Свет
Три милиони луѓе под ведро небо по земјотресот на Хаити
Три милиони луѓе ги напуштиле своите домови по разорниот земјотрес што се случи вчера на Хаити, соопшти Интернационалниот Црвен Крст. Меѓу загинатите, најверојатно е и шефот на мировната мисија на Обединетите нации
Хаити се опоравува од силниот земјотрес што го погоди островот вчера попладне. Поради слабите комуникации тешко е да се утврди точниот број на жртви и материјална штета на територијата на островот.Портпаролот на Интернационалниот Црвен крст, Пол Конели, вели дека најмалку три милиони жители на островот се надвор од своите домови, а еден или два дена се потребни за проценка на штетите и организирано пристапување кон нивно санирање. Илјадници градби беа оштетени од земјотресот, соопштуваат светските агенции, меѓу кои и владините институции на Хаити и зградата на Обединетите нации во главниот град Порт-о-принс.Кинеските медиуми пренесуваат дека осуммина кинески мировници загинале при земјотресот, а десет се сметаат за исчезнати. Францускиот министер за надворешни работи вели дека шефот на мировната мисија на ОН, најверојатно е меѓу загинатите.Хаити како најсиромашна земја на Западната хемисфера е подложна на природни катастрофи. Растргната меѓу политичка нестабилност и сиромаштија, а погодувана од неколку урагани во 2008 година, Хаити се соочува со проблеми при опоравувањето од земјотресот. Присуството на мировниците на ОН им дава надеж на граѓаните на Хаити дека спасувањето на преживеаните, расчистувањето и реконструкцијата на градбите ќе биде многу поорганизирана и ќе се случи навремено.„Добрата вест е што имаме многу организации на територијата на Хаити“, вели Елизабет Франк, претседател на глобалната програма на AmeriCares, која праќа медицинска помош на Хаити. „Затоа ќе видите овде една брза реакција, побрза од онаа на Мјанмар кога беше зафатен од циклон, бидејќи многу невладини организации се подготвени да помогнат“, додава таа.Земјотресот со јачина од 7 степени е најсилен во последните 200 години на Хаити. Повеќето првични фотографии, како онаа на разурнатата национална палата во главниот град, брзо се најдоа на Фејсбук и Твитер. Поха Батиа, кореспондент за надворешни работи, вели дека многу куќи во нејзината околина се разурнати, дека телефонските линии се во прекин, но дека луѓето не се во паника. „Многумина од нив дури пеат и чекаат, надвор под ѕвездите“, напишала Батиа во електронското писмо.Други официјални лица во мејловите што ги испратиле до своите колеги сведочат за хаосот по земјотресот, за разурнати куќи и згради по главните улици на Порт-о-принс, како и за „многумина кои се повредени, а не можат да си помогнат себеси“. Сведочат дека полицијата и силите на ОН се на терен и помагаат да се надмине ситуацијата.Во Вашингтон, одржан е вонреден состанок за брз одговор на ситуацијата во Хаити.„Подготвени сме да им помогнеме на луѓето од Хаити“, вели претседателот на САД, Барак Обама. Хилари Клинтон, државниот секретар, извести дека САД праќаат цивилна и воена, како и хуминитарна помош во Хаити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Мерц: Меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои
Германија мора да се наметне и да преземе поголема одговорност во преобликуваниот светски поредок, изјави денес германскиот канцелар Фридрих Мерц.
За време на својот говор на конференцијата на неговата партија, Христијанско-демократската унија (CDU), тој оцени дека меѓународниот поредок базиран на права повеќе не постои, пренесува Ројтерс.
„Ова ќе доведе до создавање нова голема стратегија за Германија во обединета Европа. Покажуваме храброст да ја обликуваме иднината и храброст да се наметнеме“, рече Мерц.
Конгресот на ЦДУ се одржува денес и утре, 21 февруари, и тоа е првиот голем состанок на партијата откако Мерц ја презеде функцијата канцелар во мај минатата година, пренесува Танјуг.
Регион
Вицепремиер во новата бугарска влада поднесе оставка само еден ден по положувањето заклетва
Бугарскиот вицепремиер Стоил Цицилеков, поднесе оставка 24 часа откако положи заклетва во парламентот и ја презеде функцијата.
„Чесните избори се поважни од секој поединец“, изјави тој на брифинг, образложувајќи ја својата одлука.
Во врска со обвинувањата упатени против него – поврзани со поседување марихуана и управување возило во алкохолизирана состојба – Цицилеков изјави дека има чисто досие.
„Немам обвиненија, немам пресуди, немам важечки ограничувања во моментов“, рече тој и додаде дека во случајот незаконски биле користени архиви и објавени лични податоци. Цицилеков истакна дека неговото професионално искуство не било доведено во прашање и најави дека ќе ги бара своите права по судски пат, пренесува „Инвестор.бг“.
Пратеници од партијата „Има таков народ“ ги објавија обвинувањата против Цицилеков и коментираа дека имаат сомнежи оти тој има забрана да учествува во мисии на Европската унија за набљудување избори.
„Чесните избори се приоритет за оваа влада“, изјави вицепремиерот, посочувајќи дека својата одлука ја усогласил со привремениот премиер Андреј Ѓуров. По разговори во тимот било оценето дека личноста на вицепремиерот за чесни избори може да ѝ наштети на каузата, по што Цицилеков поднел оставка.
Нападите врз него се насочени кон Владата и кон спроведувањето чесни избори, изјави и премиерот на привремената техничка влада, Андреј Ѓуров.
„За нас има нешто многу поважно од политичката битка и од тоа кој ќе извлече краткорочни политички поени од овој чин“, додаде тој.
Претходно денеска, претседателката Илијана Јотова изјави дека ќе потпише барање за оставка од Стоил Цицилеков. Таа претходно посочи дека не сноси одговорност за составот на кабинетот, но повика на соодветни мерки доколку обвинувањата се покажат како основани.
Свет
Шведска студија: Една петтина од жените воопшто не сакаат да раѓаат деца
Истражување на „Афтонбладет“ покажува дека 22 отсто од жените во Шведска на возраст од 20 до 45 години воопшто не сакаат деца, додека таков став имаат само 8 проценти од мажите. Резултатите укажуваат на загрижувачки демографски трендови и го објаснуваат падот на стапката на плодност низ Европа.
Минатата година стапката на плодност во Шведска падна на 1,43 – најниско ниво откако се води статистика од 1749 година. Просекот во ЕУ е 1,38. За одржување на бројот на населението без миграција потребни се околу 2,1 деца по жена.
Според податоците, најниска стапка имаат Малта (1,06), Шпанија (1,12) и Литванија (1,18), а највисока Бугарија (1,81) и Франција (1,66).
Мартин Колк, професор по демографија на Универзитетот во Стокхолм, оценува дека разликите меѓу желбите на жените и мажите за родителство се слични со трендовите во земји со многу ниска плодност како Јапонија, Јужна Кореја, Шпанија и Италија. Тој посочува дека останува прашањето дали младите ќе имаат деца подоцна или целосно ќе се откажат од родителството.
Најчести причини што ги наведуваат младите жени во Шведска за одложување на мајчинството се стабилни приходи, соодветен партнер, подобро домување и сигурна работа. Раѓањето деца сè повеќе се гледа како планиран проект, кој бара исполнување на повеќе услови.
Демографите предупредуваат и на таканаречена „демографска инерција“ – намалувањето на бројот на жени во репродуктивна возраст значи дека дури и мало подобрување на стапката на плодност нема брзо да го зголеми бројот на новородени. Во некои земји, како Италија, трендот можеби веќе тешко ќе се промени без имиграција.

