Свет
Обама: нуклеарниот материјал најголема закана за светската безбедност
Претседателот на САД Барак Обама во вторникот ги повика светските лидери да ја засилат својата решеност за ставање под подобра контрола на нуклеарниот материјал и оружја, со што тој би останал надвор од дофатот на терористичките организации, пренесува Channel News Asia.
Целта на дводневниот самит во Вашингтон посветен на ова прашање, најголем ваков настан организиран во САД од 1945 година наваму, е да се изнајдат механизми нуклеарниот материјал, плутониумот и високо-збогатениот ураниум, од воените и од цивилните резерви да биде ставен под целосна контрола или уништен во рок од четири години. „Мислам дека овој самит е индикација за тоа колку сите треба длабоко да се загрижат од последиците на шверцот на нуклеарен материјал. Верувам дека на крајот на самитот ќе видиме конкретни акции за кои секоја од земјите-учеснички ќе се заложи и кои ќе го направат светот малку побезбедно место“, истакна Обама. Украина, во која во 1986 година се случи најголемата нуклеарна катастрофа во историјата, кога експлодираше реактор од атомската централа во градот Чернобил, му го даде првичниот поттик на самитот со тоа што се откажа од своите залихи на високозбогатен ураниум, подготвен за изработка на атомска бомба. Новоизбраниот претседател на Украина, Виктор Јанукович на билатералната средба со Обама му рекол дека неговата земја се откажува од 90 килограми високозбогатен ураниум, доволен за изработка на неколку бомби. Примерот на Украина веднаш го прифатија Канада, која се откажа од многу помалите залихи, а пред неа тоа го стори и Чиле. Претседателот на Чиле, Себастијан Пињера, на самитот истакна дека префрлањето на нивниот ураниум во САД на чување претставува пример за тоа како помалите земји можат со конкретни акции да придонесат за побезбеден свет. Во вторник САД и Русија во рамките на самитот треба да потпишат договор за средување на резервите на плиутониум. Договорот предвидува елиминација на непотребните количини на плутониум и во двете земји кои, според американскиот Стејт дипартмент, се доволни за изработка на неколку илјади нуклеарни оружја. Сенка врз успешноста на самитот фрлаат зголемените тензии околу нуклеарната програма на Иран. Во понеделникот претседателите на САД и на Кина на билатералната средба се договорија нивните делегации да работат заеднички на осмислувањето на евентуалните санкции врз Иран, во рамките на Обединетите наци и групата „п5+1“ (САД, Русија, Кина, Франција и британија како членки на СБ на ОН, плус Германија). Проблеми создава и втората држава која има проблемитечна нуклеарна програма, последниот комунистички бастион на светот Северна Кореја, која му се спротивстави на меѓународниот притисок и произведе сопствено нуклеарно оружје. Ниту лидерите на Северна Кореја, ниту пак тие на Иран учествуваат на самитот во Вашингтон. Претставникот на Иран во меѓународната агенција за атомска енергија,контролно тело на Обединетите нации, Али Асгар Солтание, го обвини Вашингтон дека „САД се всушност, вистинската закана за светскиот мир“, имајќи го предвид нивниот огромен нуклеарен арсенал. „Исходот на конференцијата во Вашингтон е познат однапред. Какава и да било одлука донесена на оваа средба нема да биде обврзувачка за оние земји кои не се претставени на самитот“, изјави Солтание за иранската новинска агенција ИСНА. На самитот не присуствува и изралескиот премиер Бенјамин Нетанјаху, кои стравува дека муслиманските држави во Вашингтон ќе го покренат прашањето за недекларираното израелско нуклеарно оружје и ќе побараат еврејската држава да дозволи меѓународни инспекции на арсенало. Шефот на египетската дипломатија Ахмед Абул Геит на самитот истакна дека се надева оти санкциите кон Иран би можеле да се одбегнат, но побара Израел да биде казнет поради одбивањето да го потпише Договорот за неширење на нуклеарното оружје. Францусккиот претседател Никола Саркози на конференциијата се согласи со својот американски колега дека нуклеарниот материјал претставува најголема опасност за светската безбедност и дека треба да се држи под цврста контрола, но истакна дека Франција не може унилатерално да се откаже од својата нуклеарна прогграма.„Во толку опасен свет каков што е овој во кој живееме, Франција не може унилатерално да се откаже од нуклеарното оружје“, истакна Саркози.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

