Свет
Филипинскиот вулкан почна да грми, се очекува ерупцијата
Најактивниот вулкан во Филипините, Мајон, почна да прави огромна бучава во средата; властите предупредија за потенцијална опасна ерупција која може да се случи во секое време, објави Ројтерс
Вулканот Мајон, познат по својот облик на скоро совршен конус, веќе една недела активно изфрлува пепел, огнена кал и карпи. Властите евакуираа 50,000 жители од населените области околу вулканот. Претседателот на Филипините, Глорија Макапагал Аројо пристигна во средата во провинцијата Албаи, каде што е лоциран вулканот Мајон, за да го преиспита планот за подготвеност на владата во случај на катастрофа. Таа накратко говореше со некои од евакуираните луѓе и учествуваше во делењето на помошта.Властите рекоа дека ги мониторираат индикациите за хазардна ерупција, како континуираните прскања на лава, бучавата и експлозиите на прав комбинирани со сулфур диоксид кои излегуваат од вулканот.„Не можеме точно да предвидиме кога големиот биг бенг ќе се случи, но активностите на вулканот се се’ поинтензивни откако го прогласивме 4-от степен на ниво на тревога во неделата, “ изјави за Ројтерс, главниот вулканологист во државата, Ренато Солидум. Филипинските власти потенцираа дека се подготвени да го прогласат и највисокото ниво на тревога, доколку започне да се гледа хазардната ерупција која се карактеризира со повисоки прскања на пепел и екстензивна лава која тече по падините на вулканот.Степенот 4 индицира дека се заканува ерупција додека највисокиот степен на опасност е 5-от степен кој значи дека опасна ерупција е во тек.Доколку се случи огромна ерупција не се очекува истата да влијае врз земјоделието во земјата бидејќи бројот на фармите во овој реон е мал. Таа нема да има ниту влијание врз индустријата бидејќи во таа област нема ниту една голема фабрика. Но сепак ерупцијата може да влијае врз локалниот туризам, поради тоа што овој крај е популарен за туристите. Најдеструктивната ерупција на вулканот Мајон се случила во февруари 1841 година, кога лавата уништила цел еден град и убила 1200 луѓе.Воените трупи ограничија зона од 10 км каде никој не смее да влегува и поставија 24-часовно набљудување за да ги спречи луѓето да се враќаат во нивните домови. Беа испратени и медицински тимови до областите каде што се поставени засолништата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Лекари во Загреб вградиле мозочен стимулатор на маж со Паркинсонова болест : „Може да вози велосипед, да плива“
Уште еден голем успех на хрватските лекари. Тим хирурзи во болницата Дубрава прв во овој дел од Европа вгради мозочен стимулатор. Пред еден месец новата технологија ја примил загрепчанец кој поради Паркинсоновата болест речиси станал неподвижен.
„Поентата на таа електрода е што стимулира дел од мозокот и на тој начин ја подобруваме клиничката слика, а батеријата освен што стимулира, купува и информации од тој дел од мозокот што го стимулираме и на тој начин можеме да ги подобриме симптомите“, изјави неврохирургот Фади Алмахарик за RTL.
Во КБ Дубрава изминативе 24 години се врши длабока мозочна стимулација, но првиот пациент беше опериран со оваа најнова технологија на крајот на март. Станува збор за 67-годишен загрепчанец со Паркинсонова болест, кој сега е пуштен на домашно закрепнување.
„Во договор со неврологот, стимулацијата се вклучува, терапијата се намалува, пациентот веднаш по вклучувањето на стимулацијата покажува знаци на моторно подобрување. Беше отпуштен дома на физикална терапија и дополнително прилагодување на стимулацијата“, изјави неврохирургот Марина Рагуж.
Веднаш штом ги отстранивме шевовите по 10 дена, почнавме со стимулација и денес пациентот може да вози велосипед, да плива, да се врати на своето секојдневие“, вели хирургот.
Свет
Русите уапсија двајца нивни војници за грозоморни злосторства
Двајца руски војници се приведени под сомнение дека убиле пет лица во окупираниот дел од областа Херсон. Александар Осипов и Александар Кајгородцев веќе ги признале злосторствата што ги направиле во селата Подо-Калиновка и Абрикосовка, пишува рускиот медиум Ура.ру.
Меѓу жртвите се двајца полицајци и началникот на селото Љубов Тимчак, кој е назначен од Русија. Телото на началникот било пронајдено во средата, а на него биле видливи рани од огнено оружје, оган и експлозивни направи.
Полицијата набрзо добила дојава од заменик началникот на округот Алешински за откривање на уште две изгорени и осакатени тела на маж и жена. Безбедносните сили ги уапсиле осомничените истиот ден, а набрзо се испоставило дека станува збор за руските војници Александар Осипов и Александар Кајгородцев.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.