Свет
Трансформацијата на „Македонски железници" ќе се пролонгира
Трансформацијата на „Македонски железници" ќе стагнира. Процесот, по одржувањето на парламентарните избори, нема целосно да запре.
Ќе се стопираат сите тендери и нема да се вршат никакви набавки
Трансформацијата на „Македонски железници" ќе стагнира. Процесот, по одржувањето на парламентарните избори, нема целосно да запре. Работите ќе течат, но не со онаква димнамика како што предвидуваше Владата. Сж уште актуелната владејачка гарнитура уште во февруари годинава донесе одлука за основање јавно претпријатие за железничка инфраструктура „Македонски железници" и за основање „Македонски железници транспорт" АД, во државна сопственост. Постапката на формирање на двете претпријатија, кои треба да бидат заведени во судски регистар, требаше да заврши до крајот на јули. Сега, откако е извесно дека власта ќе се смени, никој од надлежните кои беа вклучени во трансформацијата не можат да прогнозираат како ќе се одвиваат настаните. Особено ако се има предвид дека може да се случи идната владина гарнитура да го смени мислењето околу моделот и начинот на реформи во железницата. Неофицијално веќе се зборува дека новата влада наместо да ја подели „Македонски железници" на две посебни претпријатија за транспорт и инфраструктура како што е предвидено со закон, ќе формира холдинг-компанија, која ќе биде составена од неколку независни компоненти.
Од „Македонски железници" велат дека во наредниот период ќе се стопираат сите тендери и нема да се вршат никакви набавки, бидејќи сосем е извесно дека тие ќе бидат предмет на ревизија, односно поништени. Во текот на наредните денови раководството планира да ја достави процената на претпријатието до Владата, а таа ќе одлучи што понатаму. Ревизорската куќа „Македонски ревизорски центар" утврди дека капиталот на „Македонски железници" вреди околу 500 милиони евра. Поточно, инфраструктурата со локомотивите и железничките станици се проценети на 450 милиони евра.
Процената на имотот на железницата е услов за поделба на претпријатието на два дела, како и за користење на кредитот од Светска банка во износ од 15 милиони евра за проектот за реформи и модернизација. Проектот предвидуваше да ги олесни владините напори за трансформација на „Македонски железници" и да ја подобри нивната продуктивност и ефективност. Јавното железничко претпријатие е едно од компаниите со направени најголеми загуби меѓу државите јавни претпријатија. Вкупниот долг на крајот на 2004 година изнесувал 143 милиони евра или 3,3 отсто од бруто-домашниот производ. Се пресметува дека ако железничкиот транспорт не се реформира, долгот ќе се зголеми за дополнителни 100 милиони евра во следните десет години. (В.Г.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Здравствено предупредување во Велика Британија поради студеното време
Четиридневно здравствено предупредување поради студеното време е на сила во Велика Британија од денес, а Метеоролошката служба предупреди на снег и мраз.
Предупредувањето на Агенцијата за здравствена безбедност на Велика Британија ги опфаќа централните и северните области на земјата и трае до понеделник во 8 часот наутро, објавува „Sky News“.
Метеоролошката служба објави дека арктичката морска воздушна маса донесе постудени услови и издаде жолто ниво на предупредување за снег и мраз.
Оваа состојба ја опфаќа практично цела Шкотска и поголемиот дел од северна Англија.
„На локациите над 200 метри во Шкотска и северна Англија може да се видат 2-5 см снег, но на локациите над 300 метри може да се видат двојно повеќе, дури и до 10 см“, изјави главниот прогнозер на Метеоролошката служба, Џејсон Кели.
Утре низ целата земја се предвидува утро со мраз и температури под нулата, а на некои места се очекува сув ден, прв од почетокот на годината, имајќи ја предвид големата количина на врнежи од почетокот на јануари.
Северна Ирска, исто така, го забележа највлажниот јануари во последните 149 години, според „Скај њуз“.
Метеоролошката служба најави дополнителни дождови, силни ветрови и снег во северните области.
Европа
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО во Арктикот
Данска ќе обезбеди четири борбени авиони Ф-35 за мисијата на НАТО „Арктички стражар“, изјави данскиот министер за одбрана Троелс Лунд Поулсен.
НАТО во среда објави дека ја започнал мисијата за зајакнување на своето присуство на Арктикот, како дел од напорите за намалување на тензиите во рамките на алијансата предизвикани од желбата на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата врз Гренланд од Данска.
„Нашиот придонес (со борбени авиони Ф-35) го зајакнува целокупното присуство во регионот и ја нагласува улогата на Данска како активен сојузник на Арктикот и Северниот Атлантик“, рече Поулсен во соопштението.
Министерот им рече на новинарите пред Минхенската безбедносна конференција дека очекува и САД да придонесат во мисијата на НАТО.
НАТО започна со планирање на мисијата откако Трамп и генералниот секретар Марк Руте се сретнаа во Давос минатиот месец. По таа средба, Трамп ги повлече заканите за царини за европските земји и ја исклучи употребата на сила за преземање на контролата врз Гренланд.
Руте и Трамп се согласија во Давос дека НАТО треба да преземе поголема одговорност во Арктикот, со оглед на руските и кинеските амбиции во областа.
Свет
Зеленски потпиша: Украина воведува санкции за 91 брод од руската „флота во сенка“
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, потпиша указ за спроведување на одлуката на Советот за национална безбедност и одбрана за воведување санкции врз 91 брод кои се дел од таканаречената руска „флота во сенка“, објави Канцеларијата на претседателот на Украина.
Канцеларијата забележува дека Русија ги користела овие бродови за транспорт на нафта и нафтени деривати од руските пристаништа до трети земји, пренесува Укринформ.
Како што е наведено, ова е направено со заобиколување на санкциите на Европската Унија, Г7 и други земји, што е потврдено од резултатите од мониторингот во Црното, Црвеното и Балтичкото Море.
Санкцираните бродови пловеле под знамињата на околу 20 земји, наведува Укринформ, додавајќи дека само едно од нив било руско, а другите биле знамињата на Панама, Либерија, Камерун, Барбадос, Маршалските Острови, Хонг Конг, Сиера Леоне, Тонга, Палау, Гвинеја, Коморите, Бахамите, Индонезија, Малави, Гвинеја-Бисао, Џибути, Гвајана и Есватини.
„Украина ќе им обезбеди релевантни информации на овие земји, а исто така ќе соработува со партнерите за понатамошна синхронизација на санкциите во нивните јурисдикции. Од оваа листа на бродови, 27 веќе се под санкции од партнерите – САД, Велика Британија, Швајцарија и Европската Унија. Работата за воведување санкции за преостанатите 64 ќе продолжи“, забележува публикацијата.
Кабинетот на претседателот нагласува дека воведувањето санкции врз „флотата во сенка“ е приоритет, бидејќи овозможува да се изврши притисок врз секој што транспортира руска нафта и со тоа ѝ помага на Русија да добие средства за финансирање на војната против Украина.
„Танкерите на „флотата во сенка“ се клучна алатка за заобиколување на санкциите за нафта, па затоа нивната идентификација и воведувањето санкции против нив мора да се изврши брзо и без исклучок. Секој таков брод мора да се смета за елемент на финансирање на руската воена машинерија“, рече Владислав Власјук, советник и комесар на претседателот за политика на санкции, пренесува Танјуг.

