Свет
Руската опозиција се понеобединета
Внатрешните несогласувања на руската опозиција се продлабочија откако клучните опозициски фигури и активистите за човекови права повторно не успеаја да се договорат за заедничките услови под кои би аплицирале за дозвола да одржат протестен собир на 31 јануари на московскиот плоштад „Триумфалнаја“, пренесува Риа НовостиОпозицијата се обидува да одржи протестен митинг на последниот ден на секој месец кој има 31 ден, со барање властите да го почитуваат членот 31 од рускиот Устав, кој гарантира слобода на собирање.Барањата да се дозволат протестите беа без исклучок отфрлани од поранешниот градоначелник Јуриј Лужков. Откако беше сменет, неговиот наследник Сергеј Собјанин ги одобри протестите во октомври и во декември, но за многу помал број на демонстранти отколку што беше побарано. Од тогаш, опозициските лидери не можат да се договорат како да продолжат со протестите.Активистот за човекови права Лев Пономарјов, лидерот на московскиот огранок на Хелсиншкиот комитет Људмила Алексеева и лидерот на движењето Левичарски фронт Сергеј Удалцов поднесоа барање за протест на кој ќе учествуваат 1.500 луѓе, како што одобри градоначалникот. Истовремено, контроверзниот лидер на Другата руска партија, Едуард Лимонов и активистот на Левичарскиот фронт Константин Косјаков, поднесоа друго барање, во кое инсистираат да се одобри присуство на 2.500 луѓе, што тешко ќе биде одобрено. Ваквиот гест веднаш предизвика реакции од опозиционерите кои се прилагодија кон условите на градоначалникот.„Лимонов мрази протестни собири кои се одобрени од власта“, напиша на својот блог Људмила Алексеева. Уште едно опозициско движење „Солидарност“, најави дека ќе учествува и на двата собирни протести, за на тој начин да се обидат да ја поттикнат опозицијата да се обедини. На 31 декември во Москва се одржаа два протестни митинзи. Околу 70 луѓе, меѓу кои и Косјаков, Лимонов и поранешниот премиер Борис Немцов, беа уапсени и осудени на затворски казни од 10 до 15 дена. /крај/риа/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

