Свет
Обид за атентат врз авганистански вице-гувернер

Припадници на радикалното талибанско движење денеска сакале да го кренат во воздух вице-гувернерот на авганистанската северна провинција Кундуз, Хамидула Данеш, јави локалната агенција „Пажвак“
Според самиот Хамидула Данеш, припадниците на неговото обезбедување утрово пронашле голема бомба со далечински управувач замаскирана во каналот околу неговата куќа и повикале полицијата.„Бомбата беше со таква големина што не само што можеше да ме убие мене, туку да ги уништи и околните куќи“, изјави Хамидула Данеш истакнувајќи дека не се плаши од заканите на талибаните и ќе ја продолжи борба против нив.„Доколку ми било судено да загинам од рацете на талибаните, ќе станам маченик“, рече заменик-гувернер.Претходно, лидерите на талибаните соопштија дека ќе ја започнат нивната пролетна офанзива. Во соопштението се истакнува дека милитантите ќе преземаат напади и терористички акти, и против цивилни и против воени претставници во сите авганистански провинции. Започнувањето на својата офанзива, талибаните го најавија за утре – 1-ви мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Британскиот министер за надворешни работи: Ова се критични моменти

Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами изјави дека денешните разговори со украинските претставници во Лондон биле многу корисни и дека се одвиваат во критичен момент за безбедностa.
„Заедно со САД, Украина и европските сојузници, работиме забрзано на завршување на војната и постигнување праведен и траен мир“, рече Лами.
На средбата учествуваа и британскиот министер за одбрана Џон Хили, украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха и министерот за одбрана Рустем Умеров.
Свет
Свириденко: Украина е подготвена за преговори, но не и за предавање

Украина е подготвена за преговори, но не и за предавање, изјави денес украинската вицепремиерка Јулија Свириденко, откако медиумските извештаи открија детали за американскиот предлог за договор според кој Украина би се откажала од речиси целата територија окупирана од Русија.
„Нема да има договор што ќе ѝ даде на Русија посилна основа за прегрупирање и враќање со поголемо насилство. Нашиот народ нема да прифати замрзнат конфликт преправен како мир“, напиша Свириденко на платформата X.
Медиумите оваа недела објавија детали за предлогот на Вашингтон за договор меѓу Киев и Москва, кој предлага официјално признавање на окупираниот украински полуостров Крим како руски, како и задржување на „де факто“ контролата на Москва врз поголемиот дел од освоената територија.
Од друга страна, потпретседателот на САД, Венс, изјави дека САД им претставиле „многу јасен предлог“ на Русија и Украина за можно мировно решение, велејќи дека „време е тие да се согласат или САД ќе се повлечат од процесот“.
Од друга страна, Украина се залагаше за целосно, итно и безусловно примирје, со продолжување на преговорите откако ќе се воспостави.
„Целосен прекин на огнот – на копно, во воздух и на море – е неопходен прв чекор“, рече Свириденко, додавајќи дека Киев ќе одговори на ист начин ако Москва се одлучи за ограничена пауза наместо тоа.
Рускиот претседател Владимир Путин понуди да ја запре инвазијата на Украина по сегашната линија на фронтот, како дел од напорите за постигнување мировен договор со американскиот претседател Доналд Трамп, објави вчера „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на луѓе запознаени со ова прашање.
Свет
Кина ги отфрли украинските обвинувања за вооружување на Русија: „Политичка манипулација“

Кинеското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата на Украина за вмешаност на кинески компании во производството на воена опрема за Русија нарекувајќи ги неосновани, пренесува „Укринформ“.
Оваа изјава ја даде портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џијакун, како одговор на поканата на кинескиот амбасадор од страна на украинското Министерство за надворешни работи, пренесува „Укринформ“ повикувајќи се на „Глобал тајмс“.
„Веќе јасно го искажавме ставот на Кина за релевантните прашања. Кина цврсто се спротивставува на неоснованите обвинувања и политичките манипулации“, рече портпаролот.
Како што објави „Укринформ“, на 22 април кинескиот амбасадор Ма Шенгкун беше повикан во украинското Министерство за надворешни работи поради наводи дека кинески државјани учествувале во борбите на страната на Русија и дека кинеските компании произведувале оружје на руска територија.
За време на состанокот, заменик-министерот за надворешни работи, Јевхен Перебинис, нагласи дека доказите за учество на кинески граѓани во војната против Украина, како и вклученоста на кинески компании во военото производство во Русија, предизвикуваат сериозна загриженост и се спротивставуваат на духот на партнерството меѓу Украина и Кина.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно, на 7 април, изјави дека Украина добила информации оти Кина ја снабдува Русија со оружје, поточно барут и артилерија. Кина одговори на 18 април дека не ѝ испорачала смртоносно оружје на ниедна страна во војната.
Кинеското Министерство за надворешни работи уште еднаш ги отфрли сите обвинувања нагласувајќи дека тие се политички мотивирани и неосновани.