Свет
Професорите си ги згрижија снаите и зетовците
Една третина од вработените на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје се во роднински врски. Од извори на факултетот дознаваме дека таму има вкупно сто вработени, а триесетина од нив се ќерки, синови, снаи и внуци на некои од професорит
Мери Јордановска
Една третина од вработените на Факултетот за ветеринарна медицина во Скопје се во роднински врски. Од извори на факултетот дознаваме дека таму има вкупно сто вработени, а триесетина од нив се ќерки, синови, снаи и внуци на некои од професорите. На факултетот, според нашите извори, непотизам има од вработувањата на „Студентски прашања“, преку сметководителите, па до асистентите и професорите.
Така, ќерката на деканот на Ветеринарниот факултет, Јосиф Тосевски, Милица, е економистка во сметководството на факултетот. Ќерката на сметководителот Зоран Тевчев, Валентина Константиновиќ, пак, му е техничка секретарка на деканот Тосевски. На факултетот работат и синот и ќерката на професорот по репродукција, Ѓорѓи Мицковски, Љупчо и Наташа. Иван Краљевски, зет на другиот професор по репродукција, Никола Поповски, ги одржува компјутерите на факултетот, а истовремено држи вежби и испити по информатика.
Ќерката на професорот по внатрешни болести на преживни животни, Дино Чрчев, Радмила, е помлад истражувач во истото одделение кај нејзиниот татко. Лаборант во институтот кај нејзиниот татко е Александра Бошњаковска. На факултетот работат и ќерката и синот на професорот Методија Додовски, Александар и Катерина. Сопругата на асистентот по хигиена и технологија на млеко, Павле Секуловски, Сања, е сметководителка на факултетот. Слична е ситуацијата и со доцентот Владимир Петров, кој го наследил предметот физиологија, кој претходно го држел неговиот татко Кирил, кој заминал во пензија.
Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина, Јосиф Тосевски, вчера не беше расположен да разговара за непотизмот на факултетот.
– Немав сознанија дека толкав голем број синови, ќерки и зетови на професорите работат на факултетот, но сета документација за прием на нови кадри и е достапна за јавноста, таа е регуларно спроведена и можете да дојдете да ја видите – рече Тосевски.
Од Министерството за образование сметаат дека ректорот на скопскиот универзитет треба да им укаже на сите декани на факултетите кон проблемот на непотизам да пристапат со поголема морална одговорност.
– Ректорот на скопскиот универзитет треба да им укаже на сите декани да имаат поголема етичност при вработувањата и со поголема морална одговорност да пристапат кон проблемот со непотизмот. Ако факултетите увидат дека постои проблем со непотизам, за тоа треба да разговараат на наставно-научниот совет, кој ја избира рецензионата комисија за прием на нови кадри – велат од Министерството.
Таму велат дека Државниот просветен инспекторат може да реагира само ако е повредена постапката за избор, односно ако не се земени предвид трудовите на сите кандидати или ако некој има повисок просек од примениот асистент. Со тоа, велат од Министерството, конкурсот мора да се поништи.
Слаѓана Тасева, член на Државната комисија за спречување на корупцијата, вели дека државата мора да ги заостри критериумите за прием на нови кадри. Освен тоа, смета Тасева, мора да се воведат внатрешна и надворешна евалуација на факултетите што ќе ја проверуваат работата на новопримените асистенти и лаборанти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

