Свет
Тајланд гледа странска вмешаност во инцидентите со Камбоџа
Министерот за надворешни работи на Тајланд, Касит Пиром тврди дека Камбоџа во пограничниот конфликт со неговата земја може да дејствува со помош на Русија, Индија и Кина, пишува интернет изданието на весникот Nation. Во последните судири меѓу воените погранични единици на Тајланд и Камбоџа во спорната област загинаа најмалку 12 лица. Двете страни се обвинуваат меѓусебно за почеток на конфликтот. „За брзо да се постигнат неговите цели (премиерот на Камбоџа, Хун Сен) најбрз начин – е да се започне со жестоки судири, како што се случи на 4-ти февруари. И тој постигна овој успех, очигледно со помош на земји како Русија, Индија и Кина. А потоа тој поднесе жалба до Советот за безбедност на Обединетите нации против нас“, изјавил тајландскиот министер за надворешни работи Касит Пиром во средата на состанокот на Комитетот за надворешни работи на тајландски Сенатот. Тој не детализирал, како овие земји би можеле да и помогнат на Камбоџа. Според него, тој ќе отпатува во Њујорк на 14-ти февруари кога е закажан состанокот на Советот за безбедност на Обединетите нации и „ќе го објасни сето тоа“. „Јас ќе ја бранам Тајланд каде и да е. Не треба да заборавиме дека во лицето на САД имаме вистински пријател“, рекол шефот на тајландската дипломатија. Пиром е поранешен амбасадор на Тајланд во Русија, а потоа и во САД. Тој беше член на раководството на националистичкото движење ткн. „Жолти кошули“ за време на блокадите на меѓународниот аеродром во Бангкок во 2008 г., а потоа ја презеде функцијата министер за надворешни работи во владата на Абхисит Ветџаџива. Во периодот од 4-ти до 7-ми февруари во спорната граничната област се случија голем број судири меѓу единиците на армиите на Тајланд и на Камбоџа, при што беше употребен и артилериски оган а имаше и ракетирање. Во судирите загинаа најмалку 12 лица од двете страни, вклучувајќи и воени и цивилни лица. Приота се предизвикани и големи штети на административните и станбените згради од двете страни на границата. Од гранатирањата урнат е дел од зданието кое се наоѓа на спорната територија – древниот хиндуистички храм Преах Вихеар (Пхра Вихан) кој потекнува од периодот на империјата на Анкор, кој е на списокот на светско културно и историско наследство на УНЕСКО. Оваа територија е главната причина за големиот пограничен спор меѓу двете земји кој трае повеќе од педесет години. Во последните неколку седмици, и од двете страни на границата трупаат армиски сили, вклучувајќи и оклопни единици. Според аналитичарите, конфликтот кој се активира а потоа згаснува во текот на изминатите 50 години се јавува поради внатрешните политички проблеми на Тајланд. Во пресрет на општите избори што ќе се одржат во 2011 г,, тајландските националисти нагло ги зголемија активностите со нивните радикални говори и улични протести, барајќи „чистење на окупираните тајландски територии“ од камбоџанските војници и доселеници.Во 1962 г. меѓународен суд одлучи дека храмот и припаѓа на Камбоџа, но непосредната околина на храмот и натаму останува спорна и за двете страни. Во 2008 година Камбоџа за храмот од УНЕСКО доби статус на „светско наследство“, што уште повеќе го разбесни Тајланд.Во Њујорк на 14-ти февруари ќе се одржи средба на Советот за безбедност на ОН посветена на граничниот конфликт. Пред состанокот ќе се одржи средба на министрите за надворешни работи на Тајланд и Камбоџа во присуство на министерот за надворешни работи на Индонезија, кој оваа година е претседавач на Асоцијацијата на јужноазиските нации (АСЕАН)./крај/ро/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

