Свет
Се искачи над 700 бројот повредени од метеорскиот дожд во Русија
Повеќе од 700 луѓе се повредени по експлозијата на метеор во долниот дел на атмосферата над Урал. Во три руски града во Чељабинската област преку која прелета „метеорскиот дожд“ завладеа вистинска паника.
Сведоци кажуваат дека на небото се случиле повеќе експлозии од кои се треселе куќите, а прозорците пукале. Според најновите информации, повредени се 725 луѓе, од кои 159 деца. Кај повеќето повредени станува збор за полесни повреди, предизвикани од пукнатото стакло на прозорците.
Над 100 луѓе се хоспитализирани, додека тројца се посериозно повредени, а двајца се наоѓаат на одделението за интензивна нега. Исто така, отворена е итна телефонска линија за сите оние на кои им е потребна психолошка помош.
Руската војска соопшти дека го пронашла кратерот и негираше дека истрелала против-воздушен проектил за да го распарчи метеорот на повеќе мали делови.
„Министерството за одбрана на Русија не спроведе ниту една акција поврзана со овој инцидент. Ниту едно наше летало не е регистрирана во тој дел во времето на експлозијата“, се наведува во соопштението на Министерството, пренесува Russia Today.
Министерството за вонредни ситуации тврди дека остатоци од метеорот на Урал не се пронајдени, а официјалниот воен претставник на округот Јарослав Рошчупкин рече дека на местото на кое се претпоставува дека паднал еден од фрагментите на метеорот, брегот на езерото Чебаркуљ, пронајден е кратер со пречник од околу шест метри.
Еден локален претставник на Министерството за вонредни ситуации рече дека метеорот се распаднал над Урал и делумно изгорел во атмосферата, а дека парчиња паднале на земјата во ретко населените предели на Чељабинската област, 1.500 километри источно од Москва.Руските медиуми јавуваат дека мерењата не покажале зголемена радијација.
Јасно светло можело да се забележи на просторите на регионот Чељабинск, Тјумен и Свердловск, но и од северен Казахстан.
За Б92 телефонски се јавил еден очевидец од Тјумен, град оддалечен 800 километри од местото на експлозијата.
„Иако експлозијата се случи 800 километри од нас, ни се чинеше дека одекна на оддалеченост од пет километри. Видов тиха зажарена топка со опашка како прелетува над мојата глава. Метеорот експлодираше во воздух, на висина од пет километри, над Чељабинск“, рече очевидецот, при тоа додавајќи дека војската веднаш реагирала и ја подигнала борбената готовност на највисоко ниво.
Руската вселенска агенција Роскосмос не го следеше падот на метеорот.
„Нашите постројки не го следеа ова небеско тело“, рече портпаролот на Роскосмос.
Портпаролот на Министерството за внатрешни работи Вадим Колесњиков ја потврди претходната информација дека се урнал покривот на една фабрика за цинк, со површина од 600 квадратни метри, јави АП. Сведоците велат дека експлозијата била толку силна, што потсетувала на удар на гром и земјотрес во исто време.
Градските власти наложија итно вградување на пластични прозорци на сите оштетени објекти, а градинките и училиштата ќе бидат затворени во следните два дена.
Како што јавува Russia Today, повеќе од 3.000 згради се оштетени во регионот Чељабинск, меѓу кои и 34 болници и 360 училишта и градинки.
Рускиот претседател Владимир Путин издаде итна наредба на Министерството за вонредни ситуации да се направи проценка на материјалната штета, нагласувајќи дека „астрономскиот аспект на овој инцидент е многу важен бидејќи анализата на падот на овој метеор може да ни помогне правовремено да реагираме и на време да ги предупредиме луѓето“.
Руското Министерство за вонредни ситуации информираше дека на местото на настанот испратило 20.000 спасувачи, како и три летала. Демантирана е првичната информација дека телекомуникациските врски се во прекин.
Се појавија и шпекулации дека „дождот“ го предизвикале делчиња од астероидот 2012 ДА14, кој денеска ќе „прелета“ покрај Земјата на рекордно мала оддалеченост, но таа теорија беше отфрлена.
Одделни руски медиуми го пренесоа објаснувањето дека овој метеор не бил забележан порано бидејќи доаѓал од правецот на Сонцето.
Експлозијата направила помала озонска дупка над Чељабинск, а нејзината сила е проценета на повеќе десетици килотони.
„Штом имате таква експлозија, имате и дупка, така што нè очекува зголемено ултравиолетово зрачење. Верувам дека сè се случило на височина од околу 50 километри. Сепак, нема опасност од контаминација со радијација. Веројатно сега некаде постои кратер, но метеорите обично не се радиоактивни, а нивниот најсилен ефект е светлината и ударот од експлозијата“, изјави астрофизичарот Сергеј Замоздра.
Тој додаде дека ќе треба време додека не бидат пронајдени сите фрагменти, како и тоа дека настан од ваков интензитет се случува на Земјата секои 30 години.
Рускиот премиер Дмитриј Медведев изрази надеж дека нема посериозни инциденти и додаде дека овој метеорски дожд би можел да биде симбол на претстојниот економски форум во Русија.
„Овој настан покажа дека не е ранлива само економијата, туку и целата планета“, рече Медведев. /крај/б92/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Силен земјотрес регистриран во Романија
Земјотрес со магнитуда од 4,4 степени според Рихтеровата скала беше регистриран во 18:21 часот во Романија.
Според достапните податоци, епицентарот на земјотресот се наоѓал во област со географски координати на географска ширина 45,8336 и географска должина 26,7157.
Хипоцентарот на земјотресот, според податоците на Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, се наоѓа на длабочина од приближно 120 километри под површината на земјата.
Досега нема извештаи за материјална штета или повредени, а надлежните служби ја следат ситуацијата.
Свет
Сикорски: Путин не сака мир, туку капитулација на Украина и нема да запре
Шефот на полската дипломатија, Радослав Сикорски, денес во експозе за полската надворешна политика предупреди дека Русија не сака мир, туку капитулација на Украина и дека нема да застане тука.
„Сите сме свесни за опасноста. Ситуацијата е сериозна. Свеста за опасноста може да биде парализирачка. Не можеме да си дозволиме луксуз да останеме парализирани“, им рече Сикорски на членовите на долниот дом на полскиот парламент.
Тој предупреди дека некои сојузници не го исклучуваат сценариото Русија да го нападне НАТО, како што рече, не за две или три години, туку оваа година.
„Кремљ нема да попушти. Ќе тестира понатамошни граници. Путин не сака мир, тој сака само капитулација“, рече Сикорски и потсети дека Европа е веќе цел на руски хибридни напади – сајбер напади, поточно врз Полска од две илјади до три илјади дневно, диверзија и саботажа и масовно ширење дезинформации на Интернет.
„Целта на непријателот е едноставна. Да заплаши, да предизвика раздор, да поттикне разни групи Полјаци едни против други, да ја ослабне довербата во политичарите и владата. Полјаците, од најмладите до најстарите, мора да научат како да се справат со опасностите на Интернет. Патриотска должност е да се биде свесен кој, што и со која цел е објавено“, рече тој.
Сикорски им порача на сите во Полска кои мислат дека помагањето на Украина не вреди, дека треба да разберат дека слободна Украина како дел од Западот е шанса и можност и за нивната татковина.
„Шанса да се скршат забите на рускиот империјализам, да се зајакне заедничката одбрана, за интензивна трговска размена, заеднички проекти во одбранбената индустрија за ангажирање на нашите компании. Војната во Украина не е само за независноста на таа земја, туку и за тоа кој ќе биде трет најсилен играч во светот покрај САД и Кина – Русија или Европа“, рече тој.
Апелираше да се воведе таканаречениот воен Шенген во ЕУ, така што евентуалното доаѓање на сојузниците да помогнат да не трае со недели, туку да биде брзо без правни бариери“.
Регион
Вучиќ: Ова ќе биде клучна и една од најтешките години во светот
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека утре ќе бидат потпишани 10 договори за соработка меѓу Србија и Казахстан и истакна дека ова е создавање темел врз кој ќе се изгради голема куќа на пријателство што е од интерес за двете земји.
– Разговаравме за геополитичката ситуација. Имаме речиси 100% согласност во оценките. Можам да зборувам за моите предвидувања. Можaм да прoмашам за неколку дена, но во суштина не. Очекувам наскоро да започне голем конфликт, сите знаете на кој мислам, и очекувам конфликтот во Украина да не заврши, мислам дека ќе продолжи долго време. Би сакал да грешам, би бил повеќе од среќен да излезам и да кажам дека моите проценки беа погрешни, но се плашам дека ќе бидам во право. Полека, сите влегуваат во ќорсокак, а кога сте во ќорсокак, се движите само кон потешки решенија и поголеми проблеми. Ова ќе биде клучна година и една од најтешките години во светот. Не би ја исклучил можноста за употреба на неконвенционално оружје во текот на оваа година – изјави Вучиќ, пренесуваат медиумите во регионот.

