Свет
Либиските бунтовници тврдат дека напредуваат кон Брега
Бунтовниците денеска се обиделе да напредуваат кон Брега, главниот јазол за извоз на нафта на источниот дел на средоземното крајбрежје на Либија.
Бунтовниците денеска се обиделе да напредуваат кон Брега, главниот јазол за извоз на нафта на источниот дел на средоземното крајбрежје на Либија. Најмалку седум бунтовници загинале, а 45 се ранети во борбите околу Брега, гратче со 7.000 жители, наведуваат извори од болниците и активисти на опозицијата. „Елитните(владини) сили си заминаа од градот. Војниците што останаа се блокирани“, тврди Абделразаг Еларади, член на Преодниот национален совет. Портпаролот на опозицијата изјави дека 150 до 200 владини војници и натаму се во Брега. Тој прецизираше дека најголемиот дел од бунтовниците не влегле во градот бидејќи ги забавуваат минските полиња и запаливите бомби во рововите околу градот. /крај/афп/б/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија за затворањето на УСАИД: Тоа е машина за мешање во работите на други земји
Министерството за надворешни работи на Русија денеска ја поздрави одлуката на новата американска администрација да ја затвори Агенцијата за меѓународна развојна помош (УСАИД), која Москва ја смета за „машина за мешање“ во работите на други земји.
„Единствено од што сме задоволни е што се што кажавме се оствари“, рече портпаролката на Министерството, Марија Захарова, мислејќи на постојаните руски критики кон УСАИД.
Русија го протера УСАИД од својата територија во 2012 година, обвинувајќи ја агенцијата за финансирање на протестите на опозицијата против Кремљ и мешање во изборите.
Русија ја обвини американската агенција дека ги поддржува антивладините движења во соседните земји, особено во Украина и Грузија, со цел да се доведат на власт луѓе пријателски настроени кон Вашингтон и непријателски настроени кон Москва.
„Тоа е се освен агенција за помош и развој. Тоа е машина за мешање во внатрешните работи. Тоа е механизам за промена на режимот, политичкото уредување, структурата на државата“, рече Захарова.
Американската агенција во средата објави дека целиот нејзин персонал во САД и во светот ќе биде на „административно отсуство“ од петок.
Таа агенција сега е ставена под надзор на американскиот државен секретар Марко Рубио.
Свет
Израел се подготвува за цунами откако Грција прогласи вонредна состојба на Санторини, 7.700 земјотреси за 11 дена
Грчката влада денеска прогласи вонредна состојба на Санторини, откако островот во Егејското Море беше погоден од серија земјотреси кои предизвикаа евакуација на повеќе од 10.000 жители и туристи.
Министерството за цивилна заштита соопшти дека вонредната состојба ќе важи до 3 март, со цел да се одговори на потребите на населението и последиците од сеизмичките активности.
Според грчките медиуми, од 26 јануари досега се регистрирани 7.700 земјотреси на подрачјето меѓу Санторини и островот Аморгос. Само во вторникот се регистрирани 1.300 земјотреси. Најсилниот земјотрес е регистриран синоќа и бил со јачина од 5,2 степени според Рихтеровата скала.
Експертите предупредуваат дека постои ризик од лизгање на земјиштето на Санторини, кој се зголемува со зголемување на сеизмичката активност, пренесува Катимерини.
Во меѓувреме, Израел се подготвува за можно цунами поради земјотресот во Санторини, пишува „Тајмс оф Израел“.
Според извештаите, заменик-шефот на Советот за национална безбедност на Израел одржал итен состанок со владините агенции за да го процени нивото на закана.
Според плановите, предвидена е заштита на критичната инфраструктура и се подготвуваат рути за евакуација.
Доколку не дојде до цунами, Израел се подготвува да и помогне на Грција и на меѓународните хуманитарни мисии.
Свет
(Видео) Американски авион со илегални мигранти пристигна во Гвантанамо
Американското Министерство за одбрана соопшти дека во поморската база Гвантанамо пристигнал авион со илегални мигранти, осомничени дека се членови на групата „”Tren de Aragua“, пренесува Anadolu.
Пентагон, според написите, преку писмено соопштение го детализираше процесот на префрлање илегални мигранти во заливот Гвантанамо, во кое се потврдува дека во поморската база пристигнал авион со десет мигранти.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп почна да ги депортира мигрантите во поморската база Гвантанамо на Куба, изјави во вторникот американската министерка за внатрешна безбедност, Кристи Ноем.
„Претседателот Доналд Трамп беше многу јасен: Заливот Гвантанамо ќе го има најлошото од најлошото. Започнува денес“, рече Ноем, споделувајќи слики од мигранти со лисици.
Минатата недела Трамп нареди изградба на центар за притвор за мигранти во Гвантанамо за да се сместат до 30.000 криминални мигранти кои тој ги дефинира како „најлоши криминални илегални вонземјани кои му се закануваат на американскиот народ“, пренесува медиумот.
„Некои од нив се толку лоши што не ни веруваме дека земјите ќе ги задржат, бидејќи не сакаме да се вратат“, рече тој.