Свет
Како државните пари завршија кај Агрон Бајрами?
Антикорупциската комисија ќе испитува на каков начин и зошто Агрон Бајрами, поранешен сопственик на струшката пилана „Караорман“, пред две недели преку судски извршител наплатил 800.000 евра од буџетот.
АНТИКОРУПЦИСКАТА ЌЕ ИСПИТУВА
Александра К. Мишовска
Антикорупциската комисија ќе испитува на каков начин и зошто Агрон Бајрами, поранешен сопственик на струшката пилана „Караорман“, пред две недели преку судски извршител наплатил 800.000 евра од буџетот. Антикорупционерите ќе треба да утврдат има ли злоупотреба и дали Министерството за економија и Јавното правобранителство направиле се за да ги заштитат државните пари. Бајрами доби 800.000 евра, пари што барал државата да му ги врати бидејќи во 1995 година Агенцијата за приватизација му ја продала „Караорман“ со нерешени имотноправни односи.
– Случајот ќе го испитуваме откако ќе ги комплетираме сите документи од Министерството за економија, од правобранителството и од Народната банка. Првичните наоди можат да се очекуваат многу брзо – изјави Михајло Маневски, претседател на комисијата. Според нашите информации, високи претставници на Министерството за економија веќе контактирале со членови на комисијата. Сите сознанија со документите за случајот веќе се испратени до антикорупционерите. Во Министерството тврдат дека не станува збор за криминал и дека тие не можеле да сторат ништо за да спречат парите од нивната сметка да се префрлат на сметката на бизнисменот.
Извори од Народната банка за „Време“ тврдат дека во случајов најголемата одговорност треба да се бара во Јавното правобранителство. Според нивните изјави, реакцијата на правобранителството била задоцнета и во време кога никој не можел да спречи парите да ги земе Бајрами. Тој уште во јануари годинава писмено се обратил до Министерството за економија (еден од правните наследници на Агенцијата за приватизација) и предложил надлежните доброволно да му ги исплатат парите. Правобранителството испратило реакција за ревизија на случајот до Врховниот суд дури три месеци подоцна, односно на 10 април годинава. Тогаш ниту Народната банка ниту налогот од Основниот суд Скопје 1 не можеле да ја запрат трансакцијата.
Случајот „Караорман“ е еден од трите поголеми во кои огромни суми државни пари се излеаја во касата на едно лице. Иако Бајрами ја купил пиланата во 1996 година, по пет години ја тужел Агенцијата за приватизација оти му продала фабрика на општината Струга. Бајрами тогаш за пиланата платил 1,5 милион германски марки и сега си ги врати парите.
Годинава државата го обесштети и овчарот Иснифарис Џемаили, и тоа со 730.000 евра, а на бизнисменот-сопственик на „Упа ентерпрајс“ му исплати повеќе од милион евра.
Антикорупционерите и бизнисмените веќе се сомневаат дека причината за тоа што државните пари не се заштитени е неажурноста на Јавното правобранителство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Нови снимки од Бејрут: Хотел тешко оштетен во израелски напад
Нови снимки од либанската престолнина Бејрут покажуваат сериозни оштетувања на хотел во населбата Хазмие, источно од центарот на градот, додека израелските напади продолжуваат.
На снимките се гледа тешко оштетена фасада на хотелската зграда по нападот.
Hazmieh now pic.twitter.com/Q1lN9MoKlC
— Pheebs (@galpalpheebs) March 4, 2026
Фото: ЕПА
Свет
Мерц: Трамп ме увери дека американската војска ќе остане во Германија
Американскиот претседател Доналд Трамп потврдил дека САД планираат да ја задржат својата воена присутност во Германија, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц по средбата со него во Белата куќа.
„Трамп уште еднаш ме увери дека САД имаат намера да ја задржат својата воена присутност во Германија“, изјави Мерц во Вашингтон, додавајќи дека тоа се добри вести.
Во последните месеци се шпекулираше дека, поради критичкиот став на Трамп кон Европа, би можело да дојде до повлекување на американските трупи од Германија.
Мерц рече дека со Трамп разговарале и за подобра организација на заедничкото одвраќање пред самитот на НАТО во Анкара во јули.
Тој додаде дека Трамп признал дека Германија презела водечка улога во зајакнувањето на европскиот столб на НАТО и дека САД го почитуваат германското вложување во војската.
Свет
Израел погодил станбена зграда во Либан, најмалку четворица загинати
Најмалку четири лица загинале, а шест се ранети во израелски напад врз четирикатна станбена зграда во источниот либански град Баалбек, јави либанската државна агенција ННА.
Спасувачките екипи работат на извлекување луѓе од под урнатините.
Нападот доаѓа по ескалацијата на борбите долж либанско-израелската граница, откако Хезболах испалил дронови и ракети кон Израел. Од тогаш групата продолжила со ракетни напади, а Израел извршил низа воздушни удари низ Либан и испратил војници на југот.
Хезболах соопштил дека неговите борци испалиле голем број ракети кон израелски сили во близина на градот Метулa, како одговор на израелските напади врз десетици либански градови.
Израелската војска во средата ги предупредила жителите на 16 села во Либан да се евакуираат.
Според либанското министерство за здравство, од почетокот на последната ескалација во израелските напади загинале најмалку 50 луѓе, а 335 се ранети.
Фото: ЕПА

