Свет
Мехази се вади на правобранителот
За незаконската исплата од сметката на Министерството за транспорт министерот дознал од ревизорите
СКАНДАЛ „УПА“
За незаконската исплата од сметката на Министерството за транспорт министерот дознал од ревизорите
Министерот за транспорт и врски Џемали Мехази ги отфрла забелешките во извештајот на државните ревизори објавени завчера, според кои тој не презел ништо за да ја спречи незаконската исплата на „УПА Ентерпрајс“. Тој вели дека за случајот во кој на скопската фирма „УПА Ентерпрајс“ и’ се исплатени 1,2 милион евра дознал дури по донесувањето на решението за присилна наплата од сметката на Министерството, но тогаш не знаел дека исплатата е незаконска.
Во извештајот на државните ревизори, објавен завчера, стои дека ниту јавниот правобранител ниту министерот за транспорт и врски не реагирале за да ги заштитат државните интереси.
Во него се вели дека Мехази не реагирал иако навреме бил информиран за целиот предмет, пред добивањето на решението за присилна наплата, ниту пак подоцна не поднел претставка до Врховниот суд за преиспитување на целиот случај, за што постоеле и основани сомневања.
Министерот за транспорт и врски Мехази, пак, вели дека за тоа дали исплатата е законска или не требало да ги информираат од Јавното правобранителство, кое е задолжено правно да ги застапува сите државни институции.
– Никој во Министерството не може да знае дали исплатата е законска или не. Немаме добиено никакви информации за случајот за да можеме да реагираме. Откако ревизорите од Државниот завод за ревизија ни укажаа дека исплатата е незаконска, пративме писмо до Јавното правобранителство во кое од него бараме да постапи согласно со законите и да побара поврат на исплатените средства – тврди Мехази.
Министерот за транспорт не ја коментира забелешката во ревизорскиот извештај според која, поради неусогласеноста и некоординираноста во работата на судовите, постои опасност во наредниот период да се случи дополнителна неоснована исплата на буџетски средства во износ од 97 милиони денари.
Тој посочува дека министрите не знаат за судските процеси што се водат против министерствата и дека е можно во секој момент да се блокира нивната сметка за да се изврши присилна наплата за некој судски спор.
– Тоа е голем проблем што може да ја блокира работата на Министерството, бидејќи во случај на големи исплати, како што е и случајот со „УПА Ентепрајс“, Министерството нема да може да ги извршува редовните исплати. Можно е и без плати да останат вработените во Министерството. Затоа треба сериозно да се бара начин што да се прави во вакви случаи. Можеби треба да се формира посебна сметка во рамките на буџетот за исплати или, пак, да се формира посебно тело што ќе ги координира сите тие активности. Во спротивно, со оглед на тоа дека парите од буџетот се однапред испланирани, останува можноста со присилна наплата да се блокира работата и исплатата на тековните обврски – смета Мехази.
По една судска наплата во 2005 година тој побарал информации од Јавното правобранителство за сите случаи што се водат против Министерството, за да може да ги планира средствата од буџетот, но не добил такви информации.
Александар Димишковски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Израел: Способноста на Иран да лансира ракети ќе биде значително нарушена
Израел очекува способноста на Иран да испали балистички ракети да биде значително нарушена во следните 24 часа, изјавија двајца израелски функционери, како резултат на зголемените напади на САД и Израел. Според нив, се очекува фреквенцијата на иранските ракетни напади да се намали до вторник вечерта и да бидат испукани помалку ракети кон Израел, пренесуваат медиумите во регионот.
Во првите три дена од војната, САД и Израел погодија повеќе од 1.200 цели. Се очекува тој број да се удвои до вторник, по она што официјалните лица го опишаа како неуморно темпо на напади што започна во понеделник и се очекува да продолжи во текот на ноќта.
Еден од функционерите рече дека се очекува нападите на американските и израелските сили во понеделник вечерта да бидат насочени кон ракетни лансери, сили за внатрешна безбедност и цели на Револуционерната гарда. Американските и израелските функционери денес нагласуваат дека темпото и успехот на воздушната кампања досега ги надминале сите очекувања.
Свет
Иранската револуционерна гарда: „Непријателот нема да биде безбеден никаде во светот, дури ниту во своите домови“
Иранската револуционерна гарда, паравоена формација на која се потпира исламската влада во Техеран, денес се закани, по повод американско-израелските напади врз Иран, дека ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“ и дека непријателите нема да бидат безбедни „никаде во светот, дури ни во своите домови“, објавува CNN.
Како што објави иранската државна телевизија, Иранската револуционерна гарда соопшти дека неодамнешната загуба на врховниот лидер ајатолахот Ал Хамнеи и други високи функционери „не го потресе (Иран), туку само го направи посилен“.
Високо вооружената и организирана гарда – која постои паралелно со иранската армија и вклучува доброволни одреди – вети во соопштение дека Иран ќе продолжи да се бори „додека непријателот не биде поразен“.
„Непријателот треба да знае дека неговите среќни денови се завршени и дека повеќе нема да бидат безбедни никаде во светот, дури ни во своите домови“, се додава во соопштението што го пренесе CNN.
Регион
Дачиќ симнат од респиратор
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ денес е симнат од механичка вентилација, пренесува „Блиц“.
Медиумот пренесува дека министерот за здравство Златибор Лончар денес изјави дека здравствената состојба на министерот за внатрешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија Ивица Дачиќ е подобра отколку што беше, додавајќи дека постојат причини за оптимизам, но и дека мерките за интензивно лекување и терапија продолжуваат.
„Неговата моментална состојба е подобра отколку што беше, што ни дава причина за оптимизам. Важно е што сè уште има многу работа да се направи, мерките за интензивно лекување и примената на интензивна терапија продолжуваат. Тоа е она што ќе го кажам во овој момент, а луѓето што го лекуваат ќе го објаснат подетално во текот на денот“, изјави Лончар за новинарите по посетата на здравствениот центар Вождовац.

