Свет
Иран: Терористички групи во Сирија добилe хемиско оружје од Либија
Група на терористи кои дејствуваат против владата на Сирија, поседува хемиско оружје кое и’ било доставено од територијата на Либија, пишува во неделата иранската новинска агенција Fars, повикувајќи се на сириски извори.
Според агенцијата, сега терористите коишто се борат на страната на бунтовниците против владата на сирискиот претседател Баша ал-Асад, наводно, се обучуваат за употреба на боеви отрови во кампови на територијата на Турција. Како што пишува Fars, екстремистите планираат да изведат напад со боев отров, за што ќе биде обвинета сириската армија дека го употребува против цивили.
„Секое објавување, во моментов или во иднина, на соопштение за можна употреба од сириската (владина -з.р.) армија на хемиско оружје. Ќе значи дека терористите ќе го користат ова оружја против цивилното население и за тоа ќе ги обвинат сириските вооружени сили и владата“, пишуваат сириските медиуми, пренесува Fars.
Во Сирија, 15 месеци траат судирите меѓу вооружената опозиција и владините безбедносни сили, откако во февруари 2011 година во земјата започнаа протести против претседателот Башар ал-Асад инспирирани од ткн Арапска пролет, и обидот тие насилно да бидат сопрени.
Според податоците коишто во неделата ги објави опозициската Сириска опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон (OSDH), досега загинале најмалку 14.115 луѓе, од кои 9.862 цивили, 3.470 војници и 783 воени дезертери кои минале на страната на вооружената опозиција. Според меѓународни процени, бројката на жртви надминува 12 илјади, додека според официјален Дамаск станува збор за повеќе од 7.000 загинати, од коишто најголемиот број се припадници на безбедносните сили коишто водат борби со „терористички групи поддржани и оркестрирани од странство“.
Од средината на април годинава во Сирија престојува мисија невооружени воени набљудувачи со мандат на Обединетите нации, коишто треба да го следат почитувањето на прекинот на огнот и спроведувањето на мировниот план од шест точки на специјалниот претставник на Он и Арапската лига за Сирија, Кофи Анан. Меѓутоа, и двете страни во конфликтот редовно известуваат за нови вооружени инциденти и жртви.
Неодамна, во Сирија имаше два случаи на масовни убиства на цивили, во градот Хула во покраината Хомс, како и во близина на градот Хама. Опозицијата ја обвини војската и милицијата на локалното население коешто го поддржува претседателот Асад, додека официјален Дамаск тврди дека масакрите ги вршат „терористите“ за да предизвикаат меѓународна осуда на сириските власти./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

