Свет
„Маѓар телеком“ вчера купи 9,9 отсто државни акции
Државата продаде пакет акции од „Телеком“ за 60 милиони евра
Државата продаде пакет акции од „Телеком“ за 60 милиони евра
Унгарски „Маѓар телеком“, според неофицијални информации, преку својата компанија-ќерка „Македонски телекомуникации“ вчера купи пакет од 9,9 отсто државни акции во телекомуникациската компанија. За пакетот акции ќе плати над 60 милиони евра. Продажбата на државните акции во „Телеком“ се реализира преку јавна берзанска аукција.
На Берзата беа понудени 9.488.040 акции, што претставува удел од 9,9 отсто. За пакетот имаше само еден заинтересиран купувач, односно „Маѓар телеком“, така што изостана очекуваното наддавање. Тргувањето заврши за десетина минути, а Унгарците понудија 389 денари за една акција, што претставува минимална цена. Дознаваме дека трансакцијата ја изврши брокерската куќа„Уни банка. Парите за купување на акциите треба да се уплатат најдоцна до четврток, кога во Централниот депозитар ќе се внесе името на новиот купувач на пакетот акции.
Елена Јакимовска-Петровска, извршен директор на Македонската берза, вели дека очекува најголемо интересирање во јавноста да предизвикаат т.н слободни акции. Станува збор за 5.295.090 акции или вкупен удел од 5,52 отсто, кои може да ги купи секој што сака. Овој пакет, како што нагласува Јакимовска-Петровска, е достапен за малите инвеститори. Она што е особено интересно, како што вели таа, е што по купувањето на слободните акции може да се изврши второ, односно трето тргување. Тоа во практика значи дека купувачот, без оглед на тоа колкав удел има, може акциите веднаш повторно да ги понуди на Берза, откако претходно ќе биде заведен како сопственик во Централниот депозитар.
Владата одлучи да се ослободи од својот удел во „Македонски телекомуникации“ за да се забрза процесот на либерализација на телекомуникацискиот пазар, под притисок на меѓународните финансиски институции. Најголемата опозициска партија вчера реагираше зошто Владата ги продава акциите 29 дена пред одржувањето на парламентарните избори и зошто се продава без пазарно утврдување на цената.
Премиерот Владо Бучковски, одговарајќи на овие прашања, изјави дека генерално, најголемиот проблем што го има Македонија во овој момент, во делот на либерализација на телекомуникациите е поради тоа што Договорот за продажба на „Телеком“, потпишан од Владата на ВМРО-ДПМНЕ, не е совршен и не одговара на европските стандарди. Бучковски истакна дека намерата на Владата е да се ослободи од акциите во „Телеком“ за да може државата да биде докрај објективна.
Што се однесува до цената, премиерот е категоричен дека неа ја формира Берзата. Тој не може да процени дали државата ќе ги продаде сите четири пакети.
„Би било идеално да ги продаде сите пакети. Нашата позиција ќе биде посилна кога ќе се продадат сите пакети одеднаш, отколку да се продаде само еден пакет“, изјави вчера премиерот Владо Бучковски, кој ја уверува јавноста дека парите од продажбата на државните акции нема да се искористат во предизборни цели.
Министерот за финансии, Никола Поповски, за „Утрински весник“ изјави дека средствата од продажбата на акциите ќе бидат приход на Буџетот, кои не се за потрошувачка, туку се приход за депозит. Според Поповски, Владата и Собранието ќе одлучат за што ќе се потрошат.
„Со оглед на тоа што нашите депозити се веќе прилично високи, ние од тие депозити не зависиме. И без нив, ние имаме депозити ако некој сака да троши“, вели министерот Поповски.
Владата реши да продаде 45 од вкупно 47 отсто акции колку што поседува во „Телеком“. Како што е познато, предвидени се четири пакети од по 9,9 отсто акции, што претставува удел од 39,6 отсто акции, и еден пакет од слободни акции од 5,52 отсто.
Денеска, утре и задутре на Берзата ќе се понудат по еден пакет акции од 9,9 отсто, а в петок ќе се продаваат пакетите кои евентуално нема да бидат продадени. Пакетот од 5,52 отсто слободни акции ќе се тргува на Берзата, почнувајќи од утре. Минималниот износ што се очекува да го инкасира државата од неколкудневната продажба на акциите во „Телеком“ е 275 милиони евра.
(В.Г.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

