Свет
Кина против наметнување еднострани санкции за Иран
Кина во средата повторно го искажа своето спротиставување на наметнувањето еднострани санкции за Иран поради неговата нуклеарна програма, нагласувајќи дека оваа криза треба да се реши по дипломатски пат.
Кина во средата повторно го искажа своето спротиставување на наметнувањето еднострани санкции за Иран поради неговата нуклеарна програма, нагласувајќи дека оваа криза треба да се реши по дипломатски пат. „Кина и натаму верува дека санкциите не се вистинскиот начин за ублажување на тензиите и решавање на прашањето за иранската нуклеарна програма“, изјави на брифинг за новинарите во Пекинг, портпаролот на кинеското министерство за надворешни работи Хонг Леи. „Исправниот пат се дијалогот и преговорите. Кина се спротиставува на ставањето на домашниот закон над меѓународните закони за да се наметнат еднострани санкции на друга земја“, го цитира Reuters кинескиот портпарол. Американскиот претседател Барак Обама кон крајот на 2011 година ги потпиша санкциите за секоја финансиска институција во САД која соработува со иранската централна банка, со што се блокира главниот начин за плаќање на иранската нафта. ЕУ, исто така, би требала да воведе нови санкции до крајот на јануари, а коишто би можеле да вклучуваат и забрана за увоз на ирански нафтени производи. Техерен во вторникот објави дека е подготвен на нова рунда преговори и ја повика високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Кетрин Ештон, да го предложи датумот и местото за продолжувањето на преговорите за неговата контроверзна нуклеарна програма меѓу Техеран и големите сили групата 5 плус 1 (САД, Русија, Кина, Германија, Велика Британија и Франција) кои беа прекинати пред една годинаМеѓутоа во вторникот официјален Техеран, исто така, преку својот воен врв се закани со преземање „соодветни чекори“ доколку американската морнарица го врати нејзиниот носач на авиони во Персискиот залив, што се толкува како нова ескалација на иранските реакции на новите американски санкции и најавата на санкциите од ЕУ, коишто наштетуваат на неговата економија но истовремено ја зголемуваат цената на нафтата на светските пазари. Кон крајот на декември неколку ирански функционери, меѓу кои водачот на преговарачката група за нуклеарни прашања, Саид Џалили и министерот за надворешни работи Али Акбар Салехи потврдија дека Иран е подготвен да преговара откако претходно на 18-ти ноември Ештон ги повика на продолжување на преговорите. По осум години истрага на иранската нуклеарна програма, Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA) го објави извештајот според кој уверливо се докажува дека Иран настојува да развие нуклеарно оружје. Техеран го отфрла тоа, тврдејќи дека неговата програма за збогатување ураниум е за мирновременски цели, за добивање електрична енергија и за употреба во медицината,/крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
(Видео) Шест лица пронајдени мртви во Бугарија, истрагата ја разгледува и можноста за култ
Бугарските власти истражуваат смрт на шест лица поврзани со еколошка невладина организација, откако на почетокот на февруари беа пронајдени три тела во колиба во Петрохан, а неколку дена подоцна уште три во кампер во близина на врвот Околчица.
На брифинг во Министерството за внатрешни работи и Обвинителството, полицијата соопшти дека според досегашните податоци, тројцата мажи – Ивајло Иванов, Дечо Василев и Пламен Статев – ја запалиле колибата во Петрохан, по што извршиле самоубиство.
До нивните тела биле пронајдени два пиштола и една пушка. Форензичките анализи покажале дека на оружјето има само ДНК од починатите лица. Прострелните рани биле нанесени од непосредна близина, а според судско-медицинските вештачења, повредите биле во домет на сопствената рака.
Полицијата прикажа и три видеоснимки од 1 февруари. На првата се гледа разделба меѓу шестмината, на втората се слушаат зборови на простување, а на третата се прикажува моментот на палење на колибата.
Во одделен случај, на 8 февруари, во кампер во близина на Околчица беа пронајдени телата на Ивајло Калушев, Николај Златков и 15-годишно момче. Во возилото биле пронајдени револвер и пиштол, а според полицијата, на телата немало знаци на борба.
Обвинителството соопшти дека двете главни верзии што се разгледуваат се убиство со последователно самоубиство или самоубиство.
Досега се нарачани 18 форензички вештачења, сослушани се 15 сведоци, а анализирани се и електронски уреди и видеоснимки. Истражителите ја следеле и патеката на камперот преку безбедносни камери во повеќе населени места.
Според полицијата, во колибата се практикувале духовни активности, вклучително и тибетски будизам, а се разгледува и можноста случајот да има карактеристики на затворена заедница или култ.
Истрагата продолжува.
Свет
ЕУ забранува уништување на непродадена облека и обувки
Европската комисија денеска усвои мерки со кои се спречува уништување на непродадена облека, модни додатоци и обувки, со цел да се поттикне рециклирањето и да се намалат штетите врз животната средина.
„Ова е уште еден чекор во промовирањето на кружната економија низ целата Европска Унија“, соопшти Комисијата.
Забраната за уништување на непродадена облека и обувки ќе биде задолжителна за големите компании од 19 јули оваа година, а за средните претпријатија од 2030 година.
Дополнително, постојните обврски за известување на големите компании за непродадената облека што се прогласува за отпад ќе се прошират и на средните компании до 2030 година.
Се проценува дека секоја година во Европа меѓу 4 и 9 проценти од непродадените текстилни производи се уништуваат пред воопшто да бидат облечени. Овој отпад создава околу 5,6 милиони тони емисии на CO₂, што е речиси еднакво на вкупните нето-емисии на Шведска во 2021 година.
Со Регулативата за еколошки дизајн на одржливи производи, која стапи во сила во јули 2024 година, се настојува значително да се подобри одржливоста на производите што се пласираат на пазарот на ЕУ, преку зголемување на нивната кружност, енергетска ефикасност, можност за рециклирање и трајност.
Со неа се бара од компаниите да објавуваат информации за непродадените производи за широка потрошувачка што ги отфрлаат како отпад. Исто така, се воведува забрана за уништување на непродадена облека, додатоци и обувки.
Свет
Провалил во куќа во Германија, си зготвил вечера и се капел во када, полицијата го привела
Полицијата во Германија добила пријава за провала, а на местото затекнала гол маж кој си подготвил вечера и се капел во кадата.
Провалникот си зготвил оброк и се искапалeл во куќа во која провалил, на балтичкиот остров Риген, соопшти германската полиција.
Соседот во неделата навечер ја алармирал полицијата во градот Ломе, откако забележал дека светлата се вклучени во неколку простории.
Од дворот, полицајците забележале маж како седи во кадата на горниот кат. Кога ги забележал, наводно излегол од бањата.
Полицијата го затекнала гол во куќата. За 25-годишникот е соопштено дека се однесувал агресивно и пружал отпор.
Тој бил приведен, а криминалистичката полиција обезбедила докази на местото на настанот.

