Свет
Затворена швајцарската жиро-сметка на основачот на Викиликс
Подружница на швајцарската пошта, компанијата ПостФинанс ја затвори сметка на основачот на сајтот Викиликс Џулијан Aсанж, со образложение дека тој доставил неверодостојни информации за местото на престојување, се вели во соопштението на компанијата издадено денеска. Претходно швајцарските медиуми објавија дека ПостФинанс, врши проверка на податоците за жиро-сметката отворени на името на Џулиан Асанж. Станува збор за сметка на која поддржувачите на Викиликс уплаќаат донации за интернет страницата. „ПостФинанс ја затвори жиро-сметката на основачот на Викиликс, Џулијан Асанж. Решението е донесено откако се утврди дека Асанж при отворањето на сметка дал лажни информации во врска со неговото место на живеење“, се наведува во соопштението на компанијата, што го цитира АФП.Според ПостФинанс, како место на живеење Асанж го навел градот Женева. „Проверката покажа дека оваа информација е неверодостојна. Асанж не може да обезбеди доказ за престој во Швајцарија, така што не може да ги исполни барањата да стане клиент на ПостФинанс“, се додава натаму во соопштението. Претходно, на интернет страницата Викиликс којашто продолжува со објавувањето на интригантните тајни преписки на американската дипломатија и администрацијата, услугите и ги откажаа електронските платежни системи Амазон.ком, ПејПал и ЕвриДНС. ПејПал во своето образложение наведува дека се решиле на овој чекор откако американските власти соопштија дека активноста на интернет страницата со објавувањето на документите, претставува кршење на законот. Исто така, образложувајќи ја оваа одлука, ПејПал се повикува на одредени сопствени услови за услугата коишто забрануваат употребата на системот за плаќање за секоја активност која е на некој начин поврзана со нелегални активности. Судот во Стокхолм во ноември го одобри барањето на Обвинителството да го приведе 39-годишниот Австралиец, кој е обвинет во Шведска за силување и сексуално малтретирање, а од 20 ноември Интерпол (на барање од канцеларијата на шведскиот обвинител) дистрибуираше до сите 188 земји членки на организацијата ткн. „црвена потерница“ со името на Асанж, што е еднакво на негово влегување на листата на најбарани лица. Сепак, според адвокатот на Асанж, Марк Стивенс, Скотланд Јард ќе го отфрли налогот бидејќи тоа ги прекршува законските норми. Во четвртокот, британскиот весник „Индепендент“ напиша дека Асанж наводно се наоѓа во Лондон, и дека на полицијата и ги дал сите негови контакти и адресата на којашто престојува. Асанж самиот ги отфрла обвинувањата, нарекувајќи ги дел од „валканата кампања“ што се води против Викиликс од јули годинава кога почна со објавувањето на тајните документи на Пентагон за војните во Авганистан и Ирак. Од минатиот понеделник Викиликс повторно е во центарот на вниманието на светската јавност откако почна со објавување на официјалната тајна кореспонденција на американските дипломати со Стејт департментот. Во депешите на амбасадорите на САД и лица од администрацијата со непријатни карактеристики се опишуваат настани во многу земји, а се даваат недипломатски оцени за голем број светски лидери. Инаку документите што ги објавува Викиликс не ја носат ознаката „строго доверливо“, туку се класифицирани како „за внатрешна употреба“. /крај/афп/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп: Не треба повеќе да имаме избори; Белата куќа: Се шегува
Белата куќа соопшти дека американскиот претседател Доналд Трамп не бил сериозен кога пред неколку дена изјавил дека можеби воопшто не треба да има избори за Конгресот. Портпаролката на Трамп, Каролин Ливит, изјави дека претседателот всушност сакал да биде хумористичен со изјавата, а не да го доведе во прашање одржувањето на изборите.
„Претседателот се шегуваше“, рече Ливит, одговарајќи на прашања од новинарите. Таа додаде дека Трамп зборувал во контекст на пофалба на работата на неговата администрација, сугерирајќи дека тие „работат толку добра работа“ што, во таа смисла, треба само да продолжат.
Изјавата на Трамп доаѓа од получасовно интервју што го даде за „Ројтерс“ во Овалната соба на Белата куќа завчера. Зборувајќи за среднорочните избори, Трамп изрази фрустрација од историскиот модел во кој партијата на власт често губи места во Конгресот.
„Кога ќе победите на претседателските избори, не ги добивате среднорочните избори“, рече Трамп, а потоа додаде дека неговата администрација направила толку многу што, рече тој, „кога ќе размислите за тоа, воопшто не треба да имаме избори“.
Изјавата предизвика загриженост и критики бидејќи уставот на САД предвидува одржување избори за Конгресот на секои две години, без можност за претседателска одлука за нивно откажување.
фото/Depositphotos
Свет
Италијански министер ги исмева европските сили во Гренланд: „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“
Италија одби да се придружи на европската мисија во Гренланд, а министерот за одбрана на земјата, Гвидо Кросето, отворено ја исмеа иницијативата, додека тензиите меѓу Европа и САД растат поради намерата на американскиот претседател Доналд Трамп да го окупира арктичкиот остров.
„Гренланд. Се прашувам зошто. Патување?“, рече тој денес во Рим. „15 Французи, 15 Германци – звучи како почеток на виц“, рече Кросето за европската мисија.
Оваа недела, некои европски земји испратија мал број воени лица во Гренланд, покажувајќи солидарност со Данска, што италијанскиот министер за одбрана рече дека не го разбира.
Трамп сака да го преземе Гренланд затоа што вели дека го смета за клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка локација и големите минерални резерви.
Тој не ја исклучи ниту употребата на сила за негово заземање.
фото/Depositphotos
Свет
Трамп им се закани на сите земји кои нема да го поддржат за Гренланд
Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани дека ќе воведе царини на земјите кои не го поддржуваат неговиот план САД да ја преземат контролата врз Гренланд.
„Можам да ставам царини на земјите ако не се согласат за Гренланд, бидејќи ни е потребен Гренланд за национална безбедност“, рече Трамп на тркалезната маса во Белата куќа за руралното здравје.
Трамп постојано изјавува дека САД апсолутно мора да го преземат Гренланд, со што дополнително ќе го зголемат притисокот врз Данска, на која формално ѝ припаѓа островот.
Неговата изјава доаѓа по состанокот во Белата куќа во средата, на кој присуствуваа данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен и министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, заедно со американскиот државен секретар Марко Рубио и потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс.
Истиот ден, Врховниот суд на САД објави дека очекува во вторник да донесе долгоочекувана одлука за легалноста на царините на Трамп. Прашањето е дали претседателот може сам да воведе царини или за тоа е потребно одобрение од Конгресот.
Трамп зборуваше на состанок кој формално беше посветен на инвестиции во руралните средини, но за време на говорот, како што е неговиот обичај, тој се осврна и на други политички теми.
фото/Depositphotos

