Свет
Речиси 99 отсто гласови за независност на јужен Судан
Првичните резултати од референдумот во јужните покраини на Судан покажуваат дека речиси 99 проценти од гласачите одбрале независност, соопшти денеска Комисијата за референдум по пребројани 98,7 проценти од гласовите, пренесува Reuters
Референдумот беше договорен во рамките на мировниот договор помеѓу Југот и Северот во 2005 година, со кој заврши најдолгата граѓанска војна во историјата на Африка. Ваквите резултати беа очекувани, поради речиси вековните тензии меѓу муслиманскиот Север и Југот во кој претежно живеат христијани и оние кои ги почитуваат традиционалните религии.Гласачките ливчиња сега треба да бидат испратени во штабот на Комисијата во престолнината на Судан, Картум на проверка, пред првичните резултати да бидат официјално потврдени во тек0от на наредната недела. Југот својата независност најверојатно ќе ја прогласи на 9-ти јули.Се’ уште останува да се прецизира како ќе биде разделена економијата, изворите со нафта и како ќе се одбележи новата граница. Спорниот централен регион Абјеи и натаму останува главна точка за можни недоразбирања, бидејќи и двете страни тврдат дека областа е нивна. Во текот на одржувањето на референдумот, во оваа област дојде до повеќе смртоносни судири меѓу локалните племиња. Аналитичарите сметаат дека ниту Југот, ниту Северот не се подготвени за повторно да влезат во тотална војна. Речиси 98 проценти на буџетот на Југот се полни од приходите од нафта, која се рафинира и транспортира преку Северот. Граѓанската војна помеѓу Северот и Југот, поттикната од расправиите околу нафтата, идеологиите, етничките и верските разлики, одзеде околу два милиони животи и дестабилизира поголем дел од источна Африка.Аналитичарите очекуваат мнозинскиот христијански, со нафта богат јужен Судан да се одвои од претежно муслиманскиот север, а власта на север вети дека доколку референдумот успее, ќе дозволи мирно да се одвои јужниот дел.Во саботата според дописниците на агенциите во Картум, главниот град на Судан, атмосферата не била весела, по се’ поизвесното делење на најфолемата африканска држава, во кој северот има 32 милиона а на југот живеат девет милиони население. Се’ поизвесното изгласување на независноста ќе значи дека ќе биде формирана 193-та држава во светот која според најавите ќе биде втемелен во април, кога според мировниот договор со кој заврши граѓанската војна во југот на Судан, истекува шестгодишниот преоден период. Конфликтите во Судан без прекин траат веќе неколку децении. Граѓанската војна меѓу северот и југот на Судан којашто траеше од 1955 до 1972 г. заврши во обезбедувањето на одреден степен на автономија и внатрешно управување за јужните држави. Примирјето траеше околу десет години, по што вооружениот конфликт ги обнови Народната армија за солободување на Судан.Мировните преговори меѓу бунтовниците од југот и владата во 2003 и 2004 г., дојдоа до посакуваните резултати за мир. Во 2005 г., двете страни потпишаа сеопфатен мировен договор, според кој на 9 јануари 2011 г. ќе се одржи референдум. На плебисцитот населението од јужниот дел на Судан ќе одлучи дали да остане во составот на унитарниот Судан или да ќе формираат независна држава.Покрај Народната армија за ослободување на Судан, во јужниот дел на земјата дејствуваат уште неколку бунтовнички групи, кои истакнуваат свои барања. И покрај мировниот договор од 2005 г., се’ уште има спорадични судири меѓу нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.