Свет
Обама даде зелено светло за нови санкции за Иран
Американскиот претседател Барaк Обама заклучил дека светскиот нафтен пазар е способен да ги поднесе новите санкции за извозот на иранската нафта кон крајот на јуни, соопшти во петокот навечер по средноевропско време Белата куќа.
„Во сегашната економска ситуација, со зголемувањето на производството на некои земји, нивото на расположливото производство и стратешките резерви и со другите фактори, можно е значително намалување на набавката на нафтата и нафтените производи од Иран“, пишува во меморандумот на претседателот на САД, Барак Обама, што го објави неговиот кабинет, пренесува AFP.
Обама според законот беше должен до 30-ти март, и потоа на секои шест месеци, да објави дали околностите на глобалниот нафтен пазар ја дозволуваат можноста потрошувачите „значително“ да ја намалат набавката на иранската нафта.
Санкциите се еден од облиците на притисоци врз Иран да ја запре својата нуклеарна програма за којашто западот смета дека е развој на нуклеарно оружје, додека Техеран тврди дека станува збор за мирновременска програма а збогатувањето ураниум му е потребно за добивање електрична енергија и во медицински цели.
Законот предвидува санкционирање на странските финансиски институции коишто контактираат со иранската централна банка, преку којашто се води трговијата со иранската нафта.
„Денеска ги известуваме сите земји коишто продолжуваат да увезуваат иранска нафта дека имаат три месеца значително да ја намaлат таквата практика или ризикуваат наметнување тешки санкции против нивните финансиски институции“, изјави сенаторот Роберт Менендез, соавтор на законот за санкциите на Иран./крај/афп/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Шолц: Војната во Украина може да трае уште неколку години
Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека верува оти војната во Украина може да се пролонгира уште неколку години.
„Никој не може да каже дали оваа војна ќе трае можеби пет години“, рече Шолц вечерва во источниот германски град Кемниц.
Тој ја бранеше германската воена помош за Украина и додаде дека заедно со неа мора да се негува и дипломатијата.
„Меѓутоа, од почетокот на војната, рускиот претседател Владимир Путин не покажа знаци на движење напред“, рече тој.
„Диктиран мир е неприфатлив. Не смее да се дозволи да се извлече со ова“, додаде германскиот канцелар.
Свет
Шефот на НАТО: Никој нема корист од војната на Блискиот Исток
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изрази загриженост за ситуацијата на Блискиот Исток по израелскиот напад врз Иран.
„Клучно е конфликтот да не излезе од контрола и затоа ги повикуваме сите страни на воздржаност“, изјави Столтенберг денеска во Брисел. „Никој нема корист од војната на Блискиот Исток“, рече тој.
Израел го нападна иранскиот Исфахан
Според извештаите на медиумите, Израел ја нападнал иранската провинција Исфахан рано во петокот како одговор на големиот ирански напад со беспилотни летала и ракети минатиот викенд.
Според израелскиот весник Jerusalem Post, нападот бил насочен кон воздушна база во Исфахан, недалеку од иранските нуклеарни постројки. Сепак, според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), нуклеарните капацитети не биле погодени.
Свет
Шефот на МААЕ: Не ги напаѓајте иранските нуклеарни постројки
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, ги предупреди земјите да не ги напаѓаат иранските нуклеарни постројки.
Во Исфахан, каде што беше извршен нападот, има неколку нуклеарни постројки во земјата. Гроси за програмата на Би-би-си Радио 4 изјави дека му олеснало кога слушнал дека ниту една нуклеарна постројка не била погодена во нападот.
„Нападот врз иранските нуклеарни постројки би бил страшна работа“, вели Гроси.
Тој смета дека во светот деновиве се појавува прашањето за таргетирање на нуклеарни постројки и дека МААЕ го смета за жално.