Свет
Протести во Египет поради пресудата за Мубарак
Илјадници Египќани во саботата протестираа во престолнината Каиро и неколку поголеми градови, против воените власти и казната доживотен затвор за поранешниот претседател Хосни Мубарак, која многумина ја сметаат преблага.
Во саботата соборениот со минатогодишното народно востание поранешен египетски претседател Хосни Мубарак беше прогласен за виновен по обвинението за соучесништво во крвавото задушување на бунтот во кој загинаа повеќе од 800 лица, а неколку илјади беа ранети.
На доживотен затвор по истото обвинение е осуден и поранешниот министер за внатрешни работи Хабиб ал-Адли. Сите други обвинети се ослободени. Синовите на поранешниот претседател, Гамал и Алаа, беа осудени за корупција на временска казна којашто веќе ја отслужија во протворот, а шест други високи функционери од режимот на Мубарак беа ослободени од сите обвиненија.
Демонстрантите извикувале „Долу воените власти“, мислејќи на Врховниот совет на вооружените сили на Египет кој управува со државата по соборувањето на режимот на претседателот Хосни Мубарак во февруари 2011 година, и сметаат дека одолговлекува со предавањето на овластувањата на цивилните власти, коишто теба да бидат заокружени со завршувањето на вториот круг од претседателските избори.
„Или ќе постигнеме правда за своите маченици, или и самите ќе умреме како нив“, извикувале насобраните демонстранти на централниот каирски плоштад Тахрир кој стана симбол на бунтот со кој беше соборен Мубарак.
„Ако мислите дека стариот режим падна, се лажете. Оригиналната верзија на режимот е во пренос“, пишувало на еден од транспарентите. Во Александрија се собрале меѓу 4.500 и 5.000 луѓе, во Исмаилија околу 1.500, а во Порт Саид околу 2.000, пренесува AFP.
Судијата Ахмет Рефаат почетокот на судењето на Мубарак на 3-ти авгус минатата година го нарече „историски ден“ и им се заблагодари на сонародниците што го соборија Мубарак, коишто повеќето од нив го знаат како единствениот владетел со нивната држава.
Меѓутоа многумина во Египет се незадоволни сметајќи ја доживотната затворска казна за преблага, а најмногу влијателното Муслиманско братство коешто и повика на протестите во саботата./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во Брисел се дискутира можноста за воведување царини на американски производи, јавува „Фајненшл тајмс“
Во Брисел во тек е итен состанок на европските амбасадори на кој се дискутира за можниот одговор на американските царини што ги воведе Доналд Трамп, пишува „Фајненшл тајмс“.
Една од главните опции што се разгледуваат е воведување царини на американски производи во вредност од 93 милијарди евра. Според изворите запознаени со состојбата, овој пакет на контрамерки бил ставен на чекање минатиот август откако Европската унија постигнала трговски договор со САД. Таа шестмесечна суспензија истекува следниот месец, освен ако Европската комисија не одлучи да ја продолжи.
Како друга можност се спомнува и ограничување на пристапот на американските компании на пазарот на ЕУ. Се очекува францускиот претседател Емануел Макрон да побара активирање на Инструментот против присила на ЕУ, механизам што им овозможува на членките да возвратат трговски мерки против земји што вршат економски притисок.
Досега најавите од состанокот не се објавени, бидејќи дискусијата сè уште е во тек.
Свет
Руте: Разговарав со Трамп за Гренланд
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за безбедносната состојба на Гренланд и Арктикот. Разговорот се одржал телефонски, но Руте не наведе детали за содржината.
Тој најави дека ќе се сретне со Трамп следната недела на Светскиот економски форум во Давос, каде се очекува присуство на политичката и бизнис елита.
Контекстуално, разговорот доаѓа во време кога Трамп бара целосно сопствеништво над Гренланд, кој е автономна територија на Данска. Претходно, тој се закани со зголемени царини за осум земји што одлучија да испратат војници како поддршка на НАТО-вежбата на Гренланд.
Свет
Данска се обидува да го одврати Трамп од идејата дека мора да биде сопственик на Гренланд
Данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, изјави дека Копенхаген се обидува да го разубеди американскиот претседател Доналд Трамп од идејата дека мора да го поседува Гренланд.
Расмусен го изјави ова на прес-конференција во Осло, по средбата со својот норвешки колега. Тој нагласи дека вниманието кон Гренланд не треба да го засени фактот дека во Украина сè уште се води војна и дека е во критична фаза.
И покрај заканите од Вашингтон, Данска, според Расмусен, сака да продолжи со дипломатски пристап. По средбите во Вашингтон со потпретседателот на САД, Џеј Ди Ванс, и со државниот секретар Марко Рубио, решено е да се формира работна група на високо ниво која ќе разгледа дали постои заедничко решение. Првата средба се очекува во наредните недели.

