Свет
МРТВ доби нова управа спроти штрајкот
Решението за тешката финансиска криза во државната радио-телевизија ќе биде првиот жежок костен за новото раководство
Решението за тешката финансиска криза во државната радио-телевизија ќе биде првиот жежок костен за новото раководство
Универзитетскиот професор и писател Веле Смилевски, Соња Чижбановска, инспекторка во Управата за јавни приходи, правникот Ванчо Костурски, Џелал Незири, филолог од Тетово, Леонид Наков, асистентот на економскиот факултет во Скопје и Дејан Станковски, адвокат, се избрани за членови, а Зекир Селими, адвокат од Кичево, за претседател на Управниот одбор на Македонската радио-телевизија (МРТВ) на конкурсот што го распиша Советот на јавниот радиодифузен сервис.
Новиот Управен одбор се формира во време на тешка финансиска криза во МРТВ и најава за генерален штрајк на вработените во следната недела поради неисплатени неколку плати, хранарини и придонеси за здравствено осигурување. Синдикатот закажа штрајк откако раководството на МРТВ не успеа да најде пари за плати. Владата во заминување по писменото барање од МРТВ наместо да даде пари за ненаплатената радиодифузна такса, препорача ревизори за да го прочешлаат финансиското работење на јавниот сервис. На околу 1.000 вработени последна плата што ја примиле им е мартовската, а им беше исплатена на крајот од мај. Пред петнаесетина дена добија по 3.000 денари хранарина.
Најавениот штрајк го поддржа и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и изразува жалење што ситуацијата во МРТВ е толку влошена што таа не може да ги остварува ниту своите најелементарни функции на јавен информативен сервис. Претседателот на ЗНМ, Иван Андреевски, вели дека целосно ги поддржуваат барањата на вработените, особено поради тоа што тие се од социјален карактер.
– Здружението на новинарите ќе побара од Владата и од Собранието, како основач на МРТВ, да му помогнат на Советот и на другите органи на куќата, МРТВ побргу да излезе од тешката економска криза и, конечно, да заземе сопствена независна позиција од какво и да е политичко влијание – вели Андреевски.
Синдикатот на графичка, информативна, филмска, издавачка дејност и производство на хартија (ГИФИХ) побара Владата итно да го ревидира финансиското работење на МРТВ. ГИФИХ ќе побара тоа во најкус можен рок да го направи Државниот завод за ревизија ако Владата не ја реализира одлуката за ревизија. Според Синдикатот, покрај утврдувањето на финансиската состојба во МРТВ, треба да се предложат и конкретни активности за реализација на барањата на вработените за исплатата на заостанатите плати и придонеси.
Членовите на Управниот одбор се со мандат од пет години, со право на уште еден избор. Управниот одбор, во рок од 30 дена од неговиот избор ќе распише јавен конкурс за избор на извршен директор на МРТВ и на заменик на извршниот директор.
Управниот одбор ја следи успешноста на работењето на МРТВ, го одобрува планот за работа, го следи спроведувањето на годишниот финансиски план, предлага статут на МРТВ, ја предлага завршната сметка, на Советот на МРТВ му поднесува годишен извештај за работењето, го донесува правилникот за организација и систематизација, правилникот за плати и други надоместоци и врши други работи утврдени со закон и со Статутот на МРТВ.
Марјан Блажевски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Русија го казни „Гугл“ со 20.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000 долари
„Гугл“ треба да плати сума од 20.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000.000 долари поради забраната на руските државни медиуми на Јутјуб, одлучи рускиот суд.
Иако „Гугл“ е најбогатата компанија во светот, оваа сума е значително повисока од нејзината вредност од два трилиони долари.
Всушност, таа е поголемa од целиот светски бруто домашен производ, кој Меѓународниот монетарен фонд го проценува на 110 трилиони долари.
Казната стана толку голема затоа што се удвојува секој ден на неплаќање, објави државната новинска агенција „ТАСС“.
Не можам ни да ја изговорам оваа бројка, но апелирам менаџментот на „Гугл“ да внимава, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе „ТАСС“.
Компанијата сè уште не ја коментирала казната ниту одговорила на прашањата на Би-Би-Си.
Казната која му е изречена на Гугл се однесува на забраната за објавување содржини за 17 руски медиуми на Јутјуб, објави руски РБЦ.
Забраната беше воведена во 2020 година, а потоа се прошири кога почна војната со Украина во 2022 година.
Оттогаш, повеќето американски компании се повлекоа од Русија, додека бизнисот во оваа земја е строго ограничен со санкции.
Руските медиуми се забранети и во Европа, поради што Русија воведе контрамерки.
Казната што ја доби Гугл е продолжение на повеќегодишниот конфликт меѓу Русија и американската компанија.
Роскомнадзор, руското регулаторно тело за медиуми, го обвини Гугл во мај 2021 година за ограничување на пристапот до руските медиуми, вклучувајќи ги Спутник и РТ.
Свет
Уапсен маж поради кражба на сирење од 360.000 евра, лажно се претставувал како дистрибутер и барал 22 тони
Маж (63) е уапсен под сомнение дека е вмешан во кражба на чедар (вид тврдо сирење), вредно 360.000 евра во областа Саутварк во Лондон и е обвинет за лажно претставување и ракување со украдена стока, соопшти денеска полицијата.
Полицијата ја истражува кражбата на сирење од млекарницата Нилс Јард, од која минатата недела измамник побарал да испорача 22 тони сирење, претставувајќи се како легитимен дистрибутер на големо на голем француски малопродажен синџир.
Во соопштението на полицијата се наведува дека осомничениот маж бил одведен во полициска станица во јужен Лондон каде бил сослушан, објави Скај њуз.
Полицијата, исто така, соопшти дека мажот бил ослободен по сослушувањето во очекување на дополнителна истрага.
Млекарницата „Нилс Јард“ објави дека открила дека идентитетот на лицето бил лажен дури откако биле испорачани вкупно 950 сирења, вклучително и три вида занаетчиски сирења: Хафод Велш, Весткомб Чедар и Чедар Пичфорк.
Тие сирења се продаваат по цена од 8,5 до 15,5 евра за мало парче.
Млекарницата Нилс Јард, со седиште во Лондон, продава британски и ирски сирења од 1980-тите и има четири продавници во градот, како и онлајн.
Компанијата додаде дека нивните сирења имаат освоено бројни награди и се меѓу најбараните занаетчиски сирења во ОК, и дека нивната висока парична вредност ги направила „посебна цел на крадците“.
Свет
Зеленски: Украинските и севернокорејските војници ќе се судрат за неколку дена
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изјави дека очекува судири меѓу севернокорејските и украинските војници за неколку дена, пренесува „Њузвик“.
Во интервју за Корејскиот радиодифузен систем, јужнокорејската национална телевизија, Зеленски рече: „До сега, севернокорејските трупи не учествувале во битки. Тие се подготвуваат да учествуваат во битките во Курск“.
Западните лидери изразија загриженост поради извештаите дека Северна Кореја испратила околу 10.000 војници за да и помогне на руската воена кампања во Украина, што ја зголеми загриженоста дека продлабочувањето на учеството на Пјонгјанг во европската војна може да го дестабилизира Индо-Пацификот, особено влијаејќи на безбедносната динамика која ги вклучува Јапонија и Австралија.
Зеленски потврди дека неодамна разговарал за ова со јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол, предупредувајќи го дека околу 3.000 севернокорејски војници се веќе стационирани во близина на украинската линија на фронтот, со очекувања дека оваа бројка наскоро може да се искачи на 12.000.
Во меѓувреме, портпаролот на американското Министерство за одбрана, генерал-мајор Пат Рајдер изјави во вторникот дека релативно мал број севернокорејски војници пристигнале во рускиот регион Курск, каде што руските сили се борат против украинските контраофанзиви.
Тој додаде дека дополнителен контингент од илјадници моментално е на пат кон областа.