Свет
Смиленски опустоши цели региони во источна Македонија
Над 5.800 работници останаа без работа откако сопственик на фирмите стана контроверзниот бизнисмен
Над 5.800 работници останаа без работа откако сопственик на фирмите стана контроверзниот бизнисмен
ШТИП – Текстилни фабрики и картонажи, свињарски, краварски и живинарски фарми, илјадници хектари плодно земјиште, фабрики за сточна храна и други стопански капацитети, лоцирани главно во источниот дел на Македонија, беа дел од сега распаднатата бизнис-империја на Методија Смиленски, контроверзен македонски бизнисмен кој има своја фирма во Виена. Над 5.800 работници останаа без работа откако сопственик на фирмите стана Смиленски, кој беше уапсен на аеродромот во Белград.
Методија Смиленски е бизнисмен кој се товари дека со комбинација на бројни махинации и злоупотреби станал сопственик на огромен број фирми кои ги опустошувал по кусо време од своето влегување во нив. Најголеми штети од него претрпеа фирмите во Свети Николе. Во овој град луѓето велат дека ни најсилен ураган не можел да им нанесе толкава економска штета како што го направил тоа Смиленски. Тој на ова подрачје, како бизнисмен кој ветува, стартуваше кон крајот на деведесеттите години на минатиот век, кога ја купи фабриката за сточна храна „Зелоп", а која беше дел од имотот на комбинатот „Овче Поле". Дотогаш фабриката работеше добро, но Смиленски само за една година ја затвори, а вработените започнаа штрајк, но без резултат. Потоа Смиленски фрли око на друг вреден имот во Свети Николе. Стана сопственик на краварската и на живинарската фарма во селото Ерџелија. Во краварската фарма Смиленски наследи 320 молзни крави, а по една година стадото се намали на стотина кои беа одземени со интервенција на полицијата, бидејки тој станал голем должник кон Дирекцијата за стоковни резерви. Стотина работници реагираа, интервенираше и полицијата за да се изнесат кравите, а фармата денес е опустошена. Живинарската фарма која имаше 78.000 несилки денес, исто така, е затворена.
Големи трауми и губење на работните места доживеаја и околу 1.100 вработени во текстилната фабрика „Снитекс". Оваа фабрика беше позната како фабрика на Смиленски, а тој тврдеше дека во неа поседува само 41 отсто од акциите. Но, во фабриката постоеше и нелегитимиран газда со 25 отсто акции, за кого познавачите зборуваа дека е човек на Смиленски. „Снитекс" одамна не работи, работниците долго штрајкуваа, еден штрајкувач дури и почина за време на протестите, но фабриката не доживеа нов стопански живот. Сега таа стои како опомена на едно проблематично време. И Фабриката за картонажа „Картонтекс" се вброи во списокот на неговиот незаситен апетит. Фабриката која важеше за најдобра во својата бранша стана креатура од стопански субјект. Контроверзниот бизнисмен стана сопственик и на земјоделското стопанство „Мустафино", кое денес не функционира. Пред парламентарните избори 2002 година, тогашниот министер за земјоделство Марјан Ѓорчев му даде на Смиленски под концесија 870 хектари најплодна земја во атарот на Мустафино. И земјата остана необработувана.
Мошне индикативен беше влезот на Смиленски во најатрактивното друштво останато од некогаш големиот штипски текстилен комбинат „Македонка" во Штип. Тој во придружба на тогашниот премиер Љупчо Георгиевски двапати престојуваше во „Македонка џинс", носејќи странски партнери кои, според неговото тогашно кажување, требало да му дадат нов импулс на друштвото. Тој тврдеше дека станал сопственик на „Македонка џинс", вложувајќи 20 милиони долари. Подоцна се покажа дека неговиот влог бил лажен, но откако успеал да ги завери документите за сопственост кај надлежниот суд (останува прашањето како му успеало тоа), тој го ставил имотот под хипотека во Радо банка, од каде што зел кредит во поголем износ. Во шемата се вклучува и тогашниот гувернер на НБМ Љубе Трпевски, кој за кредитот на Смиленски дал банкарска гаранција од 11,6 милиони долари. За разлика од другите фирми кои Смиленски ги упропасти, „Македонка џинс" опстои благодарение на упорниот штрајкувачки одбор кој сам изнајде деловен партнер од Турција, а на Смиленски не му дозволи повеќе да влегува во фабриката.
Смиленски своите бизниси од Свети Николе и од Штип ги прошири кон Виница и Берово. Во Виница стана сопственик на „Трико", фабрика за трикотажа, која во тоа време имаше 700 вработени. Кусо време по неговиот влез фабриката беше ликвидирана. Оваа фабрика беше купена од непозната компанија „Топ груп" од Лихтенштајн. Подоцна се покажа дека станувало збор за компанија чиј основач бил токму Смиленски. Тој стана сопственик и на трикотажната фабрика „Беровчанка" во Берово, која, како и сите фирми купени од него, пропадна.
Бизнисмени од Свети Николе тврдат дека ексгувернерот Трпевски е најзаслужен за тоа што неговиот голем пријател Смиленски станал сопственик на фабриката за масло „Продекс" во Свети Николе. За опремата на оваа фабрика НБМ дала гаранција за кредит од 1,3 милиони евра кај Радо банка. Но, една подоцнежна стручна експертиза покажала дека не станува збор за нови машини, туку дека старите биле само пребојадисани. Само по една година Трпевски дал нова гаранција за нов кредит со кој Смиленски навистина купил нова опрема.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

