Свет
Буш и Путин се согласија за најважните светски и билатерални прашања
Согласност околу најважните светски и билатерални прашања постигнаа синоќа двајцата најмоќни лидери на планетата, американскиот и рускиот претседател Џорџ Буш и Владимир Путин.
Согласност околу најважните светски и билатерални прашања постигнаа синоќа двајцата најмоќни лидери на планетата, американскиот и рускиот претседател Џорџ Буш и Владимир Путин. Путин доби согласност за помош на САД за зачленување на Русија во Светската трговска организација, а Буш доби поддршка од Путин за неговите заложби против Иран и Северна Кореја, кога станува збор за можноста овие две земји да станат нуклеарни воени сили. Самитот се одржа во братиславскиот замок во престолнината на Словачка. САД прифатиле ангажман да соработуваат со Русија за нејзиното влегување оваа година во Светската трговска организација. Ова се вели во заедничката декларација на Буш и Путин, чиј текст беше објавен за време на средбата на врвот. САД и Русија се решени да работат заедно за завршување на двостраните преговори за присоединување на Русија кон СТО во 2005 година, се вели во текстот. Русија е единствена голема држава која не членка на СТО, што е приоритет за Путин. Двајцата претседатели се договорија САД и Русија да ги зајакнат напорите за борбата против опасноста од нуклеарниот тероризам. Тие истакнаа дека безбедноста на нуклеарните објекти треба да биде постојано усовршувана за да се спречат терористичките акти. Што се однесува до нуклеарните амбиции Иран и Северна Кореја, Путин и Буш изјавија дека овие држави не треба да имаат нуклеарно оружје. Двајцата претседатели разговарале и за состојбата на демократијата во Русија, за што, по средбата, Буш изјави дека на Путин му кажал оти е “вознемирен“ од концепцијата на Москва за демократија. “Јас знам дека демократиите секогаш ја одразуваат културата и традициите на одредена држава, но тие имаат една општа работа: тие се држави на правото, на заштитата на малцинствата, на слободниот печат и на одржлива опозиција. Јас го споделив своето неспокојство во однос на ова и реков дека Русија треба да се ангажира за заштита на тие универзални принципи”, рече Буш на заедничката конференција за новинари со рускиот колега по средбата. Владимир Путин реплицираше: “Демократијата не е анархија и беззаконие.” Рускиот претседател додаде дека Русија нема намера да се врати кон диктатурата. “Враќање кон минатото нема и нема да има”, истакна Путин/крај/бгнес/ил/б
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Орбан доби покана од Трамп да се приклучи на мировниот совет за Појасот Газа
Унгарскиот премиер Виктор Орбан добил покана од американскиот претседател Доналд Трамп да учествува во Советот за мир за Појасот Газа, соопшти денеска унгарскиот министер за надворешни работи и трговија Петер Сијарто.
„Премиерот доби покана од американскиот претседател Доналд Трамп да се приклучи на Советот за мир за Појасот Газа. Според нас, оваа покана е признание за унгарскиот премиер, и тој, секако, ќе учествува во работата на тој совет. Премиерот ми наложи да ја информирам американската администрација“, изјави Сијарто, пренесе официјалниот портал на унгарскиот јавен сервис Hirado.hu.
Тој истакна дека мировните иницијативи на Трамп се високо ценети во светот и додаде: „Американскиот претседател претставува надеж за мировниот процес“.
Според Сијарто, Унгарија е заинтересирана за мир на Блискиот Исток, бидејќи безбедносната состојба во регионот има значително влијание врз Централна Европа.
Орбан веќе присуствуваше на церемонијата за потпишување на мировниот договор во Шарм ел Шеик, Египет, на 13 октомври. Советот за мир за Појасот Газа ќе биде задолжен за надгледување на втората фаза од планот за прекин на војната во палестинската енклава.
Свет
Германските војници го напуштија Гренланд
Извидничкиот тим на германската армија Бундесвер го напушти Гренланд по само два дена престој.
Повлекувањето го објавија „Билд“ и „Дер Шпигел“, а информацијата за новинската агенција ДПА ја потврди и портпаролот на германското Министерство за одбрана.
Според „Билд“, кој прв ја објави веста, војниците биле информирани за ненадејното заминување дури утрово.
Свет
Осумте земји на кои Трамп им најави царини поради Гренланд порачаа: Ќе останеме обединети и солидарни со Данска и Гренланѓаните
Осумте европски држави, кои се најдоа на мета на најавените царини од американскиот претседател Доналд Трамп поради поддршката за Данска во врска со Гренланд, во неделата со заедничка изјава предупредија дека таквите мерки носат ризик.
„Заканите со царини ги поткопуваат трансатлантските односи и носат ризик од опасна надолна спирала. Ќе останеме обединети и координирани во нашиот одговор. Посветени сме на заштитата на нашиот суверенитет“, се наведува во заедничката изјава на Обединетото Кралство, Данска, Финска, Франција, Германија, Холандија, Норвешка и Шведска.
Овие осум земји, кои одлучија да испратат свои војници на Гренланд, порачаа дека се подготвени за „дијалог врз основа на принципите на суверенитет и територијален интегритет“, зад кои цврсто стојат.
Тие повторија дека се „во целосна солидарност со Кралството Данска и народот на Гренланд“ и порачаа дека како членки на НАТО се посветени на јакнење на безбедноста на Арктикот – „заеднички трансатлантски интерес“. Во тој контекст, воената вежба на НАТО „Арктичка издржливост“ е одговор на таа потреба и „не претставува закана за никого“.
Од Париз, пак, доаѓа повик за активирање на „економската базука“ на ЕУ. Блиски соработници на францускиот претседател Емануел Макрон изјавија дека Франција бара од Европската унија да го активира Инструментот за борба против присила – механизам што би ѝ овозможил на ЕУ да одговори на економски закани, вклучително и ограничување на пристапот на САД до јавни набавки или трговија во сектори каде што американската страна има суфицит, ако Трамп не се откаже од најавените царини.

