Свет
Американскиот министер за трговија предизвика сообраќајки, и избега
Американскиот министер за трговија Џон Брајсон се наоѓа под истрага поради неколку сообраќајни несреќи што ги предизвикал во саботата во јужна Калифорнија и напуштањето на местото од несреќите.
Ова во понеделникот го јави Reuters, повикувајќи се на соопштение на полицијата во местото Сан Габриел, од каде додаваат дека несреќите најверојатно ги предизвикал токму министерот за трговија Џон Брајсон.
Првите резултати од истрагата покажале дека министерот во Сан Габриел предизвикал сообраќајна несреќа забивајќи се со својот автомобил „лексус“ во еден „бјуик“, а потоа уште еднаш удрил кога бегал од местото на инцидентот. Пет минути подоцна, во блиското место Розмид удрил во автомобил „хонда акорд“.
Двајца од тројцата патници во „бјуикот“ добиле помали повреди. Според полицискиот извештај, министерот излегол од автомобилот и се обиделе да го реши инцидентот на лице место. Брајсон разговарал со патниците во „бјуикот“, но потоа си заминал од местото на несреќата, повторно удирајќи во истиот автомобил. Возачот на „бјуикот“ го следел Брајсон, пријавувајќи го инцидентот на службата за итни случаи. Тој сепак не можел да го стаса министеровиот „лексус“.
Полицијата го нашла подоцна министерот онесвестен зад управувачот на својот автомобил на местото од втората несреќа. Болничарите на лице место му пружиле прва помош, а потоа бил примен во најблиската болница поради полесни повреди. Возачите и совозачите во другите автомобили не претрпеле, исто така, посериозни повреди.
Засега, според тврдењето на поручникот на калифорниската полиција Ариел Дјуран, нема показатели дека министерот Брајсон бил под влијание на дроги или алкохол.
„Министерот за време на викендот учествувал во сообраќајна несреќа во Лос Анџелес. Тој доживеал напад. Беше однесен во болница на преглед и ја мина ноќта под медицински надзор. Потоа беше отпуштен и се врати во Вашингтон. Истрагата продолжува“, ја цитира CNN изјавата на портпаролката на американското министерство за трговија, Џенифер Фридман.
Телевизијата CNN, цитирајќи анонимен претставник на министерството за трговија, соопшти дела Белата куќа била информирана за она што се случило со Брајсон.
Министерот може да биде кривично гонет за непочитување на сообраќајните прописи и напуштање на местото на несреќата, соопштиле од калифорниската полиција.
Брајсон стапи на должноста министер за трговија во администрацијата на американскиот претседател Барак Обама во октомври 2011 година, а во информациите за неговиот животопис објавени на интернет страницата на министерството е опишан како еден од главните луѓе на економскиот тим на претседателот.
Тој на оваа позиција дојде на местото од поранешниот министер Гери Лок, кој замина да ја извршува функцијата американски амбасадор во Кина. Пред тоа, Брајсон беше претседател на бордот на директори на енергетската компанија „Edison Intenational“, а исто така беше еден од основачите на Советот за заштита на природните ресурси и член на групата советници во Обединетите нации за прашања од енергијата и климатските промени./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

