Свет
Функционерите немаат абер да се иселат од државните станови
Седумдесет поранешни функционери, се уште не ги враќаат државните станови што ги добиле на користење додека работеле во владините служби и министерства.
Мирче Котевски
Седумдесет поранешни функционери, се уште не ги враќаат државните станови што ги добиле на користење додека работеле во владините служби и министерства. Министри, заменик-министри, поранешни вработени во Агенцијата за спорт и млади, советници, пратеници чија функција завршила пред три години требало да се иселат најдоцна за 30 дена откако Владата ги разрешила, велат во Јавното претпријатие за стопанисување станбен и деловен простор (ЈПССДП).
„Време“ ја има листата на поранешните владини службеници што се уште живеат во државни станови. Тие, во зависност од квадратурата на станот, плаќаат најмногу по 3.000 денари месечна кирија. Некои од закупците се уште ги користат становите, а има и такви што ги издаваат под кирија, по цена двојно повисока од онаа што тие ја плаќале додека ги користеле.
Владината комисија за станбени прашања пред првомајските празници поништила 70 договори на закупците и ја задолжила скопската подружница на Јавното станбено претпријатие да ги искористи своите ингеренции и да ги испразни вселените станови.
Не знаејќи што да прави, Подружницата побарала помош од централата на претпријатието, која предметот го испратила кај јавниот правобранител.
Од ЈПССДП информираат дека ги известиле сите корисници да се иселат во рок од 10 дена, но ниту еден од нив не го почитувал тоа. Иако е сопственик на становите, Јавното претпријатие нема сознанија кој живее во становите, па за овие податоци побарале помош од Министерството за внатрешни работи.
На листата подготвена од скопската подружница на ЈПССДП, државните станови се уште ги користат доскорашниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Славко Петров од ЛДП, поранешниот заменик-министер за здравство Муарем Неџипи од ДПА, бившиот министер за заштита на животна средина Марјан Додовски и сегашен советник во Собранието на Град Скопје од ВМРО-народна. Од становите се уште не се иселиле Рефет Елмази, некогашен заменик-министер во МВР и Ѓорѓи Трендафилов, актуелен пратеник од ВМРО-народна.
Од јавното претпријатие се жалат дека нема каде да ги вдомат актуелните владини функционери кои доаѓаат од внатрешноста на земјава на работа во Скопје. За нив државата морала да плаќа кирија по 500 евра месечно сместувајќи ги по приватни станови.
Половината од бившите функционери што државата сака да ги исели живеат во таканаречената функционерска зграда кај Железничката станица.
– Не е точно дека станува збор за објект во кој престојуваат само владини функционери. Таму се сместени и обични граѓани, спортисти и новинари кои плаќаат закуп, но тие не и пречат на Владата. Киријата си ја плаќаме редовно. Становите со свои пари ги адаптиравме за живеење, а сега без образложение сакаат да не избркаат од нив – вели Марјан Додовски, бившиот министер за животна средина во Владата на Љубчо Георгиевски. Иако од надлежното претпријатие тврдат дека оваа зграда е само за владини службеници, дознаваме дека и јавниот обвинител Александар Прчевски е закупец таму. Од Владата вчера не сакаа да коментираат за случајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

