Свет
Бунтовничка група во Мали објави дека е подготвена за преговори
Една од исламистичките бунтовнички групи кои војуваат во Мали, во четвртокот објави за раскол во една од главните милитантни групи и дека е подготвена да преговара со владата и да се бори против екстремизмот, јавува AFP.
Групата наречена Исламско движење на Авзад (термин што исламистите го користат за северно Мали каде од половината на 2012 година прогласија исламска држава) се одделила од терористичката групација Ансар ал-Дин, блиска на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда. Во нејзините редови претежно се припадниците на племето Туарези од северниот дел на Мали. Покрај Ансар ал-Дин, во Мали дејствуваат и милитантите од групата Ал Каеда во исламски Магреб и Движење за единство и џихад во Западна Африка.
„Исламското движење на Авзад официјално објавува дека ги прекинува односите со терористичките групации, го осудува и отфрла екстремизмот и тероризмот, и има намера да се бори против нив. Движењето се состои исклучително од државјани (на Мали) и изразува желба за придвижување кон мирно решавање на конфликтот“, се вели во соопштението испратено до агенцијата AFP.
Групата, предводена од Туарегот Алгабас Аг Интала, исто така, ги повикува властите на Мали и француските воени сили на запирање на воените операции во областите коишто наводно се под контрола на движењето, во реоните на на градовите Кидал и Менака.
Ситуацијата во Мали ескалираше последните седмици кога броците на екстремистичките исламистички групации ги нападнаа позициите на владините сили во централниот дел на земјата. На помош на армијата на Мали, од 10-ти јануари пристигнаа француски трупи чија бројност во моментов се проценува на околу 2.500 војници. Во операцијата, исто така, со обука за малиските безбедносни сили ќе се вклучат и припадници на војските на земјите членки на Европската унија.
Советот за безбедност при ОН во декември 2012 година, според одредбите од резолуцијата 2085 одобри испраќање на 3.300 војници на африканските сили (AFISMA) во Мали, доколку изостане преговарачкото решение. Според резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, целите на силите на AFISMA, кои се испратени во Мали со мандат од една година, се да се помогне во преструктуирањето на одбраната и безбедносните сили на земјата, обновување на нормалниот живот во северниот дел на земјата кој е под контрола на терористички, екстремистички и вооружени групи, како и да им помогнат на тамошните власти да ги надминат проблемот со заштита на локалното население и обезбедување хуманитарна помош за погоденото населени./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД и Израел започнаа заеднички напад врз Иран
САД учествуваа во нападите утрово во Иран заедно со Израел, потврди американски функционер за „Тајмс оф Израел“.
Според израелски безбедносен извор, тековниот напад е заедничка американско-израелска операција.
Непотврдени извештаи укажуваат дека една од целите на нападот е иранскиот претседателски комплекс, како и домовите на иранските лидери, според информациите од иранската опозиција.
Нападите се насочени и кон локации од кои Иран може да го загрози Израел.
Досега не е пријавен ракетен истрел врз Израел, но населението е повикано да остане во близина на засолништата, иако сè уште не е потребно да се влезе во нив.
Свет
Траги од хормони најдени во говедско месо кое од Бразил завршило во европските продавници
Наводно, контаминирано говедско месо од Бразил пристигнало во европските продавници. Имено, траги од естрадиол биле откриени во неколку пратки бразилско говедско месо. Овој хормон се користи во храната за животни, но е забранет во Европа поради потенцијални здравствени ризици. Според извештаите од холандските и ирските власти и системот за брзо предупредување RASFF, контаминираното месо влегло на пазарот на ЕУ, а дел од него веќе е консумиран, пишува Kronen Zeitung.
Холандската агенција за безбедност на храната била првата што открила естрадиол во замрзнато говедско месо од Бразил. Вкупно биле идентификувани најмалку четири пратки (вкупно околу 62 тони), а дел бил дистрибуиран во неколку земји-членки. Во Холандија, околу 5.000 кг контаминирано месо било „претежно консумирано“ пред повлекувањето.
Во Ирска, Управата за безбедност на храната го потврди влезот на околу 128 кг заразено месо. До јануари 2026 година, траги од контаминирана стока биле пронајдени во најмалку десет земји, вклучувајќи ги Германија, Италија, Чешка, Шпанија и други. Две поголеми серии беа навреме запрени во Холандија и блокирани. Повлекувања се започнати во неколку земји, а Полска и други наредија дополнителни инспекции на залихите. Австрија и нејзините трговци не се засегнати. Ова предизвика бес кај европските земјоделци. Пол Немечек, директор на Здружението на земјоделци на Долна Австрија, ги критикуваше двојните стандарди: „Европските земјоделци мора да се придржуваат до најстрогите прописи, додека увезеното говедско месо од Бразил очигледно не ги поминува истите контроли. Ова ги поткопува еднаквите услови и довербата на потрошувачите“.
Договор за слободна трговија со Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај (Меркосур) што би дозволил увоз на до 99.000 тони говедско месо по намалени тарифи беше ратификуван во јануари 2026 година и покрај прегледот од страна на Европскиот суд на правдата. Гринпис и други го гледаат ова како демократски скандал. Инспекциите на ЕУ открија неправилности уште во јануари 2026 година, но политичкиот притисок продолжи понатаму. Ревизиите на ЕУ во 2024 и 2025 година покажаа слабости во системот за следење на хормоните во Бразил – месото од третирани животни беше измешано со легален извоз, а бразилските власти не ја предупредија ЕУ за грешките. Брисел започна истрага, а земјоделските здруженија бараат итна забрана за увоз од Бразил сè додека не се обезбеди целосно почитување, потсетува „Кронен Цајтунг“.
Свет
Израел го нападна Иран и прогласи вонредна состојба
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Израел започнал превентивен напад врз Иран за да ги отстрани заканите за безбедноста на земјата и дека е прогласена вонредна состојба низ целата земја.
„Државата Израел започна превентивен напад врз Иран за да ги елиминира заканите за Државата Израел. Вонредна состојба е прогласена низ целата земја“, рече тој, според „Тајмс оф Израел“.
Кац, исто така, предупреди на сериозна безбедносна ситуација.
Сирени се слушаа низ целиот Израел, додека Командата на домашниот фронт на израелските одбранбени сили ги повика цивилите да останат близу до засолништата и да се подготват за можност од ракетни напади.
Пораката ги советуваше граѓаните да останат близу до најблиските засолништа и да избегнуваат непотребни патувања.
Иако беше издадено „проактивно предупредување“, војската соопшти дека во овој момент не е потребна евакуација во засолништата.
Снимките покажуваат чад во Техеран, објави „Тајмс оф Израел“.

