Свет
ЕУ воено ќе интервенира о Либија само со поддршка на ОН
Европската унија соопшти дека една од опциите во Либија е воена интервенција, но само под услов таа да биде поддржана од Обединетите нации и челниците на Арапската лига
Лидерите на Европската унија во петокот на вонреден самит во Брисел му дадоа поддршка на неодамна формираниот Национален совет на Либија. ЕУ не ја поддржа вчерашната одлука на Франција, која официјално го призна Преодниот национален совет како единствен легитимен преставник на либискиот народ. За време на денешниот состанок Франција и Британија барале воена интервенција поради растечкото насилство на силите на Гадафи врз бунтовниците и цивилното население.„Ќе ги разгледаме сите опции со цел цивилите во Либија да бидат заштитени“, изјави францускиот претседател, Никола Саркози. Тој додаде дека наскоро лидерите на ЕУ ќе се состанат со лидерите на Арапската лига и ќе ја побараат нивната поддршка, поддршка ќе биде побарана и од ОН, со цел да бидат разгледани сите опции, за уривање на Гадафи.Претходно во петокот лидерите на Европската унија го повикаа либискиот лидер и неговите соработници итно да си заминат од власта. Европските лидери одлучија да ги разгледаат сите можности за заштита на цивилното население во Либија, под услов да постои „јасна“ законска основа и поддршка во регионот, рече по состанокот претседателот на ЕУ, Херман ван Ромпеј. Шефовите на држави и влади на земјите членки на Унијата дека либиската опозиција, односно Преодниот национален совет е „легитимен“ партнер. Тие го „поздравија и охрабрија Националниот совет“ формиран во Бенгази, дека е политички соговорник и партнер „на кој може да му се верува“. Канцеларката на Германија Ангела Меркел по состанокот изјави „дека е скептична по прашањето за воен ангажман против режимот на Гадафи“. Во ЕУ владее подготвеност и за помош во демократската трансформација на Северна Африка, што подразбира трговски олеснувања и финансиска помош, но само под одредени услови, односно развој на правната држава и демократското општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Шефот на НАТО: Кина сака добри односи со Западот и и помага на Русија, не може да ги има и двете
Кина мора да престане да ја поддржува руската војна во Украина ако сака да ужива во добри односи со Западот, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, предупредувајќи го Пекинг со невообичаено остри зборови дека не може да ги има и двете. За време на посетата на Берлин, шефот на западната воена алијанса рече дека помошта на Пекинг е од витално значење за воените напори на Москва бидејќи ја зајакнува воената економија на Русија со споделување на врвна технологија, како што се полупроводниците.
„Минатата година Русија увезе 90 отсто од својата микроелектроника од Кина, која се користи за производство на проектили, тенкови и авиони. Кина исто така работи на Русија да и обезбеди подобрени сателитски способности“, рече Столтенберг. „Кина вели дека сака добри односи со Западот. Во исто време, Пекинг продолжува да го поттикнува најголемиот вооружен конфликт во Европа од Втората светска војна. Не може да ги има и двете“, предупреди тој.
Столтенберг ги предупреди западните сојузници да не станат зависни од Кина како што беа од Русија. „Во минатото направивме грешка што станавме зависни од руската нафта и гас. Не смееме да ја повториме таа грешка со Кина и да зависиме од нејзините пари, суровини и технологии. Зависноста не прави ранливи“, додаде тој.
Кина ги зајакна трговските и воените врски со Русија во последниве години, бидејќи САД и нивните сојузници воведоа санкции и на двете, но особено на Москва, поради нејзината инвазија на Украина. Рускиот претседател Владимир Путин изјави во четвртокот дека планира да отпатува за Кина во мај, но не прецизираше точно кога.
Свет
САД градат привремено пристаниште во близина на Газа за испраќање хуманитарна помош
Соединетите Држави почнаа да градат пристаниште во Газа, соопшти денеска Пентагон, проект кој треба да ја олесни испораката на хуманитарна помош на палестинската територија. Пристаништето треба да профункционира на почетокот на мај.
Во март, претседателот Џо Бајден објави дека американската војска ќе изгради привремено пристаниште на медитеранскиот брег на Газа за да добива хуманитарна помош по море.
Изградбата е дел од напорите да се спречи гладувањето во палестинската енклава, која веќе пет месеци се наоѓа во средината на израелската воена кампања против Хамас, која го опустоши Појас Газа и ги потопи нејзините 2,3 милиони луѓе во хуманитарна катастрофа.
„Можам да потврдам дека американските воени бродови, вклучително и УСНС Бенавидез, почнаа да градат привремено пристаниште…“ изјави за новинарите портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер.
ОН предупредија дека Газа е во опасност од глад и се пожалија на „огромни пречки“ при добивањето помош и нејзино дистрибуирање низ енклавата.
Агенциите за помош и администрацијата на Бајден го молеа Израел да ја олесни испораката на помош во Газа и да им дозволи на нивните конвои безбедно поминување на територијата.
Рајдер рече дека Пентагон следи некој вид минофрлачки напад во Газа што предизвика минимална штета во близина на областа каде што се гради пристаништето, но додаде дека американските сили сè уште не почнале да преместуваат ништо во областа и дека нема американски сили на теренот.
Свет
(Видео) Големи поплави во Танзанија, загинаа 155 луѓе
Во поплавите во Танзанија загинаа 155 луѓе, а најмалку 236 се повредени, изјави денеска премиерот Касим Мајалива. Во поплавите оштетени се повеќе од 10.000 куќи.
Премиерот додаде дека обилните дождови предизвикани од Ел Нино и придружени со силен ветер доведоа до поплави и лизгање на земјиштето во различни делови на земјата.
„Многу луѓе загинаа. Имаше штета на посевите, куќите, инфраструктурата како патишта, мостови и железници“, рече Мајалива.
Поплави ја погодија и Кенија, која се граничи со Танзанија на истокот на Африка, при што загинаа повеќе од 30 луѓе, пишува Си-ен-ен.
Во Кенија врне силен дожд од средината на март, а врнежите се интензивираа минатата недела. Кенискиот Црвен крст изврши повеќе од 188 спасувачки операции од март. Властите вчера затворија некои патишта во главниот град на Кенија, а неколку населби беа поплавени.