Свет
Властите демантираат дека атенторот од Бургас е шведски државјанин
Бугарските и шведските власти ги демантираа пишувањата на медиумите во Бугарија и Израел од четвртокот навечер дека терористичкиот напад на аеродромот во Бургас го извршил шведскиот државјанин Мехди Газели, пишува во петокот израелскиот весник Haaretz.
Претходно во четвртокот навечер интернет изданието на Haaretz како и Times of Israel и некои бугарски медиуми пишуваа дека извршител на терористичкиот напад врз автобусот со израелски туристи на паркингот пред аеродромот во бугаркото црноморско летувалиште Бургас во кој загинаа седум луѓе од кои пет Израелци а 34 беа ранети, бил 36-годишниот Мехди Мохамад Гезали. Според информациите, Гезали е шведски државјанин со алжирско и финско потекло кој во периодот меѓу 2002 и 2004 година бил во притвор во злогласниот затвор за осомничени за тероризам во американската воена база во кубанскиот залив Гвантанамо. Гезали, според овие информации, бил притворен откако бил уапсен во Пакистан каде што се обидувал да стапи во врска со бунтовничките групи.
По овие информации, според пишувањето на Haaretz, шведската новинска агенција ТТ пренесе повикувајќи се на неименувани официјални претставници на тамошните власти, дека за атентатот не е осомничен Мехди Гезали. Покрај тоа, и бугарски официјални лица, чиишто имиња исто така не се наведуваат, изјавиле за американската телевизиска мрежа ABC дека Мехди Гезали не е вистинското име на осомничениот терорист.
Претходно во четвртокот, американската телевизиска мрежа ABC, емитуваше фотографија од фалсификувана возачка дозвола од сојузната држава Мичиген којашто му припаѓала на осомничениот за нападот, која гласи на име Жак Фелипе Мартин.
Според фотографијата емитувана од ABC претходно од четвртокот, на дозволата која се претпоставува дека му припаѓа на бомбашот-самоубиец може да се прочита „Michigan Operator’s License“, и се гледа лажна адреса во сојузната држава Луизијана, која е всушност адреса на казино со име „Belle of Baton Rouge“.
Бугарските медиуми објавија дека осомниченото лице престојувало во Бугарија меѓу четири и седум дена, и дека е на околу 35-годишна возраст. Исто така, бугарската полиција соопшти дека станува збор за бомбаш-самоубиец, бидејќи неговото тело било најмногу повредено од експлозијата, што значи дека бил најблиску до експлозивната направа.
Бугарската полиција, исто така, повикувајќи се на снимките од безбедносните камери на аеродромот во Бургас, соопшти дека осомничениот е снимен на еден час пред експлозијата. Според снимките тој е долгокос со спортска капа и ранец.
Нападот во кој загинаа пет Израелци, бугарскиот возач и самиот напаѓач, се случи во средата доцна попладне на паркиралиштето на меѓународниот аеродром во Бургас кој е честа летноодморска дестинација за израелските тинејџери, а од каде што поголема група гости од Израел требало да заминат за познатото летувалиште Сончев брег. Според првичните верзии, напаѓачот го активирал експлозивниот механизам што го носел на себе кога влегол во еден од автобусите. Според истата верзија, терористот всушност сакал да ја остави бомбата во автобусот, да излезе од него и потоа да ја активира./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Киднапирањето на мајката на ТВ-водителката ја потресе Америка, семејството објави снимка: „Ќе платиме“
Американската телевизиска водителка Саванa Гатри и нејзиното семејство објавија ново видео во кое молат за безбедно враќање на киднапираната мајка, порачувајќи им на киднаперите: „Ќе платиме“. Нејзината мајка, Ненси Гатри, исчезнала минатиот викенд од својот дом во Тусон, Аризона, а властите веруваат дека станува збор за киднапирање, пишува Би-Би-Си.
„Ја примивме вашата порака и ја разбираме“, вели Гатри во видеото објавено во саботата навечер на Инстаграм, опкружена со братот и сестрата. „Ве молиме, вратете ни ја нашата мајка за да можеме да славиме со неа.“
View this post on Instagram
„Тоа е единствениот начин да најдеме мир“, продолжува таа. „Ова ни е бескрајно вредно. И ќе платиме.“ Во видеото не откри детали за пораката што ја спомнува.
Ненси Гатри исчезнала среде ноќ од својот дом минатиот викенд. Нејзиното отсуство било забележано кога во неделата не се појавила на богослужба. Властите утврдиле дека рано во неделата наутро камерата на влезната врата била исклучена и отстранета. Околу 2:28 часот по локално време, апликацијата поврзана со нејзиниот пејсмејкер била исклучена од телефонот.
Претходно оваа недела, властите соопштија дека сè уште немаат идентификувано осомничен. Понудена е награда од 50.000 долари за информации што би довеле до нејзино пронаоѓање.
Специјалниот агент на ФБИ, Хит Џенке, потврди дека се истражува можна порака за откуп испратена до неколку медиуми. Тој изјави дека пораката „содржела информации поврзани со рок и парична сума што се бара“. Властите во петокот соопштија дека се „свесни за нова порака поврзана со Ненси Гатри“ и ја проверуваат нејзината веродостојност.
Локална телевизиска станица потврдила дека примила порака, без да открие детали. Според порталот ТМЗ, киднаперите наводно барале милиони долари во криптовалута.
Семејството претходно објави видеа во кои побара доказ дека Ненси е жива и изрази подготвеност за разговор. ФБИ уапси едно лице поради испраќање лажна порака за откуп.
Семејството и полицијата предупредуваат дека Ненси може да биде во животна опасност без своите лекови.
„Таа е без своите лекови. Потребни ѝ се за да преживее“, изјави Саванa Гатри во претходна објава.
Претседателот Доналд Трамп изјави дека разговарал со Гатри и понудил помош од федералните служби. Шерифот на округот Пима, Крис Нанос, изјави дека истрагата продолжува и дека засега се верува оти Ненси е жива.
Саванa Гатри (54) е американска телевизиска новинарка и од 2012 година е ко-водителка на емисијата „TODAY“ на NBC News, како и главна правна дописничка и водителка на изборното покривање.
Свет
Вонредни избори во Јапонија: Такаичи подготвена да замине ако коалицијата загуби
Во Јапонија утрово започна гласањето на вонредните парламентарни избори, во услови на снежни врнежи низ целата земја, што би можеле да ја намалат излезноста, јавија јапонските медиуми.
Премиерката Санае Такаичи и нејзината Либерално-демократска партија (ЛДП), во коалиција со Партијата на иновации на Јапонија (ЈИП), се стремат да обезбедат мнозинство во Донниот дом на парламентот. Такаичи, која минатиот октомври стана прва жена премиер во Јапонија, најави дека ќе поднесе оставка ако коалицијата не добие мнозинство.
На изборите се кандидираа околу 1.300 лица за 465 места. Анкетите предвидуваат убедлива победа на коалицијата ЛДП–ЈИП. Се натпреваруваат и опозициски партии, меѓу кои Центристичкиот реформски сојуз, Демократската партија за народот, Комунистичката партија на Јапонија, Сансеито, Социјалдемократската партија, Реива Шинсенгуми и други.
Свет
Во Дубаи уапсен сторителот на обидот за атентат врз рускиот генерал Алексеев, ФСБ уапси и соучесник во Москва
Сторителот на обидот за атентат врз генерал-полковникот на руската воена разузнавачка служба, Владимир Алексеев, беше приведен во Дубаи и предаден на Русија. Станува збор за руски државјанин.
„Со помош на партнер од Обединетите Арапски Емирати, рускиот државјанин Љубомир Корба, роден во 1960 година, кој беше непосреден сторител на злосторството, беше приведен во Дубаи и предаден на руската страна“, се вели во соопштението, пренесува РИА Новости.
Во соопштението на ФСБ се наведува и дека Виктор Васин, соучесник во обидот за атентат врз генерал Алексеев, е приведен во Москва.
„ФСБ, заедно со Министерството за внатрешни работи на Русија, по истражните мерки во врска со обидот за убиство на првиот заменик-началник на Генералштабот на вооружените сили на Руската Федерација, генерал-потполковник Владимир Алексеев, го идентификуваа и уапсија соучесникот во ова злосторство, рускиот државјанин Виктор Васин, роден во 1959 година, приведен во градот Москва“, се вели во соопштението.
На 6 февруари, непознат напаѓач го застрела генерал-потполковник Алексеев во станбена зграда во Москва.
По обидот за атентат, генералот Алексеев беше хоспитализиран во тешка состојба, а потоа беше покрената истрага и кривична постапка за обид за убиство и нелегална трговија со огнено оружје.

