажа стотици грантови доделени на истражувачи од Харвард врз основа на тоа што универзитетот не направил доволно за да го спречи вознемирувањето на еврејските студенти на својот кампус, што го натера Харвард да поднесе тужба.
фото/Depositphotos
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.

