Свет
Концесии за нови хидроцентрали ќе се делат во четири очи
Владата си дозволи да може да дава концесија за користење на водите и без јавен конкурс ако домашните или странските компании ветат дека ќе градат нови хидроцентрали.
Во пресрет на приватизациЈата на ЕСМ
Владата си дозволи да може да дава концесија за користење на водите и без јавен конкурс ако домашните или странските компании ветат дека ќе градат нови хидроцентрали. Ова е предвидено во измените на Законот за води, кои премиерот Владо Бучковски бара да се донесат по скратена постапка. Висината на надоместокот за концесија ќе се утврдува при потпишувањето на договорот.
– Водата е национално богатство, кое нема цена. Како државата ќе го утврди надоместокот кога не знае колкава ќе биде цената на водата по 70 години. Што ако за 10 години таа биде неколкукратно повисока? Токму затоа државите ретко преземаат ризик да даваат концесии за вода. Нејасно е зошто не се утврди методологија за утврдување на надоместокот, а цената да се ревидира периодично на една, три или пет години – вели Атанаско Тунески, професор на Машинскиот факултет во Скопје.
Но во Владата имаат други планови за одредување на надоместокот за користење на водите.
– Надоместокот ќе го утврдува Владата врз основа на предлог од министерот за земјоделство, а цената за кубик вода во апсолутен износ ќе се формира откако заинтересираните партнери ќе ги обелоденат калкулациите за своите производни трошоци – објаснува министерот за економија Фатмир Бесими.
Во Министерството за земјоделство велат дека надоместокот ќе го одредуваат врз основа на критериуми, кои допрва треба да се утврдат.
– Критериумите се само приказни. Единствено решение е да се подготви долготрајна методологија и независен субјект што ќе ја применува, слично како што се постапи со формирањето на Регулаторната комисија за енергетика – смета Асен Асенов, професор на Електротехничкиот факултет во Скопје.
Според измените на Законот за води, концесијата може да трае најдолго до 70 години ако дозволата за користење на водите и се дава на компанија што планира да вложи пари во изградба на хидроцентрали чија инсталирана моќност ќе биде поголема од 10 мегавати. За хидроцентралите со моќност до 2 мегавати концесијата ќе биде до 50 години, а за помалите концесијата ќе изнесува 30 години. Концесиите како и досега ќе ги издава Министерството за земјоделство, а продолжувањето на времетраењето на концесијата не може да биде подолго од рокот за кој првично била издадена.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе
Во израелски напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 11 луѓе. Израел тврди дека нападот е одговор на кршењето на примирјето од страна на Хамас.
Според палестински медицински извори, во израелскиот воздушен напад врз шаторски камп, каде се сместени раселени семејства загинале најмалку четири лица. Во друг напад врз Кан Јунис загинаа пет луѓе, а при напад во северниот дел на енклавата убиен е уште еден човек.
Портпаролот на Хамас, Хазем Касем изјави дека Израел извршил уште еден „масакр“ врз раселените Палестинци, нарекувајќи го инцидентот сериозно прекршување на прекинот на огнот неколку дена пред првиот состанок на Советот за мир на американскиот претседател Доналд Трамп.
Израелски воен претставник наведе дека нападите биле „прецизни“ и во согласност со меѓународното право, додавајќи оти Хамас постојано го крши договорот за прекин на огнот, постигнат во октомври минатата година. Според него, вооружени лица вчера излегле од тунел на израелска страна во областа Беит Ханун.
Касем ги повика учесниците на првиот состанок на новиот меѓународен Совет за мир во Појасот Газа да извршат притисок врз Израел да престане да го крши прекинот на огнот и да го спроведе договорот без одложување.
Свет
Поплави и свлечишта во јужна Италија
Јужниот дел на Италија е погодена од уште еден средоземен циклон што предизвика поплави и лизгање на земјиштето.
Поради бурата Оријана во Калабрија, Сицилија и Сардинија наредена е евакуација на населението.
Италијанската противпожарна служба соопшти дека за 72 часа добиле 2.000 повици за помош.
Оријана ја погоди Италија откако го погоди Иберискиот Полуостров. Тоа е втора бура што ја погоди јужна Италија по циклонот Хари кон крајот на јануари.
Свет
Рама во Вашингтон ќе учествува на формирањето на Одборот за мир
На 19 февруари премиерот Еди Рама ќе биде во Белата куќа во Вашингтон, каде што ќе учествува на официјалното формирање на Одборот за мир.
Ова го потврди лично премиерот за време на неделниот подкаст „Фласим“(зборуваме), отфрлајќи ги тврдењата на опозицијата дека воопшто не е поканет за учество на овој настан.
– Деновиве добив покана од претседателот на Соединетите американски држави, да го посетам Вашингтон и на учествувам на формирањето на Одборот за мир. Значи разбиени се сите лаги кажани дури и во нашиот парламент. Лага се секакви тврдења што денес повторно се прават смешни, велејќи дека не можам да одам, дека не сум поканет, затоа што, затоа што, затоа што, рече Рама.
Всушност, додаде, како што кажав, ќе бидам во Вашингтон за официјалното формирање на Одборот за мир и за почетокот на активноста на тој одбор.
-Привилегија за Албанија е да биде држава-основач на Одборот за мир и нема да придонесува со пари за да се приклучи или да остане како постојан член, туку придонесува со достоинство и со она што ја направило меѓународно почитувана и поканета, за оваа толку високо ниво на дискусија за иднината на мирот, рече Рама.

