Свет
Мубарак не отстапува од функцијата, но повеќе нема да се кандидира за претседател
Египетскиот претседател Хосни Мубарак вечерва преку државната телевизија имаше обраќање до народот. Она што е најважно во говорот е дека тој нема да ја напушти претседателската функцијата, но најави дека нема да се кандидира на следните претседателски избори кои треба да се одржат во септември годинава.„Независно од работите кои последните денови се случуваа во Египет, јас веќе од порано одлучив да не се кандидирам на следните претседателски избори. Во овие неколку месеци колку што преостануваат до крајот на мојот мандат ќе сторам се да ги трансформирам работите, а парламентот ќе го замолам да ги забрза процесите за распишување на изборите“, истакна Мубарак. На потег сега е египетската опозиција, нивниот лидер Мохамед Ел Барадеј, претходно денеска на Мубарак му даде рок до петок да ја предаде власта. Пред обраќањето до народот Хосни Мубарак имаше средба со специјалниот пратеник и поранешен амбасадор на САД во Египет, Френк Визнер, кој му ја пренел пораката на американскиот претседател Барак Обама.„Пораката која ја пренесе Визнер не е директно барање, Мубарак веднаш да ја напушти власта. Во пораката му се советува да започне процес на реформи кои ќе кулминираат со слободни и фер избори во септември, кога ќе се избира нов претседател“, пишува весникот „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на дипломатски извори. Демонстрантите кои веќе една недела на улиците на Каиро и други египетски градови бараат оставка од Мубарак, која на претседателската функција се наоѓа од 1981 година. крај/cnn/new york times/н.ц
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американската амбасада во Данска по хаосот што го создаде Трамп: „Немаме планови да го зголемиме военото присуство на Гренланд“
Соединетите Американски Држави во моментов не планираат да го зголемат своето воено присуство на Гренланд, изјави портпаролот на американската амбасада во Копенхаген.
Тој го изјави ова откако новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп повторно изрази интерес за припојување на Гренланд кон САД.
„Немаме планови да го зголемиме сегашното американско воено присуство на Гренланд“, изјави портпаролот за Ројтерс.
Данскиот министер за надворешни работи Ларс Локе Расмусен изјави вчера дека Данска е „отворена за дијалог“ со Трамп во врска со безбедносните прашања на Гренланд, но рече дека е малку веројатно Гренланд некогаш да стане дел од САД.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами рече дека е уверен оти новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп ќе признае дека Гренланд е дел од Кралството Данска, иако тој призна дека реториката на Трамп понекогаш може да биде „дестабилизирачка“.
Зборувајќи за радио Би-Би-Си, Лами рече дека од првиот мандат на Трамп било јасно дека интензитетот на неговата реторика и непредвидливоста на неговите изјави понекогаш може да предизвикаат нестабилност.
На прашањето за намерите на Трамп да го направи Гренланд дел од САД, Лами рече дека, според него, Трамп е фокусиран на неговите прашања за Русија и Кина на Арктикот, како и на националната економска безбедност.
„Сигурен сум дека Трамп смета дека Гренланд е дел од Кралството Данска“, рече Лами.
Свет
Русија за Гренланд: Арктикот е наш интерес, внимателно ги следиме драматичните изјави на Трамп
Соединетите Американски Држави немаат тековни планови да го зголемат своето воено присуство на Гренланд, соопшти американската амбасада во Копенхаген откога идниот американски претседател Доналд Трамп го обнови интересот за преземање на арктичкиот остров.
Кремљ објави дека многу внимателно ја следи драматичната реторика на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој се закани со анексија на Гренланд, данска територија географски лоцирана на Арктикот, каде што Русија има предност.
„Арктикот е област на нашите национални интереси, ние многу внимателно го следиме прилично драматичниот развој на ситуацијата, која, фала богу, досега остана на ниво на изјави“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, додавајќи дека Русија сака да ги одржи мирот и стабилноста таму.
Трамп, кој ќе ја преземе должноста на 20 јануари, оваа недела рече дека американската контрола на стратешки важниот арктички остров е апсолутна неопходност и дека не ја исклучува употребата на воена или економска акција.
„Нема планови за зголемување на сегашното воено присуство на САД на Гренланд“, изјави портпаролот на амбасадата за „Ројтерс“. „Ќе продолжиме тесно да работиме со Копенхаген за да се осигуриме дека сите предлози ги задоволуваат нашите заеднички безбедносни потреби.
Гренланд е од клучно значење за американската војска и нејзиниот систем за рано предупредување за балистички ракети имајќи предвид дека низ островот минува најкраткиот пат од Европа до Северна Америка. Американската војска има постојано присуство во воздухопловната база „Питуфику“ во северозападниот дел на Гренланд.
Свет
Пензионери во Полска шверцувале дрога вредна речиси 950.000 евра
Двајца пензионери се приведени во Полска кога со камп-приколка се обиделе да прошверцуваат дрога вредна четири милиони злоти (околу 950.000 евра) од Шпанија во Полска.
Според соопштението на полската полиција, тие посетиле многу места на пат низ Европа, а во еден од шпанските градови, освен разгледување и сончање, купиле и речиси 60 килограми марихуана, која ја скриле во камп-приколка, пренесува агенцијата ПАП.
Во близина на Варшава полицијата го запрела нивното возило и по темелно пребарување, во ѕидовите на приколката пронашле вреќи со марихуана.