Свет
Драма со „Макпетрол" – акциите вртоглаво растат на Берзата
Анонимни вработени акционери тврдат дека постои усна забрана да се продаваат акции, компанијата целосно демантира
Анонимни вработени акционери тврдат дека постои усна забрана да се продаваат акции, компанијата целосно демантира
Дел од вработените, пак, велат изворите што не сакаат да зборуваат со име и презиме, биле прераспоредени на полоши работни места. Истите анонимни извори изјавуваат дека, наводно, сега во компанијата било и усно најавено оти оние што, сепак, ќе продолжат да продаваат акции и во август, ризикуваат дури и да го изгубат своето работно место.
Во компанијата комплетно ги демантираат овие информации. „Сите овие наводи воопшто не се точни. Станува збор за чисти шпекулации", изјавија вчера официјално од нафтената компанија.
Брокерите на Берзата, пак, сметаат дека дефинитивно се случува нешто необично со акциите на македонската нафтена компанија. Тие велат оти има енормно висока побарувачка за акциите на „Макпетрол", а од друга страна, мал е бројот на оние што продаваат. Тоа практично и ја качува цената. Таа е порасната повеќе од двојно за исклучително кусо време. Во речиси сите денови во изминатиов месец се тргуваше со мали количества акции. На пример, вчера биле продадени само 20 акции, завчера 217, во понеделникот 70, а во петокот минатата недела се истргувани само 29 акции.
Познавачите велат дека, со оглед на пријавените купувачи, веќе е извесно оти и денес може да се очекува пораст од 10 отсто, што ќе ја крене цената на акциите на „Макпетрол" и до фантастични 1.000 евра за акција.
Кога има ваков невообичаена јагма за акциите на одредена компанија, се претпоставува дека за неа е заинтересирана странска фирма или домашен играч. Но, во своето известување што го испрати вчера до Берзата, „Макпетрол" потенцира дека тие немаат какви било ценовно чувствителни информации што би го оправдале ваквиот континуиран пораст.
Извори од брокерскиот бизнис, купувачите на акциите ги лоцираат најмногу во словенечките и хрватските фондови или физички лица кои, како што е познато, жестоко „напаѓаат" преку берзата на нашите најголеми и најуспешни компании од пред неколку месеци. Тие фондови веќе имаат извесни, дури и позначајни акционерски пакети во нашите најголеми фирми и банки, па некаде достигнуваат дури и до 10 отсто. Дали зад нив стојат и домашни играчи, брокерите не сакаат ниту да потврдат ниту децидно да демантираат, но се сомневаат дека „некој од кај нас би купувал акции од ’Макпетрол‘ со толку висока цена". Фактот што сакаат да влезат многу странски фондови, за брокерите може да биде една од причините поради кои врвот на компанијата би сакал да се заштити. Инаку, во „Макпетрол" над 5,56 отсто акции има само самата фирма, во вид на сопствени акции. Нема друг поединечен акционер со над пет отсто.
Руската нафтена компанија „Лукоил" од поодамна имаше интерес за влез во нафтената компанија. Дали евентуално и тие се сега во игра за акциите, не е познато, но се тврди дека рускиот гигант не би купувал по оваа цена, бидејќи тие од поодамна најавиле дека се заинтересирани до цена од 400 евра.
Инаку, од „Макпетрол" вчера ја информираа и Берзата дека откако беше регистрирана „ГА-МА" како акционерско друштво, во кое 50 отсто има „Макпетрол", а 50 проценти државата, било извршено прекнижување на недвижниот и подвижниот имот од билансите на „Макпетрол", во согласност со новонастанатата состојба. Државата и нафтената компанија долго време водеа спор за гасоводот, па се изнајде привремено решение да се формира акционерско друштво, во кое тие ќе имаат пола-пола, сж додека не заврши конечно судскиот спор, кој ќе покаже која од двете страни е во право дека поседува над 51 процент. Вредноста на гасоводот е 37,6 милиони евра, па „Макпетрол" учествува во главнината на „ГА-МА" со 18,8 милиони евра.
Токму фактот што од пред околу еден месец на некој начин почна да се „средува" состојбата со гасоводот, одделни познавачи го гледаат како една од причините за големата побарувачка на акциите на „Макпетрол" и рапидниот пораст на нивната цена. (Н.Н.Ф.)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Избран е новиот врховен лидер на Иран
Иранското Собрание на експерти го избра Моџтаба Хосеини Хамнеи за нов врховен лидер на Исламската Република, објавува Иран Интернешнл.
Овој историски и клучен политички потег за иднината на земјата дојде само неколку дена откако неговиот татко, долгогодишниот ајатолах Али Хамнеи, беше убиен во разорен израелски воздушен напад рано наутро во саботата.
Моџтаба Хамнеи е најстариот син на убиениот врховен лидер и личност со исклучително длабоки корени во безбедносниот и воениот апарат на државата.
Уште како млад човек, тој активно учествувал во крвавата војна Иран-Ирак, борејќи се токму во редовите на Револуционерната гарда. Неговото влијание особено се зајакна кога го презеде оперативното водство на озлогласената паравоена организација Басиџ, милиција која одигра клучна и брутална улога во насилното задушување на масовните антивладини протести по спорните претседателски избори во 2009 година.
Неговото официјално назначување на највисоката верска и политичка позиција во земјата испраќа недвосмислена порака до Западот, но и до домашната јавност, дека иранското раководство не планира никакви отстапки или поумерени политики во наредните денови.
фото/Depositphotos
Регион
Вучиќ лут на граѓаните: „Отидоа да се сончаат во Дубаи и не ме слушаа што зборував“
Првиот авион со патници од Дубаи слета во Белград рано утрово, а вториот се очекува во текот на ноќта. Српскиот претседател Александар Вучиќ е лут на граѓаните кои, како што вели, не го послушале, иако немало официјално државно предупредување против патување на Блискиот Исток, пишува N1 Белград.
„Сите оние кои се сончаа во Дубаи и не ме слушаа што зборував сега ќе ги бараат виновниците во нас, кои им помагаат да се извлечат од сето ова“, рече српскиот претседател.
Првото враќање од Емиратите до Србија беше успешно, иако летот беше одложен за неколку часа и помина подолг пат преку Оман. Патниците ја опишуваат хаотичната ситуација.
„Никој не не контактираше. Неколку пати се јавив во амбасадата, но немаа информации. Бевме сами“, рече еден од патниците. Други додадоа: „Не излеговме ниту се движевме многу. Амбасадорот не посети и тоа беше тоа.“
Еден патник рече: „Беше хаотично и воопшто не беше безопасно. Никој не ни зборуваше, но ниту ние не го очекувавме тоа. Сè решивме во лет.“ Сите се согласуваат за едно: „Секој може да каже што сака, но ситуацијата не беше безопасна.“
Дека ситуацијата не беше безопасна потврдуваат и експертите кои го следеа летот. „Безбедносните услови за тој лет не беа добри. Само 25 минути по полетувањето, целиот воздушен простор на Емиратите беше затворен бидејќи Министерството за одбрана објави дека бараж од балистички ракети се движи кон Емиратите“, вели Петар Војиновиќ од порталот „Танго Сикс“.
Ситуацијата на терен е непредвидлива, но оние што живеат и работат во Емиратите ја доживуваат поинаку од туристите.
„Градилиштето работи, има повеќе сообраќај на улиците, трговските центри се отворени, Бурџ Калифа не е евакуирана. Фала му на Бога, сè е нормално“, вели агентот за недвижности Милан Станиќ.
ИТ експертот Милан Шариќ размислува слично: „Жал ми е за туристите, нивната ситуација е поинаква. Тие се на аеродромот, слушаат звуци, не ѝ веруваат на владата тука, а за нив сè е различно“.
фото/Depositphotos
Свет
Иран: Сè уште не сме го употребиле нашето најнапредно оружје
Иран е подготвен за долга војна против САД и Израел и сè уште не го употребил своето најнапредно оружје, соопшти денес иранското министерство за одбрана.
„Имаме капацитет да се спротивставиме и да продолжиме со офанзивната одбрана подолго отколку што непријателот планираше за оваа наметната војна“, изјави портпаролот на министерството, Реза Талаеи-Ник, цитиран од официјалната новинска агенција ИРНА.
„Немаме намера да го распоредиме целото наше напредно оружје и опрема во првите неколку дена“, додаде тој.
Во меѓувреме, Револуционерната гарда вечерва објави дека испалила уште еден пламен од ракети кон Израел.
„Шеснаесеттиот бран на „Операција Вистинско ветување 4“ започна со голем број ракети и беспилотни летала лансирани од Воздухопловните сили на Револуционерната гарда кон срцето на окупираните територии“, се вели во соопштението, осврнувајќи се на Израел.
фото/Depositphotos

