Свет
Ватикан официјално го потврди обвинувањето за собарот на Папата
Ватиканскиот суд во саботата официјално потврди дека подигнал обвинение против собарот на папата Бенедикт Шеснаесетти, за неовластено поседување доверливи документ.
Како што пренесуваат италијанските медиуми повикувајќи се на соопштението на Светата столица, покрај обвинението за 46-годишниот Паоло Габриеле, судот во Ватикан ќе ја прошири истрагата за да се утврди дали настојникот на папските одаи имал соучесници коишто му помагале во пласирањето на доверливите материјали во медиумите, што се случуваше подолг период наназад.
Во писмената изјава на судот Габриеле е означен како „обвинетиот“ и се наведува дека прелиминарната истрага против него е со подигнато ниво – „официјална“, што значи дека собарот на папата Бенедикт Шеснаесетти и формално е обвинет за истекувањето на доверливите докумeнти од Ватикан, забележува Reuters.
Малку порано во саботата, и портпаролот на Светата столица, Фредерико Ломбарди, три дена по апсењето и еден ден откако италијанските медиуми го објавија идентитетот на „кртот“ во Ватикан, потврди дека Паоло Габриеле е обвинет.
„Можам да потврдам дека лицето приведено во средата, во чиј стан и кај него лично биле пронајдени доверливи документи, е Паоло Габриеле и дека се наоѓа во затвор“, пишува AFP.
„Габриеле избра два бранитела и веќе имаше можност да се сретне со нив. Ќе се состанува со нив и натаму во продолжение од постапката. Габриеле ги ужива сите права загарантирани со кривичниот законик и процедурите на Државата Градот Ватикан“, вели Лобарди.
Поголемиот дел од годинава Ватикан беше во центарот на скандалот поврзан со истекувањето на доверливи информации во медиумите. Дури беа споменувани и личните преписки на папата Бенедикт Шеснаесетти.
Во некои од документите се зборува за корупција, лошо раководење и ортачки врски во Ватикан, како и за внатрешното неединство во управувањето со Ватиканската банка.
Во четвртокот навечер беше објавено дека е сменет претседателот на Ватиканската банка Еторе Готи Тедески. Тој бил принуден да поднесе оставка, бидејќи „не успеал да ги извршува должностите од суштествена важност“, беше наведено во соопштението на Ватикан издадено во четвртокот навечер.
Според соопштението, Управниот совет на Ватиканската банка едногласно му изгласало недоверба на Тедески, верувајќи дека „овој потег е важен за банката да ја сочува својата виталност“.
Еторе Готи Тедески, стручњак за финансиска етика, ја презема челната функција во Ватиканската банка, позната и како Завод за религиозни дела (IOR) во 2009 година, во намерата на Светата столица од банката да ги исчисти дамките од скандалите. Меѓутоа, поранешниот прв човек на шпанската банка „Santander“ и самиот во 2010 година се најде под истрага на италијанските правосудни органи во рамките на пошироката истрага за перење пари.
Тедески ниту во петокот не ја коментираше својата смена, останувајќи на својот кус одговорен даден претходно дека „побрзо ништо не би изјавил, отколку во спротивно да изговори страшни работи“.
Управата на Ватиканската банка соопшти дека бара нов претседател кој би овозможил да се воспостават „ефикасни и сеопфатни односи со финансиската заедница темелени на меѓусебното почитување и прифатените банкарски стандарди“.
Во документите, исто така, често се споменува името на државниот секретар Тарцисио Бертоне. Некои од материјалите станаа дел од книгата на Џанлуиџи Нуци „Неговата Светост“ објавена минатата седмица во којашто се зборува за корупцијата и сплеткарењата во Ватикан.
Според медиумите, Папата бил шокиран и многу разочаран од истекувањето на документите и наредил спроведување неколку истраги, меѓу кои и една којашто ја води ватиканската полиција, а со друга кардиналска комисија. Пристап до неговите лични документи имал многу мал круг лица, покрај собарот уште четири чесни сестри и уште двајцата негови секретара, Георг Гаенсвејн и Алфред Ксуереб./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Генералното собрание на ОН би требало да ја поддржи кандидатурата на Палестина за членство
Генералното собрание на Обединетите нации денеска треба да ја поддржи палестинската кандидатура за полноправно членство во ОН со тоа што ќе ја признае како квалификувана за членство и ќе го испрати барањето назад до Советот за безбедност на ОН „да го преиспита прашањето во корист на Палестинците“.
Палестинците ја оживуваат својата кандидатура за полноправно членство во ОН, кое декларативно би ја признало палестинската држава, откако САД ставија вето во 15-члениот Совет за безбедност на ОН минатиот месец.
Гласањето на Генералното собрание од 193 члена се смета за испитување на светското мислење за палестинското прашање. Барањето за полноправно членство во ОН прво мора да биде одобрено од Советот за безбедност, а потоа и од Генералното собрание.
Но, иако самото Генерално собрание не може да даде полноправно членство во ОН, нацрт-резолуцијата за која се гласа денеска ќе им даде на Палестинците некои дополнителни права и привилегии од септември 2024 година, како што е место меѓу членките на ОН во собраниската сала, но тие нема да имаат право на глас во телото.
Дипломатите велат дека нацрт-текстот најверојатно ќе ја добие поддршката потребна за усвојување.
Свет
Двајца скијачи загинаа во лавина во САД, третиот успеал да се ископа од снегот
Откако вчера започна лавина во планините покрај Солт Лејк Сити, Јута, двајца скијачи загинаа, додека властите успеаја да спасат трет со хеликоптер.
Несреќата се случила во близина на Лон Пик, каде неодамна паднаа над 76 сантиметри снег. Центарот за лавина во Јута (UAC) ја потврди смртта на двајца мажи. Спасувачите досега не можеа да стигнат до нивните тела поради небезбедни услови. Центарот наведува дека фаталните лавини се ретки во овој период од годината.
Спасувачите со хеликоптер стигнале на местото на несреќата во кањонот Литл Котонвуд и потврдиле дека двајца скијачи загинале, пишува Би-би-си.
Третиот скијач успеал да се ископа од лавината и бил пренесен во болница. Имињата на загинатите мажи се уште не се објавени, но станува збор за скијачи на возраст од 23 и 32 години. Едниот бил од Јута, додека другиот пристигнал да скија од друга американска држава.
Европа
Путин го избра премиерот
Рускиот претседател Владимир Путин предложи повторно именување на Михаил Мишустин за премиер во неговиот нов претседателски мандат, изјави утрово претседателот на Државната дума, долниот дом на рускиот парламент.
Откако Путин во вторникот положи заклетва за нов шестгодишен претседателски мандат, тамошната влада, според одредбите на рускиот Устав, поднесе оставка.
И додека во последните денови се шпекулираше дека може да има промени на некои важни и суштински позиции, а руските независни медиуми споменуваа евентуално заминување на Михаил Мишустин од премиерската позиција, Путин повторно го предложи за таа функција.
„Претседателот Владимир Владимирович Путин достави до Државната дума предлог за кандидатурата на Михаил Владимирович Мишустин за функцијата премиер. Денеска претставниците ќе донесат одговорна одлука за ова прашање во име на нивните гласачи“, изјави претседателот на Думата, Вјачеслав Володин на апликацијата Телеграм.
Ова е петти мандат на Путин на власт, а тој го номинираше Мишустин за премиер за прв пат во јануари 2020 година, кога Владата предводена од Дмитриј Медведев поднесе оставка по најавените важни уставни промени во политичкиот систем на земјата од страна на претседателот.
Мишустин, кој ќе зборува во Думата пред гласањето, мора да одговори како ќе реши низа задачи што Путин и ги постави на владата, вклучително и „зголемување на одбранбената способност на нашата земја“, рече Володин.