Свет
Турскиот премиер го отфрли израелскиот извештај за хуманитарната флотила
Премиер Таип Реџеп Ердоган го отфрли како пристрасен извештајот на израелската истражна комисија, според кој се оправдуваат акциите на израелските сили во текот на кризата со хуманитарната флотила во мај минатата година, пренесува Риа НовостиИзраелските војници извршија напад на бродовите од таканеречената „Флотила на слободата“, кои во мај минатата година превезуваа 10.000 тони хуманитарна помош за Палестинците во Појасот Газа и кои во моментот на нападот се наоѓаа во неутрални води. Во нападот загинаа деветмина турски државјани.Израел започна истрага за нападот кон крајот на јуни. Во меѓувреме, земјата одби повеќе повици за формирање на меѓународна истражна комисија која би го истражила инцидентот. Во својот извештај, објавен денеска, израелската комисија вели дека дејствијата на израелската армија и морнарица биле легални и вината ја префрла на насилното однесување на патниците на бродовите. Реџеп Таип Ердоган го отфрли извештајот како пристрасен.„Што друго може да се очекува од спонзориран извештај?“, изјави тој за новинарите и додаде дека извештајот „нема никаков кредибилитет“. Инцидентот им нанесе тежок удар на турско-израелските односи. Кусо потоа, Анкара го отповика својот амбасадор од Тел Авив и побара официјално извинување и компензации од Израел. /крај/риа/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Странски турист испадна од кабина на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора
Еден странски турист загина, а тројца се спасени во несреќа на жичницата на планината Дурмитор во Црна Гора. Тамошните медиуми објавија дека двајца германски државјани испаднале од својата кабина, од кои еден починал, додека неговата сопруга е тешко повредена.
По неколкучасовниот прекин на работата на жичницата поради несреќата, спасени се тројца странски туристи кои беа заглавени на стрмниот и непристапен дел на скијалиштето на Дурмитор. Тие беа заглавени во горниот дел на жичницата, каде што температурите се пониски.
Црногорските медиуми објавија дека несреќата се случила откако жичницата поради дефект тргнала наназад, при што двајцата Германци испаднале од кабината.
Свет
Поради зимата во Газа умираат бебиња и деца, повик до Израел да дозволи помош
Организацијата „Лекари без граници“ (Médecins Sans Frontières – MSF) вчера предупреди дека бебиња и деца во Појасот Газа умираат од студ поради тешките зимски услови и го повика Израел да ја ублажи блокадата на хуманитарната помош, додека, како што наведуваат, воените дејствија продолжуваат и покрај примирјето.
МСФ соопшти дека во јужниот дел на Газа, во Кан Јунис, од тешка хипотермија починало прерано родено бебе на 29 дена, истакнувајќи дека зимата во комбинација со исклучително лошите животни услови значително ги зголемува здравствените ризици, пренесе Ал Џезира.
Според податоците на Министерството за здравство на Газа, бројот на смртни случаи поради екстремните временски услови достигнал 13, додека претходно оваа недела од студ починало и двонеделно бебе поради недостаиг на соодветно засолниште и облека.
Шефот на педијатриско-акушерското одделение во Медицинскиот комплекс „Насер“ Ахмед ал-Фара предупреди дека хипотермијата е исклучително опасна за новороденчињата и дека доколку на семејствата во шаторите не им се обезбедат средства за греење и соодветно сместување, бројот на смртни случаи ќе расте.
МСФ наведува дека бележи висок пораст на респираторни инфекции, кои во текот на зимата би можеле дополнително да се шират, особено загрозувајќи ги децата под пет години.
Во последните недели Газа се соочува со обилни врнежи, силни ветрови и ниски температури, при што повеќе од 53.000 шатори, кои служат како привремено сместување за раселените лица, се оштетени или уништени.
Поради уништената инфраструктура, улиците брзо се поплавуваат, а канализацијата се излева, додека семејствата се принудени да се засолнат во делумно урнати објекти.
Обединетите нации наведуваат дека Израел и натаму спречува испорака на шатори, ќебиња и други основни потреби, додека околу 55.000 семејства претрпеле штета за време на невреме, а оштетени се и просторите наменети за деца, што погодило околу 30.000 деца.
Организацијата „Refugees International“ оцени дека хуманитарната помош во Газа пристигнува во минимални количини, делумно поради списокот на „контролирани предмети“, кој, според наводите, вклучува и основни потреби како пелени, завои и шатори.
Свет
Брз патнички воз уби седум слонови на пруга во Индија
Седум диви азиски слонови загинаа, а еден мал е повреден кога брз патнички воз се судрил со крдо кое ја преминувало пругата во североисточната индиска сојузна држава Асам, соопштија локалните власти.
Машиновозачот забележал крдо од околу 100 слонови и ги употребил сопирачките за итни случаи, но возот сепак удрил во дел од животните, изјави портпаролот на Индиските железници, Капинџал Кишор Шарма.
Пет вагони и локомотивата излетале од шините по сударот, но немало човечки жртви.
Ветеринари извршиле обдукција на угинатите слонови, кои дополнително треба да бидат погребани.
Местото на несреќата е шумско подрачје на околу 125 километри југоисточно од главниот град на Асам, Гвахати.
Возот „Раџдани експрес“, кој сообраќал од Саиранг во државата Мизорам која се граничи со Мјанмар, бил на пат кон главниот град Њу Делхи со 650 патници кога удрил во слоновите.
Сударите на возови и диви слонови не се ретки во Асам, каде што живеат околу 7.000 диви азиски слонови, што претставува една од најголемите концентрации во Индија. Од 2020 година, најмалку десетина слонови биле убиени на овој начин.

