Свет
Од палатата на Гадафи украдени златни пиштоли
Локалното население ја ограбило резиденцијата на либискиот водач полковникот Моамер ел-Гадафи, пред во неа да навлезат припадниците на силите на бунтовниците
Локалното население ја ограбило резиденцијата на либискиот водач полковникот Моамер ел-Гадафи, пред во неа да навлезат припадниците на силите на бунтовниците. Од палатата биле однесени позлатени пиштоли, остен за добиток, па дури и медицинската евиденција за членовите на семејството на Гадафи, пишува денеска New York Times. Паравоените единици им се приклучија на бунтовниците во Триполи во ноќта на 21 август. Денеска западните медиуми јавија дека единиците на бунтовниците успеале да продрат во утврдената резиденција на полковникот Моамер ел-Гадафи во населбата Баб ал-Азизја, при што бил скршен отпорот од страна на единиците лојални на либискиот лидер.Според New York Times, групи ограбувачи навлегле во резиденцијата, кога сé уште не биле завршени борбите меѓу бунтовниците и владините трупи. По пребарувањето на резиденцијата, „среќниците“ гордо на новинарите им ги покажале позлатените пиштоли и кутии од марката „Берета“, омиленото оружје на Џејмс Бонд. Многумина од резиденцијата на Гадафи, исто така, изнесувале остени за добиток. Во Либија, како и во многу други земји во арапскиот свет, огромна популарност имаат трките со камили, и дел од приборот за овој вид спорт често претставуваат вистински скапоцени уметнички дела. Покрај тоа, остенот често е земен како форма при камуфлирањето на електро-шок палките, што, според западните медиуми, либиската полиција ги употребувала за растерување на мирните демонстранти. Еден од ограбувачите, Хишам ал-Винди, земал трофејна воена шапка, за која вели дека лично му припаѓала на Гадафи. „Ова капа ја знае целиот свет“, гордо изјавил ал-Винди. Разграбувањето на палатата на Гадафи почна да личи на личи на шоу, кога ограбувачи почнаа да се тетерават под еден предмет кој ја отсликуваше ексцентричноста на полковникот Гадафи – електромобил за голф, со кој според некои информации, тој го обиколувал својот имот со површина од неколку хектари. Можеби еден од најневообичаените „сувенир“ кои се однесени од резиденцијата е оној до кој се дошол локалниот жител Сидик Руџбани, картотека, којашто како што тој ги убедувал новинарите, ја претставува медицинската евиденција за членовите на семејството Гадафи. Инаку, повеќето „гости“ во резиденцијата во Баб аз-Азизија, преферирале да земат од палатата на Гадафи телевизори со рамен екран и други современи домашни апарати кои се вистинска реткост во Либија. Експертите истакнуваат дека предметите украдени од палатата на Гадафи може да достигнат голема вредност на црните пазари. Според репортажите на странските телевизиски станици и информациите на новинарите, се добива впечатокот оти либиската престолнина којашто е речиси 90 проценти освоена од бунтовниците, е зафатена од хаос и безредие, а има многу сведоштва за грабежи. Според јужнокорејската новинска агенција Yonhap, група ограбувачи синоќа од амбасадата на Јужна Кореја во Триполи, одземале телевизори и друга техника. Претходно денеска беше објавено дека Моамер ел-Гадафи наводно тајно престојувал во Триполи, и заклучил дека ситуацијата во Триполи не е опасна. „Јас не почувствував дека Триполи е во опасност“, ги цитира Reuters зборовите од аудио пораката на Гадафи/крај/нт/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
„Што е спротивно на поредокот заснован на правила? Тиранија и војна“ – Калас остро на панел дискусија
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, изјави на една панел-дискусија дека на меѓународниот поредок му недостига одговорност за прекршувањето на правилата.
„Сите се повикуваат на Повелбата на Обединетите нации. Начелата постојат. Но што се случува кога некој ќе ги прекрши? Очигледно е дека одговорноста не функционира“, рече Калас.
Таа смета дека Советот за безбедност не работи според замислата и дека Обединетите нации „не го одразуваат светот каков што е денес“.
„Повеќето држави во светот сакаат поредок заснован на правила, сакаат правила што ќе го регулираат начинот на кој комуницираме и соработуваме едни со други“, додаде Калас.
Истакна дека големите меѓународни кризи низ историјата го поттикнувале развојот на меѓународното право и дека сегашната криза е можност „овој свет да се развие“.
Коментирајќи го говорот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој изјави дека „стариот светски поредок исчезна“, Калас заклучи:
„Која е спротивноста на светски поредок заснован на правила? Тоа се тиранија и војни. А очигледно таму се наоѓаме сега.“
Свет
Гувернерот на Калифорнија: Трамп е привремен, ќе замине за три години
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, жестоко го критикуваше Доналд Трамп, нарекувајќи го „најразорниот претседател“ во историјата на САД и обвинувајќи го дека „сѐ подлабоко тоне во глупост“.
„Никогаш во историјата на САД немало поразорен претседател од сегашниот жител на Белата куќа“, рече Њусом.
Тој смета дека Трамп „се обидува да нѐ врати во 19 век“, додека, како што истакна, Калифорнија успешно покажува дека може да спроведува политики, да се натпреварува и да доминира.
„Ако денес не запомните ништо друго, запомнете го ова: Доналд Трамп е привремен. Ќе замине за три години“, рече Њусом.
Коментирајќи ја климатската криза, тој нагласи дека таа директно ги погодува Американците: „Луѓето горат, се гушат и се варат од горештини; истовремено имаме суши и поплави, како и историски шумски пожари.“
Тој додаде дека во Калифорнија ова прашање одамна ги надминало партиските поделби:
„Калифорнија е голема сина држава, но тука живеат повеќе републиканци отколку во многу републикански држави. Ние одамна сме над партиските поделби, бидејќи нема републикански или демократски термометар. Постојат само реални температури.“
Инаку, Њусом се споменува како можен кандидат на демократите за претседателските избори во 2028 година.
Свет
Данската премиерка: Европа мора да се вооружа со сила и одлучност
Европа мора да се вооружа со сила и одлучност за да се соочи со новиот глобален „неред“, порача данската премиерка Мете Фредериксен на почетокот на дипломатската иницијатива на Минхенската безбедносна конференција.
Голем дел од вниманието на овој важен собир е насочен токму кон Данска и нејзината делегација, а значењето на присуството на Фредериксен беше потврдено и од германскиот политичар Фридрих Мерц, кој во својот говор експлицитно ја спомена Фредериксен и поддршката што ѝ ја дава Европа.
Премиерката пристигна во Минхен во придружба на министрите за надворешни работи и одбрана, а конференцијата претставува прва значајна можност за директни разговори со претставници на САД и други партнери по дипломатската криза предизвикана од спорот околу Гренланд.
Во рамки на дипломатските активности, најавен е и состанок меѓу Фредериксен и американскиот државен секретар Марко Рубио, а една од клучните теми ќе биде токму прашањето за Гренланд.

