Свет
Малиновски ќе го тужи Прчевски за клевета
Антикорупционерите ги оценуваат наводите на обвинителот за тенденциозни, паушални, недолични и субјективни
Антикорупционерите ги оценуваат наводите на обвинителот за тенденциозни, паушални, недолични и субјективни
Малиновски: Прчевски се обидува со дисквалификации да ја дефокусира јавноста од неповолните ефекти во борбата со корупцијата. Неговите обвинувања за конфликт на интереси се субјективни
Претседателот на Антикорупциската комисија ќе го тужи државниот јавен обвинител за клевета. Драган Малиновски вчера најави дека ќе поведе кривична постапка пред судот против Александар Прчевски, поради изречените обвинувања во парламентот за злоупотреба на функцијата. “Наместо да соработува, обвинителот се обидува со лични дисквалификации да ја дефокусира јавноста од неповолните ефекти во борбата со корупцијата. Неговите обвинувања за конфликт на интереси кај некои членови на Комисијата се тенденциозни, паушални и субјективни. Изјавите на Прчевски дека за одделни членови на Комисијата располага со докази оти сториле кривични дела, односно ја злоупотребиле својата службена должност, ги сфаќаме како директен притисок врз нашата работа”, изјави вчера првиот антикорупционер Малиновски. Во Комисијата коментираат дека нападот е најдобар начин за одбрана на неуспехот, во случајов поради немање разрешница во повеќе случаи кои ги иницирале тие, како, на пример, ОКТА, ?Фершпед”… Државната комисија за спречување на корупцијата очекува од Собранието да донесе соодветни ставови и оцени во расправата за годишните извештаи. Моментално пратеничките групи ги усогласуваат ставовите по барањето на обвинителот за одговорност од антикорупционерите.
Тројца претседатели на Државната комисија за спречување на корупцијата, Слаѓана Тасева, Јован Трпеновски и Драган Малиновски, во годишни извештаи и на прес-конференции секогаш го посочуваа Обвинителството како државен орган кој одбива да соработува. Конфликтот на релација антикорупционери-обвинител, кој тлееше речиси три години, избувна во директен судир завчера, кога јавниот обвинител, бранејќи го извештајот пред собраниското тело за политички систем, побара разрешување на тројца членови на Антикорупциската комисија – Малиновски, Трпеновски и Тасева. Причина, во нивниот случај бил утврден конфликт на интереси и злоупотреба на службената позиција. Прчевски ги обвини Трпеновски и Малиновски дека ги злоупотребиле материјалите од Обвинителството што ги добивале по службена должност, а потоа нив ги користеле да ги бранат обвинетите од нивните адвокатски канцеларии. Обвинителот тврди дека двајцата антикорупционери се интересирале за најмалку два предмета – едниот за подмитување, а другиот за кривична пријава за стечајна постапка во една фирма, за кои подоцна се јавувале како бранители на обвинетите.
?Додека бев претседател на Комисијата држев рамнотежа околу оцените за обвинителот, кој очигледно не може да сфати дека сме органи кои треба да соработуваат. Не сум изненаден од неоснованите напади на Прчевски, кој така сака да ги скрие сопствените слабости. Но, сум изненаден од неговото непознавање на кривично-материјалното и процесното право, како и од неинформираноста за состојбата во предметите по кои постапуваат пониските јавни обвинителства”, изјави вчера Јован Трпеновски, член на Антикорупциската комисија. Тој рече дека обвинителот не ги познава ниту одредбите од Законот за борба против корупцијата кои го регулираат конфликтот на интереси и дека покажува пренагласен субјективизам. ?Прчевски смета дека професионален адвокат не може да членува во Антикорупциската комисија. Ако е цврсто убеден во тоа, треба да предложи измени на Законот”, предлага Јован Трпеновски.
Тасева вчера не сакаше да ги коментира искажувањата на Прчевски кои за неа се недолични, неодмерени и непрофесионални. ?Ако обвинителот има докази за злоупотреба на функцијата од членовите на Антикорупциската комисија, тогаш нека не прави инсинуации, нека биде доследен и нека ги изнесе пред сите”, му порача Тасева на Прчевски. Според антикорупционерката, Обвинителството и нејзиниот прв човек не успеаја да одговорат на задачата, како најповикани да се спротивстават на корупцијата и организираниот криминал. Три на некој начин независни институции, Антикорупциската комисија, Државниот ревизор и Народниот правобранител констатираат дека комуникацијата со Обвинителството е несоодветна, што веќе потврдува дека нешто не е в ред, укажува Тасева. ?Некои луѓе треба да си ги расчистат работите околу конфликтот на интереси кои очигледно не ги познаваат. Каде е и дали има судир меѓу директор на Полициска академија што е службена работа и член на Антикорупциска комисија што е волонтерска работа”, го прашува Слаѓана Тасева обвинителот.
Пратениците на ВМРО-Народна ќе предложат промена и на Законот за ЈО и на законските одредби со кои е формирана Антикорупциската комисија. Во партијата на неформалниот лидер Љупчо Георгиевски сметаат дека двете инстанции треба да се реформираат. ?Очекував ваква разврска меѓу двете институции. Јасно е дека се води битка за политичка контрола врз Антикорупциската комисија, а резултатот во борбата против ова зло е нула. Антикорупциската комисија треба да биде општествен суд, да укажува, а не да пресудува. Истовремено, ни треба ефикасно Обвинителство. Во овој стадиум на развој нам ни треба јавен обвинител што го предлага опозицијата и Комисија која би требало да ја изберат оние кои ги немаат инструментите на власта во свои раце”, потенцира Слободан Чашуле од ВМРО-НП. Според него, корупцијата се спречува со ефикасна контрола во моментот, а не со гонење корумпирани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Политико: Европските дипломати во Вашингтон во неизвесност по новата стратегија на САД
Европските дипломати во Вашингтон се соочуваат со мрачна атмосфера и чувство дека трансатлантскиот сојуз, каков што постоеше по Втората светска војна, е сериозно нарушен под администрацијата на Доналд Трамп, пишува Политико.
По објавувањето на новата американска Стратегија за национална безбедност, која поранешниот шеф на европската дипломатија Жозеп Борел ја опиша како „политичка објава на војна“, европските претставници сѐ почесто чувствуваат отворен презир од Вашингтон. Според изјави на дипломати дадени под услов на анонимност, „Западниот сојуз е завршен“ и односите „никогаш нема да се вратат на старо“.
„По неколку божиќни забави во европските амбасади оваа недела, стана јасно дека атмосферата е прилично мрачна, какода го гледаат Гринч како им го краде Божиќ“, пишува Политико.
Политико наведува дека кај европските дипломати владее „психосоцијална дезориентација“ – чувство на губење на идентитет и сигурност, предизвикано од наглиот прекин со поредокот воспоставен по 1945 година. Иако дел од нив сè уште се надеваат дека ситуацијата ќе се нормализира со нов американски претседател, други признаваат дека Трамп ја принудува Европа да се соочи со сопствените слабости.
Новата американска надворешна политика, според текстот, повеќе не се темели на вредности и демократија, туку на принципот „што функционира за Америка“, што вклучува приближување кон авторитарни режими и избегнување критики кон земји како Русија, Кина и Иран.
Свет
Орбан: Одземањето на замрзнатиот руски имот значи објава на војна
Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека плановите на Европската унија за користење на замрзнатиот руски имот претставуваат „објава на војна“ и носат сериозни ризици за европската економија.
Говорејќи на антивоен собир во Мохач, Орбан предупреди дека одземањето на 200 до 300 милијарди евра руски имот ќе има последици, вклучително и загрозување на довербата во еврото и потенцијален удар врз белгиската економија, каде што средствата се депонирани.
„Ќе се борам во Брисел, тие ја заобиколуваат Унгарија и посегнуваат по руски средства, тоа е објава на војна. Никогаш не сум видел дека земањето 200-300 милијарди евра средства нема никакви последици“, рече Орбан.
Тој ја обвини Европската унија дека ја водат тројца Германци кои, според него, ја туркаат Унијата во „слепа улица“.
Орбан повторно го истакна својот став дека војната во Украина ќе ја платат не само сегашните генерации, туку и идните, преку задолжување и економски притисоци, додавајќи дека Унгарија ќе се спротивстави на таквите политики во Брисел.
Фото: depositphotos
Регион
По три децении, Хрватска регистрира случај на лепра
Во Хрватска е потврден изолиран случај на лепра, хронична заразна болест позната уште од библиски времиња. Станува збор за странски работник, а надлежните институции уверуваат дека ситуацијата е под контрола и дека нема причина за паника, објави „Индекс“, повикувајќи се на Министерството за здравство.
Последниот регистриран случај на лепра во Хрватска бил во 1993 година.
Лепрата, позната и како губа, е хронична заразна болест предизвикана од бактеријата Mycobacterium leprae. Најчесто ги зафаќа кожата и периферните нерви, а доколку не се лекува, може да доведе до трајни оштетувања и инвалидитет. Иако со векови била симбол на стигма и изолација, денес лепрата успешно се лекува со комбинација од антибиотици и претставува излечива болест. Според податоците на Светската здравствена организација, повеќето заболени со навремено лекување можат да водат нормален живот без ризик за околината.
Ситуацијата е под контрола, смируваат надлежните
Пациентот со симптоми на лепра пред околу десет дена се јавил кај епидемиолозите во Сплит. Случајот го потврди и раководителот на Службата за епидемиологија на заразни болести при Хрватскиот завод за јавно здравје, Бернард Кајиќ.
„За ова не се зборуваше јавно затоа што случајот е навреме откриен. Човекот се лекува, неговите блиски контакти добија постекспозициска терапија, иако тие не се заразени. Сè е под контрола“, изјави Кајиќ.
Од Министерството за здравство појаснија дека станува збор за странски работник од Непал, кој со семејството живее во Хрватска веќе две години.
Болест што се лекува
Кајиќ објасни дека лепрата се манифестира со кожни промени и оштетувања на нервите, поради што пациентите губат осет или чувствуваат слабост. „Слично како и туберкулозата, која исто така е хронична болест, лепрата може да се излекува. Лекувањето трае од шест до дванаесет месеци со повеќе видови лекови. Не станува збор за нешто страшно“, нагласи тој.
Можни здравствени проверки за странски работници
Во Хрватска се подготвува регулатива, поттикната од ХЗЈЗ, со која странските работници би морале да приложат доказ за вакцинација за да добијат дозвола за работа. Станува збор за основни вакцини важни за колективниот имунитет, а се разгледува и воведување прегледи за болести кои не се присутни во земјата, со цел навремено откривање и спречување на нивно ширење.
За случајот зборуваше и Иван Пуљиз, раководител на Клиниката за инфективни болести „Д-р Фран Михаљевиќ“, кој истакна дека нема причина за загриженост кај граѓаните.
„Последниот случај во Хрватска бил пред повеќе од 30 години. Во текот на 20 век биле регистрирани околу 20 случаи“, изјави Пуљиз, додавајќи дека болеста повторно се појавува поради миграции од земји каде што лепрата сè уште е ендемска, како делови од Бразил, Индија, Индонезија и Демократска Република Конго.
Инкубацискиот период може да трае од половина година до 10 години, а понекогаш и подолго, поради што болеста не може однапред да се детектира кај лица кои доаѓаат од тие региони.
Нема опасност од ширење
Лекарите нагласуваат дека лепрата не е високо заразна болест. За пренос е потребен долготраен и близок контакт, најчесто во рамки на исто домаќинство. Не е потребна ниту посебна изолација, а терапијата брзо го намалува ризикот од заразување.
Случај и во Романија
Како што пренесува „Индекс“, во Романија неодамна е потврден прв случај на лепра по повеќе од 40 години. Заболена е жена од азиско потекло, вработена како масерка во спа-центар во Клуж-Напока, додека уште три лица се под медицински надзор. Објектот е привремено затворен, спроведена е дезинфекција и е започната епидемиолошка истрага. Последниот случај во Романија бил регистриран во 1981 година.
Фото: pexels

