Свет
Загинаа четворица американски и еден француски војник

Четворица американски и еден француски војник загинаа во среда во два одвоени напада на исток и на југ од Авганистан, соопшти командата на меѓународните сили под команда на НАТО во ИСАФ мисијата
Утрината двајца американски војници загинале во експлозија на импровизирана бомба во источниот дел од земјата. Потоа во текот на денот француското Министерство за одбрана го потврди загинувањето на француски подофицер на пат меѓу Багра и Ниџраб, кои се наоѓаат на запад од главниот град Кабул. Тоа е трет францски војник кој го загуби животот во Авганистан во последните три дена. Вечерва НАТО соопшти дека денеска загинале уште двајца американски војници во составот на ИСАФ. Едниот бил убиен во борба на исток, а другиот им подлегнал на повредите по експлозија на бомба на југот од Авганистан.ОД 1-ви јануари досега во Авганистан загинаа 20 странски војници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Путин му ја потврди на Трамп целта за праведно решение во Украина

Рускиот претседател Владимир Путин му ја потврди на претседателот на САД Доналд Трамп посветеноста на Москва за постигнување праведно решение на конфликтот во Украина, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров потсети на цврстата позиција на Русија за „праведно решавање на украинската криза создадена од Западот“, нагласувајќи дека оваа позиција уште еднаш јасно ја потврди Путин вчера по телефонскиот разговор со Трамп, јави ТАСС.
Путин претходно им изјави на новинарите дека разговорот со Трамп траел повеќе од два часа и дека бил суштински и искрен.
Ова беше трет телефонски разговор меѓу лидерите на Русија и САД од почетокот на годината.
Путин додаде дека Трамп во разговорот нагласил дека Русија се стреми кон мирно решение во Украина.
Свет
Писториус: Русија само купува време во мировните преговори со Украина

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус денес го обвини рускиот претседател Владимир Путин дека не е заинтересиран за мир во Украина, велејќи дека Русија „всушност купува време“ во преговорите со САД.
Писториус додаде дека Европа треба да го зголеми притисокот врз Русија со воведување нови санкции, особено врз продажбата на руска енергија, објави Ројтерс.
„Повторно сме сведоци на масовни напади (од страна на Русија) во последните денови. Овие напади зборуваат многу погласно од усните ветувања за мир што ги слушаме долго време. Путин очигледно си го губи времето. За жал, мора да кажеме дека Путин всушност не е заинтересиран за мир“, рече Писториус пред состанокот на министрите за одбрана и надворешни работи на ЕУ во Брисел.
Русија и Украина требаше да започнат разговори откако Путин разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп во понеделник, но Путин рече дека процесот ќе потрае некое време.
Откако Трамп ги информираше за разговорот со Путин, европските лидери се согласија да го зголемат притисокот врз Русија преку нови санкции.
Пред состанокот, францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро го обвини Путин за лицемерие.
„Верувам дека иако Владимир Путин продолжува да го користи својот лицемерен јазик, на сите им е јасно дека ќе продолжи со својата колонијална војна до крај, ако ние не му застанеме на патот. Да се обидеме да го принудиме Владимир Путин да ја заврши својата империјалистичка фантазија со усвојување (на ЕУ) санкции кои се навистина обесхрабрувачки“, рече Баро.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика, Каја Калас, исто така, изјави дека САД треба да се приклучат на блокот во зголемувањето на притисокот врз Русија.
„Сите се согласивме и рековме, дека ако не се согласат на безусловно примирје, како што се согласи Украина пред 60 дена, ќе бидат преземени силни мерки“, рече Калас пред состанокот.
Регион
Косово го забрани увозот на пилешко месо од Бразил поради птичји грип

Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово објави забрана за увоз на пилешко месо и други производи од живина од Бразил поради епидемија на птичји грип, јавува Анадолија.
Привремената забрана стапува на сила веднаш и е одговор на потврден случај на птичји грип на комерцијална фарма во државата Рио Гранде, Бразил, пријавен од бразилските власти на 16 мај.
Агенцијата наведува дека целта на одлуката е да се заштити јавното здравје и да се спречи потенцијалното ширење на болеста во Косово.
„Птичјиот грип е многу заразна вирусна болест која првенствено ги напаѓа птиците и, во ретки случаи, може да се пренесе на луѓето. Иако нема докази што укажуваат дека консумирањето живинско месо или јајца го пренесува вирусот, забраната за увоз е превентивна мерка за да се обезбеди безбедност на храната за нашите граѓани“, наведува Агенцијата.
Оваа одлука е во согласност со меѓународните практики и ги следи постапките на други земји, вклучувајќи ги Европската Унија и Кина, кои исто така го суспендираа увозот на пилешко месо од Бразил откако беше потврдена епидемијата, се додава во соопштението, објави РТК.